РИБАРО
После најавите од МПЦ кои решија да ги стават на лицитација сите плацеви, јахти и џипови кои се во сопственост на владиците и поповите, а собраните средства да им ги донираат и разделат на верниците од посиромашните слоеви, именуваните функционери решија да се ослободат од товарот на 78 проценти зголемени плати што им припаднаа како резултат на одлуката на Уставниот суд донесена во март лани.
Именуваните функционери од сите политички партии: министри, градоначалници, пратеници, директори, судии… како што дознава АХА, донеле заедничка одлука тие фамозни +78% поголема плата кои, како што велат, ни криви ни должни ги добиле на поклон од Уставниот суд, да ги вратат назад кај граѓаните.
„Не може ние да се куропецаме додека народот ни живее во сиромаштија, има да се научиме да живееме без тие 78% па што сака нека биде. Кога можат МПЦ без плацеви и владиците без џипови, ваљда ќе можеме и ние да издржиме без зголемувањето. Видете, мора да покажеме величина и покрај тоа што, нели, ние не сме виновни за покачувањето, туку ни го наметна Уставниот суд“, велат за АХА градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, пратеник од Левица, министер од СДСМ, и директор од ДУИ кои сакаа да останат анонимни.
Одлуката ја донесовме едногласно, а беше потврдена на тајна лидерска средба од сите племенско-партиски поглавари во Охрид, ден пред Водици, нагласуваат тие за АХА.
За начинот на распределба на овие пари кај граѓаните и назад во Буџетот, како што велат, ќе има дополнителни консултации, но потенцираат дека одлуката е дефинитивна.
АХА дознава дека на ред е донирање и на сите пари од патните трошоци што пратениците ги примаат, нели, сосема законски.
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK
Поврзано:
МПЦ ќе ги донира на граѓаните своите џипови, плацеви и црковните пари