Вкупно 919 компании во изминатите шест години инвестирале над 500 милиони евра, а за нив се исплатени 100 милиони евра државна финансиска поддршка. Ова е целокупното портфолио на Законот за финансиска поддршка на инвестициите (ЗФПИ), соопшти денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Како што истакна Битиќи на прес-конференција во Владата, од 2020 година реализирана е 100-процентна исплата на државната помош, а оваа година е исплатена рекордна сума или 39,6 милиони евра кон 513 компании кои во 2022-ра реализирале 153,3 милиони евра инвестиции.
Годинава, напомена вицепремиерот, има и најголема регионална распределба, 63,3 проценти од поддршката се кон фирми надвор од скопскиот регион.
Битиќи потсети дека Планот за економски раст е воведен во 2017 година и првите исплати кон компаниите се направија на крајот на 2018 година.
-До воведувањето на Законот за финансиска поддршка на инвестициите (ЗФПИ) беа поддржани нула компании. ЗФПИ донесе и еднаков третман на домашните и странските фирми, подвлече Битиќи на прес-конференција во Владата на која присуствува и министерот за економија Крешник Бектеши.