Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Никој не знае кој е првиот човек со микрочип во мозокот, но знам кој би можел да биде вториот.
Или во најмала рака лепота што ќе биде високопласирана на листата на приоритетните пациенти?
Христијан Мицкоски!
Да, да!
Уште пред триесет години јас ги крстив вмороните чипирани идиоти затоа што се однесуваа така, но мојот акцент беше на нивниот интелектуален, културен, политички, образовен и морален хендикеп, а не на можноста хендикепите да се лечат.
Драго ми е што сведочам на тој пресврт.
Ако решат да се чипираат ќе можам да продолжам да ги викам чипирани со то што ќе ставам знак + а ако не се чипираат ќе престанам да баратам со таа квалификација.
Ако научниот дострел и технологијата на Неуралинк на Илин Маск можат да произведат мозочни чипови кои ќе ги спречат луѓето со политички амбиции и моќ масовно да ги нарушуваат човековите права на милиони индивидуи и на цели колективитети, општества и нации, тогаш јас го номинирам лидерот на вмро-дпмне за “Македонски пациент”, кој може да биде заведен како MP-No 2.
Ако тој човек се ослободи од таа страст како базична нитка на својата политичка фолклористика и ако може да се упристои и да стане нормален во својот однос кон стварноста и кон луѓето, посебно кон општото добро кое е општо и не е ниту негово ниту на вмро, тогаш тоа ќе биде многу добро за него и за неговата партија, а за Северна Македонија, за граѓаните на Северна Македонија, специјално за етничките Македонци што ги заведува и манипулира на најодвратен и смртоносен начин, може да биде од егазистенцијално и историско значење.
Еве ги моите аргументи:
Со перманентното инсистирање на смената на власта, од нејзиното конституирање, па и во процесот на самото конституирање, кога, се сеќавате, демонстрираше тешки опструкции заокружени со крвав пучистички акт во Собранието, значи со непрекинатото повторување на барањето на предвремени избори сиве овие седум години и определувајќи се за хистеризација на масите со ширење на очај и безизлез кои на крајот стигнаа да се формулираат во рефренот “не нè бива” “од нас држава не бидува”, “националните интереси се продадени” “идентитетот е уништен” “македонскиот род е уништен” и сл, тој не успеа да ја урне власта, но успеа да го разори општеството.
Да ја загуби довербата и смислата во државата, во нацијата, во институциите, довербата во себе.
Се разбира дека за критика имаше основи, но тоа што тој и неговата партија го правеа и го прават, не беа критики, туку производство на амбиент во кој не би можело да опстане ниту едно општество.
Му ги скинаа сите лигаменти, го кретенизираа и дезориентираа, го запалија на национална основа, но, на клада на која без сомневање ќе изгорат како Македонци. Ја претворија нацијата во флотантна маса чија перцепција нема врска со стварноста. Односно стварноста почна да се прилагодува на нивната перцепција.
Ја уништи елементарната култура на политичкото поведение и комуникација.
Блокади, медиумски отрови, без друго џамче за човекот, секој ден седум години по ред.
Луѓето ги избезумија.
Следејќи ја платформата за политичката концептуализација на митот за вмро, вмро и тој се практично надвор од уставот и од демократскиот систем, односно се стремат кон ситуација во која со македонските работи нема да смее да се занимава никој друг. Кој ги разбира работите ќе разбере дека тоа е концепт кој по својата природа значи крај за Македонија. Идејата е македонскиот државен и национален проект да се прикажат како неуспешни. Дали тие мислат да прават некоја нова Македонија на урнатините на оваа-не знам, мислам не, но и да мислат, тоа е мислење на термити.
На тој начин се повредени моите права како индивидуа, како Македонец и граѓанин, а по истата основа мислам дека се повредени човековите права на сите два милиони луѓе.
Втората капитална повреда на човековите права се случи со кинење на нитката на која висеше македонскиот паук во европското пространство. Сега е во слободен пад. Мафта со тоа ноџињата и гледа да го забави моментот кога ќе тресне на дното. Тоа е ефектот од негласањето на уставните промени. Во Алабама смртната казна почна да се изведува со маска преку која на осудениот му се пушта азот, а кај нас тоа е направено со четириесетина пратеници на партијата на Мицкоски кои успеаја да ја задават перспективата на два милиини луѓе.
Со голи раце. Што не ги кренаа. Без други аргументи освен давењето како некаква налудничавост, манијакална страст или нешто слично.
Третата повреда на човековите права е монополизацијата на медиумскиот простор како објективна категорија за која тој не мора да е непосредно виновен, но која работи за целите што се и негови цели.
А тие се форма на злото.
Тие монополизирани медиуми ширеа и шират лаги, конструкции, тенденциозни интерпретации, уредувачки свињарии, чувство на безизлез и очај, на омраза, на некултура и просташтво.
Тоа е четвртата повреда на моите права.
Нема да го тужам.
А може и да го тужам.
Ќе видам.
********
Инспирација за овој текст добив од пресудата која по тужба на Христијан, денеска му е изречена на Џабир Дерала. За клевета и навреда во насловот на пренесен текст (“Мицкоски купил и реновирал куќа во Козле за еден милион евра”) кој беше општа тема на безброј портали, провокација, дури и со оглед на информацијата дека куќата во Козле е запишана на име на зетот за сестра на Мицкоски, што е поместено во инкриминираниот текст, но македонската пракса бележи мал милион такви бравури со сопственоста (ете можен предизвик за ИРЛ) што го наведувам како олеснителна околност, па уште со повикување на Европската конвенција за човековите права.
Што да кажам: Кога човек на таква позиција ќе почне да се занимава со прогон на човек каков што е Дерала, по ваков банален повод, па уште за да може полесно да го голтне, се обидува да го похува во партиски кујни, тој покажува дека нема капацитети да биде ниту добар шанкер (извинете шанкери) камо ли лидер и премиер, а на Дерала му го збогатува досието на еден од најистакнатите борци за слобода, правда, пристојност и нормалност.