РИБАРО
Откако вевчанци и други граѓани реагираа на нападите од црковните великодостојници, кои се нафрилија со остри осуди за дел од маските што се претставија на овогодинешниот Вевчански карневал, Синодот на МПЦ, како што дознава АХА, на таен собор одржан во Бигорски манастир, решил да се извини, да ги послуша верниците и конечно, како што посочиле „црквата еднаш засекогаш да се доближи до народот“.
За таа цел, како што известуваат изворите на АХА, од МПЦ, како гест на добра волја, решиле да ги стават на лицитација сите плацеви и џипови кои се во сопственост на владиците и поповите, а собраните средства да им ги донираат и разделат на верниците од посиромашните слоеви.
Синодот решил МПЦ да отстапи и голем дел од парите што верниците ги оставаат во црквите за крштевки и погреби и други верски обреди и да им ги додели на самохраните родители, на домовите за згрижување на деца без родители, на лица кои бараат итна здравствена помош за операции и лекување и на други места и институции каде тие пари навистина ќе бидат искористени за доброто на граѓаните.
Како што дознава АХА, предлогот дошол од свештените лица од Бигорскиот манастир како најактуелни покајаници.
„Нека престојниот празник Водици биде датумот од кога изворите од божјите храмови ги оставаме да потечат кон народот. Парите и имотот мора да одат кај верниците. Им се поклонуваме на нашите чеда и молиме за прошка. Се надеваме дека овој гест добронамерно ќе биде прифатен“, кратко одговорија од Синодот на МПЦ, за АХА.
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK