Во Општина Центар синоќа со низа предлози, сугестии и конструктивна дискусија на граѓаните и општинската администрација заврши последната сесија на буџетскиот форум за креирање на буџетот за наредната 2024 година.
На финалната буџетска сесија имаше предлози и од областа на образованието, како што се дигитализација на училиштата, отворање научно-компјутерски центар, промоција и наградување на училишниот спорт, а се расправаше и за горливите проблеми, како што се паркирањето, бучавата од клубовите, узурпирањето на јавниот простор од страна на дуќаните и кафулињата.
Воедно граѓаните, како што соопшти Општина Центар, побараа решение за затворање на улица „Боемска“ и урбанизирање на делот зад Градежниот и Архитектонскиот факултет за да се добие побезбеден пристап на децата до Основното училиште „Коле Неделковски“.
Градоначалникот Горан Герасимовски посочи дека интензивно се работи за надминување на овој проблем и најави уривање на бараката зад факултетот како дел од новото сообраќајно решение.
-Остваривме средби со деканите на Градежниот и на Архитектонскиот факултет, како и со ректорката на УКИМ за да изнајдеме решение. Се согласивме дека треба да се искористи просторот зад факултетот, да се отстрани бараката и да се направи свртница која ќе биде функционална, најави Герасимовски.
Локалната самоуправа го поддржа и предлогот на граѓаните од претходната буџетска сесија одржана во ноември за хортикултурно и партерно уредување на населбата Капиштец, за што веќе се обезбедени 25 милиони денари.
-Овој проект на потегот од паркингот „Зебра“ до паркот „Капиштец“ ќе ја разубави населбата со ново зеленило, осветлување и со ново партерно уредување. Општина Центар и Капиштец го заслужуваат тоа, потенцира Герасимовски.
Од Општина Центар нагласуваат дека преку редовните буџетски форуми, транспарентно и отчетно ги дефинираат приоритетите и проектите за поквалитетен живот на граѓаните.