Пишува: ТИНА ИВАНОВА
Креативност, плурализам и инклузивност се главните параметри по кои се води културната политика на Финска, една од најинтересните земји во Северна Европа, особено кога е во прашање развојот на културата и нејзиното целосно инкорпорирање во образованието. Пред една година имав среќа да бидам дел од една програма која се занимаваше токму со задолжително вклучување на музиката (претежно класичната) во образовниот систем, и она што го доживеав како директно искуство од посетата на главниот град Хелсинки, како и на помалиот прекрасен град Хамеенлина, е неповторливо.
Фасцинантна беше, уште на прв поглед, јасната и долгорочна визија на менаџерите на културните и образовните институции за мошне инвентивните начини како да се почитуваат уникатните (специфичните) потреби на секој поединец и колку и каков придонес треба да се има во развојот на културата, но пред се, во културата на живеење која се гаи од најмала возраст. Но, уште повеќе, како се гледа на културата на разликите. Кај нив, таа е разбрана единствено како предност. Не постои ограничување на креативноста, туку само фер третман на секој човек и негово вклучување во средината со она што тој со себе го носи како потенцијал.
Децата, кога влегуваат во училиштето, ги соблекуваат чевлите, ги оставаат во ходник, и денот го поминуваат боси, што им овозможува слобода и посилно чувство на припадност во таа средина, за да ја разберат како нивен дом.
Хамеенлина е мало гратче (68 илјади жители), коешто се наоѓа помеѓу Хелсинки и Тампере, во срцето на модерната и историска провинција Тавасти. Познат е најмногу по езерото Ванајавеси, замокот „Тавастија“ (едно време претворен во затвор, а сега музеј), како и по родното место на најславниот фински композитор Јан Сибелиус. Се разбира, првиот чекор беше да ја посетам куќата-музеј на човекот со силна музичка харизма без чие присуство финската национална музичка школа немала да стекне таков меѓународен углед. Сибелиус е силна уметничка фигура на својата земја и така го третира буквално секој поединец. Посетата на музејот не беше обична прошетка да се види каде е роден и каде живеел овој маестрален автор, да се погледнат одблизу неговите партитури, инструменти, книги, туку добивме повеќе од едночасовно предавање од една пијанистка и историчарка на музика, во кое беше содржан секој детал од неговото творештво и живот. Подоцна, при обиколката на неколку училишта и културни институции во градот, се забележуваше неговото „присуство“ во повеќе сегменти, што укажува на фактот дека е битна алка која педагозите ја користат во начините како да се спознае целокупната класична музика и уметноста воопшто, кај децата уште од најрана возраст. Всушност, зачувувањето на културното наследство и негово наметнување во сите сектори е еден од приоритетите во културните политики на Финска.
Она што особено ме фасинираше во Хамеенлина, а на што бев директен сведок, беше начинот на функционирање на културните институции, како и тоа, како дел од програмските активности во училиштата посветуваат внимание да се вклучат уметноста и културата на разни начини. Навистина е широк, претпоставувам насекаде во државата, опсегот на културни понуди, но и активното учество во културните услуги на секој граѓанин. Сфатив зошто е тоа така и зошто на ниту еден поединец не му е страна уметноста. Училиштата негуваат широк спектар на креативни дејности кои буквално се случуваат секој ден. Оваа програма е безрезервно поддржана од Министерството за образование кое има посебен сектор за изготвување на политики за специфични уметнички форми.
Децата, кога влегуваат во училиштето, ги соблекуваат чевлите, ги оставаат во ходник, и денот го поминуваат боси, што им овозможува слобода и посилно чувство на припадност во таа средина, за да ја разберат како нивен дом. Од друга страна, секое дете има избор дали за време на наставата ќе седи на под, ќе лежи на подот, или ќе седи на клупа. Учењето на занаетчиството, како силен сегмент од културата на Финците, но тоа е така и во другите нордиски земји, се практикува од раното детство. Па, така во училиштата се учи да се изработуваат предмети од дрво, кожа, стакло, да се плете, шие, да се готви, да се слика… Секој ден скоро имаат јавни музички настани, имаат бендови (ансамбли) кои претежно свират финска музика од сите жанрови, чести изложби на ракотворби итн. Се хранат во менза на база на самопослуга, а потоа секој ученик сам ја раскрева масата, ги мие садовите и го мете и брише подот. Дисциплината во училиштето не е наметната на строг, туку на креативен начин, што потоа се развива во идејата за дисциплина и во уметноста. Со оваа пракса, како што сведочевме на предавањето на директорката на едно од училиштата, уметноста, занаетот, културата, стануваат неизоставен дел од животот – тоа не е само хоби, туку се сфаќа и прифаќа како неопходност. А, за време на предавањата, возрасните педагози присутни од Финска и Норвешка, на пример, плетеа џемпери, капи и шалови. На прв поглед чудно, како што секој од нас поинаку го разбира живеењето во свет на брз технолошки развој, од друга страна, откако ќе ја увидите придобивката од тоа, и како е негуван занаетот од мали нозе, ќе посакате да го практикувате истото и вие. Всушност, има повеќе дискусии во Финска, па и во Шведска, во последно време, да се вратат книгите, занаетите, начините на изучување било што како во времето пред појавата на Интернетот. Идејата е да се променат животните навики, да се смират умот и телото за време на стрес, анксиозност и болка, и да се влијае на физичкото и на менталното здравје преку мануелна и мисловна дејност. Се заблежуваа околу училиштата дуќанчиња во кои се продаваа разни предмети рачно изработени, а во кои работеа млади луѓе, што градот го прави навистина богат, жив и интересен. Креативните индустрии всушност, се значаен фактор во Финска и за тоа се задолжени министерствата за образование и за култура кои безрезервно го поддржуваат развојот на креативни производи со цел да се развива културниот туризам во континуитет.
Како и да е, моќна е стратегијата за финската културна политика којашто е значаен дел од владината програма, а е предвидена за неколку години нанапред. Во секоја општина има функционална библиотека, музеи, театри, оркестри…, во чие финансирање учествува државата преку грантови и законски државни субвенции. И токму креативната работа и продукцијата се дел од стратешките цели, како и нивна дистрибуција. Целта е, силна и витална културна база. Затоа што, културата е еден од клучните двигатели на промените. Културниот сектор на Финска има моќна и широка вклученост во владините политики. Интересен момент е што во речиси сите градови има културни центри чија главна цел им е преку проекти да ги инволвираат емигрантите за нивно подобро инфилтрирање во општеството.
Инаку, Финска, со своите уникатни корени, има развиено и успешна стратегија за културно вмрежување со соседните скандинавски земји. И покрај тоа што тамошниот народ важи за воздржан, неемотивен, тивок, па дури за некои и мрачен, луѓето зборуваат конкретно, јасно, токму онака како што вели познатата изрека за нив: „Кога некој Финец ќе каже нешто, навистина го мисли тоа“. Сето ова, не може, а да не се рефлектира во нивната уметност и култура. И тоа е навистина очигледно. За уметничките творби, се разбира треба да се дискутира поопсежно, но при посетата на неколку културни институции и во Хелсинки, се забележуваше во изложените дела, а така може да се генерелизира и за музиката (еклатантно кај Сибелиус) една јасна структура, конкретизација, прецизност.
Учењето на занаетчиството, како силен сегмент од културата на Финците, се практикува од раното детство
Исто така, она што ним им е битно и го практикуваат до крајност, е точноста и врвната организација на настаните. На секој настан се доаѓа навреме, па дури и паузите се стриктно одредени до точна минутажа, и не можете да забележите било каква отстапка од зацртаниот план. Од друга страна, пак, не постои голема формалност, нештата се одвиваат опуштено, но токму таа „лабавост“ доаѓа од дисциплината, но и од егалитарната култура. Хиерархијата не е сфатена вертикално и секој ја дели одговорноста еднакво. Ова беше кажано и на едно од предавањата во една уметничка галерија, каде што кураторката, како и сите вработени, исто така беа боси, и за време на нивните опсежни предавања, полни со анализи, седеа на подот. За сите посетители беа обезбедни по еден пар рачно плетени, волнени чорапи, а чевлите се оставаа пред влезот. Така е и во секој фински дом.
Извештајот за светска среќа на ОН, ја рангираше Финска како најсреќна земја во светот пред неколку години, а се претпоставува дека тоа произлегува најмногу од посветеноста во работата и негувањето на културните вредности. Финска стана дел од ЕУ во 1995 година, а од 2000 се смета за постиндустриско општество кое ужива и економски бум, и покрај кризите што ги помина во претходните години. Една од предавачите на проектот за инкорпорирање на музиката во образованието, во едно од нејзините излагања, рече дека денеска Финците живеат убав живот (иако призна дека голем е процентот на конзумирање на алкохол), но посветени се на она што го имаат кај нив, не трагајќи по нешто што не им припаѓа. Во рестораните и кафулињата коишто ги посетивме, исто така се забележуваше огромна дисциплина, ред и уредност. Нивната кујна е мошне интересна, со влијанија од Русија и Шведска (компир, риба, печурки, свинско месо, млечни производи), а кафето им е број еден кое го конзумираат со сладок леб. Иако месото е дел од нивното секојдневие, многумина од нив се вегетаријанци или вегани, како што самите потврдуваат, затоа што голем број на луѓе развиваат алергии на храна. Во Хамеенлина, ама тоа се забележуваше и во Хелсинки, забавите се претежно интимни, или се случуваат дома, на бранч или ручек, или организираат интимни забави за мал круг на луѓе во ресторани отстапени само за нивното друштво, со посебни менија.
Сепак, најголемата релаксација за нив е сауната, односно природата и во овој сегмент се мошне ригорозни. Силни мерки се преземаат за заштита на околината и затоа Финска се смета за една од најчистите земји. Голем број на Финци имаат викендички (летни куќи наречени „kesämökki“) во кои задолжително има сауна и токму таму поминуваат голем дел од животот. Сауните, или викендичките, често ги претвораат во концертни подиуми каде што се одржуваат разни „свирки“ или други уметнички настани. Како гостинка во една од викендичките сместена покрај езеро, присуствував на прекрасни предавања за уметноста и културата, кои завршуваа со едночасновно седење во сауна кое се прекинуваше со капење во езеро (и покрај тоа што времето беше ладно). Во женската сауна се пееја фински песни, но и македонски народни песни, и тоа прерасна во мини хорска концертна изведба која заврши со бурни аплаузи.
Хелсинки, иако е главен град и со себе го носи сето она што сите главни градови во Европа го имаат, е мошне интересен и разновиден. Град во кој се чувствува целосна слобода на изразување. Во културата на живеење генерално, во која се состои бескомпромисно прифаќање на различностите. Без предрасуди во ниту еден сегмент. Ги посетив Операта и Филхармонијата (модерна архитектура), и увидов дека покрај тоа што нивната програмска политика го задржува традиционалниот аспект прецизно одреден за сите национални музички куќи, тие негуваат нова, прогресивна, уникатна програма којашто не може да се спореди со другите европски земји. Со тоа, ги стимулираат авторите од сите генерации постојано да творат, а нивните изведби доживуваат мошне уникатни и авангардни естетски пакети. Всушност, Хелсинки е познат по прогресивниот дизајн и високата технологија, а тоа се гледа во сите институции „замотани“ во неверојатно добар естетски пакет.
Европската унија, Советот на Европа и УНЕСКО се најважните организации за развој на уметноста и културата во Финска. Задолжени се да ја поврзат културата на земјата со различни меѓународни друштва и затоа можат да се видат навистина разновидни уметнички проекти. Уште многу може да се зборува и пишува за Финска, за музеите, уметничките паркови, националните библиотеки кои се вистинско богатство, за урбаната култура, фестивалите, архитектурата… Но, да се види само и еден град, било кој, дефинитивно ќе може да се впие убавината на целата земја. Затоа што финската култура е вткаена насекаде.
Фотографии: Тина Иванова