Две лица ги загубија животите од повреди задобиени во сообраќајната несреќа што утрово се случи на магистралниот пат Гостивар – Кичево во близина на каменоломите, информираат од СВР Тетово.
Сообраќајната несреќа била пријавена утрово (5 јануари) во 7 часот и 10 минути на магистралниот пат Гостивар-Кичево, во непосредна близина на отворените сепарации (каменоломи).
– Во сообраќајна несреќа во која учествувале две патнички моторни возила: „ауди“ со странски регистарски ознаки управувано од Е.З (42) од Кичево и „шкода“ со скопски ознаки што ја управувал Ш.Н.(48) од тетовско Камењане. Во несреќата, од здобиените повреди, двајцата возачи починале на местото, а смрт констатирале лекари од гостиварската Итна помош, наведува Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.
Јавен обвинител и екипа од гостиварското Одделение за внатрешни работи извршиле увид на местото.
Повеќе од два часа заради увид на местото, сообраќајот беше во прекин во двата правци.