Пишува: АНА ВАСИЛЕВСКА
Демократијата не смее да биде оттурната далеку на брегот како превртен чамец пред разулавеното цунами на екстремната десничарска сила.
Фашистичкиот поздрав на стотици поддржувачи на Мусолини на 7 јануари во центарот на Рим е само еден од многуте аларми што се провлекуваат децении по завршувањето на пеколот од втората светска војна. Духовите на екстремно ориентираните националисти не мируваат а денес како никогаш досега имаат „плодно“ тло лесно да го разгорат огнот на фашизмот. Оваа страотна проекција на можноста да се потклекне на примитивните реторики кои се сведуваат на заеднички именител на „непријателот“ што е наводна закана за заборавениот народ – мигрантите- мора да се сопре пред да биде доцна. Популизмот и кокетноста со економската рецесија предизвикана од Ковид-19 и војната во Украина добија димензија на дежа ву памфлети со кои мафташе хитлеровата матрица пред почетокот на војната. Разбирливо е дека миграцијата, особено онаа илегалната која ги преплави границите на Германија, Италија па и Франција народот ја доживеа како закана по сопствената територија и загрозување на општествениот систем. Но, кога историските примери укажуваат на катастрофалните последици од попуштање на трпението и подлегнување на „спасителите“ – националистите што демнат и чекаат да се позиционираат и по цена на крв, потребно е да надвладее разумот. Пресликано и во микро рамки оваа состојба неминовно е закана и по македонската демократија која едвај закрепна по 11 годишното владеење на режимската логика која порасна во прегратките на Виктор Орбан.
Постојат и бариери за обединување на десницата
Анализите покажуваат дека шест месеци пред изборите во ЕУ, анкетите предвидуваат силни резултати за двете најдесни групи во Европскиот парламент. Но, постојат бариери за обединување на екстремно десничарските партии – имено, нивните идеолошки разлики за прашања од војната во Украина, до миграцијата, па дури и за европската интеграција. Битката што треба да ја водат демократските движења треба да биде насочена кон евроскептиците кои подлегнуваат на другата опција која всушност не нуди ништо освен воскреснувачка идеологија на фашистичкото зло.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја повлече својата владејачка партија Фидес од главната централно-десничарска група ЕПП во 2021 година, две години откако партијата беше суспендирана од политичкиот сојуз на ЕПП.
Договорите би можеле да се склучат ако Парламентот се заниша во корист на некои – Манфред Вебер, претседател на ЕПП, на пример, инсистираше на соработка со ЕЦР во последните месеци. Вебер го повика Европскиот парламент да го заврши Новиот пакт за миграција и азил пред Европејците да излезат на гласање, така што владите имаат што да им покажат на скептичните гласачи.
Пристапот на Вебер беше критикуван од социјалистите и зелените како обид да се смири екстремната десница и да се имитира нејзината радикална агенда под обвивката на центризмот.
Но, неколку партии кои припаѓаат на ЕПП во последните години склучија коалициски договори со екстремно десничарски формации за да стигнат до власт.
Поделени се не само партиите, туку и европските земји-членки. Гласањето за европските избори оди преку националната перспектива – која често може многу да се разликува помеѓу земјите-членки.
Стравувања за тектонска промена на политичкиот пејсаж на Европа кон десно – Мелони, Салвини, Ле Пен
„Браќата од Италија“ на Џорџа Мелони веќе се на власт, додека Националниот фронт на Марин Ле Пен во Франција, според анкетите е на чекор да биде најдобрата партија во земјата.
Од друга страна пак, најуспешните европски екстремно десничарски партии, без разлика дали се во Холандија, Австрија или Скандинавија, имаат и долга историја на изборен успех проследен со внатрешна поделба и спектакуларна имплозија.
Една работа е Финска или Белгија (фламанската сепаратистичка партија Влаамс Беланг е на чело на гласачките места) да се скршат на екстремно десничарската железница. Меѓутоа, најголемата закана е ако то се случи во Германија.
Во текот на изминатата година, поддршката за антиимигрантската, проруска партија Алтернатива за Германија (AfD) се удвои на повеќе од 20 отсто во анкетата на ПОЛИТИКО, што е рекорд.
Партијата сега е на второто место, само пет процентни поени зад централно-десничарските демохристијани. АфД, исто така, успеа да ја зголеми предноста пред социјалдемократите на канцеларот Олаф Шолц.
Голем дел од неодамнешната популарност на АфД може да се припише на постојаните внатрешни борби и неред во коалицијата на Шолц со Зелените и либералните Слободни демократи. Членовите на Алијансата се во несогласување (а понекогаш и меѓусебно) за сè, од климатската политика до субвенциите за благосостојба на децата откако ја презедоа функцијата кон крајот на 2021 година.
Сепак, главниот двигател на успехот на AfD е истото прашање што ги дефинира екстремно десничарските партии низ Европа веќе една генерација: миграцијата.
Враќањето на демократијата во Полска, светла точка за Европа
Откако Полска ја врати демократијата без која осум години се препелкаше во атмосфера на омраза и антидемократски вредности, се осветли и надежта дека сепак срцето на Европа е на вистинската идеолошка страна. Сега, новиот премиер Доналд Туск го чека напорна работа за враќање на демократските вредности. Но, Унгарија и Виктор Орбан и натаму остануваат дел од оската на злото што струи заедно со Џорџа Мелони, Марин Ле Пен, Матео Салвини…
Кога започна десничарската плима во Европа?
Екстремно десничарската плима во Европа одамна доаѓа. Раните откритија беа означени во 1980-тите и 90-тите, со период на постојан напредок во 2000-тите, не само во Австрија, каде што екстремната десница влезе во владата. Но, во пресрет на пандемијата Ковид и војната во Украина, се случи важна промена. Наместо обични изборни кандидати или обликувачи на јавното мислење, европските екстремно десничарски партии сега се појавуваат како веродостојни и нормални сили на власта. Долго време чисто опозициска сила, тие се движат во халите на власта.
Што го објаснува овој нов и алармантен развој? По гласовите за Доналд Трамп и Брегзит во 2016 година, проследени со изборни откритија за г-ѓа Ле Пен и партијата Алтернатива за Германија, многумина се обидоа да го објаснат подемот на крајната десница преку концептот на популизам. Сепак, објаснувањето секогаш криеше повеќе отколку што откриваше. Како прво, тоа имплицираше дека екстремно десничарските лидери беа автентични претставници на заборавен народ – дури и кога дотичните политичари честопати имаа елитно потекло. Од друга страна, се чинеше дека вината за подемот на десничарските сили ги обвинува ирационалните гласачи, не занемарувајќи ги оние што ја имаа власта на континентот во изминатите 30 години.
Од потпишувањето на договорот од Мастрихт во 1991 година, кој доведе до ниска јавна потрошувачка и дефлација, европските политичари сè повеќе стануваат задолженија на деловните интереси на сметка на граѓаните. Преку овој процес, кој политикологот Питер Меир го нарече „повлекување на елитата“, претставниците се колебаа да дадат големи ветувања на гласачите, за да не ги загрози нивните пропазарни политики.
Така, тие мораа да најдат друг начин да ја задржат контролата. Со повикување на заканата од претстојниот десничарски екстремизам, мејнстрим политичарите би можеле да се претстават себеси како помалото зло. Сè додека нивната моќ беше недопрена, политичарите изгледаа опуштено за тоа како политичкиот здрав разум – особено во врска со имиграцијата и благосостојбата – се лизгаше сè подалеку надесно.
Во голема мера функционираше. Скоро три децении, мејнстрим партиите ширум континентот владееја, непречени од сериозната опозиција. Но, тие беа, ако ништо друго, премногу успешни. Без контрасилите кои некогаш ги балансираа нестабилните општества во Европа – како што се силните левичарски партии и синдикати кои беа поразени во 1970-тите и 80-тите години – европските владетели ја загубија дисциплината. Под нивен надзор, нееднаквоста се зголеми, економиите не функционираа, а јавните услуги почнаа да венеат. Во овој лош амбиент, екстремната десница постепено успеа да се позиционира како единствен кредибилен предизвикувач на системот. Откако собра поддршка на маргините, дојде време таа да се центрира, а социјалистичките и демократски партии да се консолидираат.
Каков и да биде натамошниот развој на настаните, едно е сигурно Европа е исправена пред силен предизвик да ги сочува вредностите градени по страотните урнатини од втората светска војна и мора жестоко да се спротистави на на секој и најмал облик на враќање на фашизмот. Конечно обликувањето на иднината не може да се предаде во рацете на оние кои отворено зборуваат за „модерен холокауст на мигрантите, чисти нации, забрана на странски јазици, забрана на правата на абортус, забрана на истополовата љубов, забрана на слободната мисла“. Негација, без конструктивен предлог за решенија е личната карта на екстремистите кои лешинарат врз тековните глобални проблеми за да се вратат на тронот и да создадат пустош кој најстариот континент ќе го врати најмалку еден век наназад.
Консултирани извори: Еуроњус, Политико, Њујорк тајмс
Извор: Нова ТВ