Мисијата на Обединетите нации во Авганистан денеска соопшти дека е длабоко загрижена поради неодамнешните произволни апсења и притворања на жени и девојки од страна на Талибанците за наводно кршење на исламскиот кодекс на облекување кога се во јавност.
Мисијата во соопштението наведува дека ги истражува наводите за малтретирање и изнуда на девојчињата во замена за нивно ослободување од притвор.
Талибанците минатата недела соопштија дека уапсиле неколку жени во Кабул под обвинение дека носат „лош хиџаб“ – марама што целосно ја покрива косата.
Тоа претставува најнов удар врз правата на авганистанските жени и девојки кои веќе се соочуваат со низа забрани, вклучително и неможноста да добијат образование, вработување и пристап до јавните простори.
Во мај 2022 година, талибанците издадоа декрет со кој ги повикуваат сите жени во Авганистан да покриваат сè освен очите, препорачувајќи им да носат „бурка“ – покривка од глава до пети, слична на ограничувањата за време на претходното талибанско владеење помеѓу 1996 година и 2001 година.
Во соопштението на ОН се вели дека кампањите за наметнување на „хиџаб“ во главниот град Кабул и провинцијата Дејкунди се во тек од 1 јануари, при што голем број жени и девојчиња се предупредени и приведени.
Мисијата на ОН, исто така, наведува дека верските и етничките малцинства биле несразмерно погодени од акциите.
-Мерките за спроведување на наредбите, кои вклучуваат физичко насилство, се особено понижувачки и опасни за авганистанските жени и девојчиња, изјави специјалниот претставник на ОН и шефица на мисијата Роза Отунбаева.
Портпаролот на талибанците, Забибула Муџахид, кажа дека преокупацијата на ОН со авганистанските жени е неоправдана и ги отфрли сите обвинувања.
„Авганистанките носат хиџаб по сопствен избор и нема потреба да ги присилувате“, напиша тој на социјалната мрежа Х .
Портпаролот на авганистанското Министерство за пропагирање на доблести и спречување на пороци, Абдул Гафар Фарук денеска целосно ги отфрли обвинувањата од извештајот дека жени и девојки биле апсени или тепани поради носење „лош хиџаб“, нарекувајќи го „пропаганда на западните медиуми“.
Извор: МИА