Премиерот Ковачевски истакна дека проектот предвидува целосна реконструкција на сите 9 државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид.
„Со овие капитални инвестиции, на дело покажуваме дека позитивните промени се возможни и решаваме децениски горливи прашања, затоа што имаме соработници и поддршка од држави во Европската Унија за реализација на конкретни проекти за студентите. Оваа Влада континуирано работи на подигнување на студентскиот стандард, затоа што знаеме дека студентите се иднината и движечката сила на нашата држава. Стипендиите за студентите од 2021 година, се изедначени на ниво од 6.050 денари месечно, што значи пораст во однос на тоа што претходно се доделуваше како износ од 3.300, 4.000, 4.400 денари. Вкупниот годишен буџет за оваа намена – доделување на студентски стипендии се зголеми за 65%. Ако претходно на годишно ниво се исплаќаа 117 милиони денари, во 2021 се исплатија 179 милиони денари и овој тренд продолжи и во 2022 и 2023 година. Воведовме нови категории на студентски стипендии во 2022 година и истата изнесува и до 18.000 денари месечно, за оние кои се запишани на додипломски студии од областа на земјоделските, шумарските и ветеринарните науки на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во земјата. За првпат воведовме субвенциониран оброк за студентите. Согласно Законот за субвенциониран студентски оброк доделуваме финансиски средства на сите редовни студенти на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на нашата земја, тоа се 30.000 студенти кои добиваат вкупен месечен износ од околу 3.000 денари”, истакна Ковачевски во своето обраќање.
Министерот за образование и наука Шакири, истакна дека сите досегашни процедури за реализација на Проектот ги водевме согласно правилата на Германската развојна банка.
„Согласно утврдената динамика, реконструкцијата на студентските домови ќе се одвива во три фази. Во првата фаза, почнуваме со студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје, а нивната реконструкција е предвидено да трае 18 месеци и за оваа фаза денеска потпишуваме договор со економски оператор кој достави најповолна понуда. При тоа, предвидена е промена на водоводната инсталација во домовите и отстранување на причините за појава на влага во објектите, промена на комплетната електрична инсталација и поставување на енергетски ефикасни LED светилки, промена на инсталацијата за греење, комплетна промена на санитаријата, изработка на енергетски ефикасни фасади на објектите, поставување на фотоволтаици за производство на електрична енергија. Она што посебно сакам да го нагласам, е опремувањето на соби за студенти со посебни потреби. Би сакал да изразам искрена благодарност до сите кои придонесоа овој значаен проект да дојде до фаза на реализација“, рече Шаќири.
Заменик амбасадорот на Германија Ото Граф, истакна дека Германија силно ја поддржува Северна Македонија во нејзините напори за декарбонизација.
Вршителот на работи амбасадор на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Штефен Худолин истакна дека следејќи ја Зелената агенда и Економскиот план за инвестиции, Комисијата ги претвора климатските промени и предизвиците поврзани со животната средина во можности за сите области на политиките и ја прави транзицијата правична и инклузивна за сите.




