Скопје добива целосно нова велосипедска патека, која ги поврзува општина Гази Баба со општините Центар и Аеродром, соопштуваат од Град Скопје.
„Новите вело патеки се простираат на должина од два километри, односно по еден километар во двата правци на улицата „808“ во населбата Автокоманда. На истиот потег се работи на целосно нов зелен појас, како и на нова пешачка патека, со што се овозможува поголема безбедност и сигурност за сите учесници во сообрaќајот. Со активностите на терен се реализира проектот „Скопје-град на велосипеди“ кој е еден од стратешките проекти од програмата „За модерно Скопје“. Во изминатите две години, градот Скопје инвестира во повеќе од 30 километри нови велосипедски патеки во сите скопски општини, а проектот го изведува јавното претпријатие „Улици и патишта“ Скопје“, се наведува во соопштението од Град Скопје.