Пишува: ТИНА ИВАНОВА
Јануари е најдепресивниот месец во годината, сметаат психолозите, затоа што носи меланхолија по екстаза (доживеана во „катаклизмичните“ празнувања), но, веројатно и затоа што е долг и често најстуден месец, па луѓето остануваат затворени во своите домови. Во јануари чувствуваме и размислуваме за осаменост, за изолација, но кроиме и планови за разни отпочнувања на нешто ново, или за завршувања на некои стари навики, или пак, за разрешување на одредени животни ситуации. Во јануари може да се доживее катарза, но, може и да се западне во тешка анксиозна состојба. Последнава деценија, а особено периодот по пандемијата, донесе многу промени. Се чини, социолошките се најекспонирани, а тоа секако не може, а да не влијае и на културните. И оваа тематика, скоро секогаш е актуелна во зима, кога сонцето не нè грее.
За жал, осаменоста, која што драстично се пресликува и во уметничките творби, затоа што нели, уметноста е огледало на живеењето, веќе не е тема за која што се зборува само во јануари. Таа стана еден од најопасните симптоми кои демнат во општеството, односно не е само предмет на културолошко истражување. Светската здравствена организација смета дека „осаменоста е штетна на ист начин како да се пушат по 15 цигари на ден“. За неа се дебатира многу и таа денес се претвори во сериозна глобална грижа за јавното здравје. Особено во некои од европските земји, епидемијата наречена „осаменост“ навистина покосува. Во последно време и јас лично, често се соочувам со оваа „болест“ и покрај тоа што сум опкружена со многу луѓе. Вознемирува фактот што веќе исчезнува и она осново поздравување на улица, во комшилук, па дури и на работното место. Да не зборуваме пак, за културата на поздравување на странците, со оние со коишто не се познаваме. На планина, во лифт, во продавница, амбуланта, банка, библиотека… На еден од универзитетите во Велика Британија, од скоро има научна студија со теза дека луѓето кои едноставно велат „здраво“ или се поздравуваат со мавтање на раката кон некоја непозната личност, можат да го засилат задоволството на живеење.
Едно обично „здраво, како си“, чини нула пари
Дали општото ниво на среќа зависи од заемната комуникација којашто почнува со куртоазно поздравување, е прашање на коешто многумина интелектуалци се потпираат во своите излагања. Едно обично „здраво, како си“, чини нула пари, но, науката укажува дека ако и тоа исчезне, полека ќе исчезне и чувството на припадност кон некоја заедница, чувството дека луѓето се прифатени, а со тоа навистина ќе настапи пандемија на „опасна осаменост“.
Има една интересна појава во Скопје, којашто ми се чини постои долго време, а таа е „непоздравување“ на улица со оние со коишто се познаваме. Се случува меѓусебна комуникација на социјални мрежи, понекогаш и преку приватни пораки, па и зборување по телефон, но „живата“ комуникација ја нема. Дури, видливо е и избегнувањето со поглед, а не пак, усното отпоздравување или „не дај Боже“, со рака. Културата на поздравување се чини полека исчезнува, а и таквиот чин на „невидливост на другиот“ изгледа тотално безобразно и арогантно, што иритира и прави да се чувствуваме уште поинтровертни, загрижени или виновни, а не знаеме зошто. Далеку сме, се разбира, од оваа појава која е присутна во некои други земји, сепак т.н. балкански менталитет, култура и традиција не нѝ дозволува така ладно да ја преминеме границата кон „самозадоволие“, сè уште тлее желбата за дружење, муабетење на улица (иако ова е очигледно повеќе кај постарата генерација), но, и кај нас и тоа како постои она несоочување „лице в лице“. Луѓето меѓусебно се избегнуваат, односно го избегнуваат погледот и допирот. Дали е тоа поради мрзоволие, можеби омраза кон другиот (чувство кое и тоа како и засилено на сите нивоа), можеби поради емоционална истоштеност после Короната која создаде чувство на страв и колективна психоза, со тоа и интровертност, или едноставно поради немање на време во ера на брз живот, сеедно, но сите се на мислење дека оваа лоша навика мора да се искорени.
Всушност, по пандемијата на Корона вирусот, осаменоста и бегањето од луѓето доби на интензитет. Се роди општа апатија и намалена интеракција, која што всушност може да исчезне, верувале или не, со само едно поздравување. Бидејќи, така почнува социјализацијата и потоа се создава оној нејзин „волшебен круг“. Поздравот дава до знаење дека сме свесни суштества, не е само основа на бонтон, туку тоа е нешто што нè прави автентични и нè прави да бидеме луѓе, а важно е и за нашето когнитивно здравје. Психолозите тврдат дека кога ве поздравуваат непознати лица, било тоа да е во книжарница, библиотека, кафуле, сеедно, луѓето го чувствуваат оној елемент на припадност и впечатокот дека се видливи и „живи“, а тоа влијае на здравјето и на желбата да помогнеме едни на други. Има една поговорка – „Ако соседот ви каже здраво, голема е веројатноста дека ќе ви помогне“. За жал, денес го губиме социјалниот капитал којшто некогаш постоеше во изобилие.
Во дел од Европа, луѓето како да живеат во „пустина“. Токму поради тоа, се прават разни кампањи за враќање на социјализацијата и преку културата на отпоздравување. На пример, во една од нордиските земји, се води кампања со паролата „Кажи здраво!“, за создавање на чувство на пријатни односи, односно да се надминат проблемите врзани со осаменоста, а коишто се јавуваат денес и кај младите генерации и чии последици можат да бидат фатални. Преокупираноста со технологијата, нејзиниот брз напредок и честата комуникација на социјалните мрежи, создадоа атмосфера отпоздравувањето да биде избегнато дури и преку мимика. Всушност, полека ги снемува основите на бонтон, кои пред сè, се создаваат внатре во семејството, а потоа преку образованието.
Денес секој гледа во своите чевли, наместо во туѓите очи, а во очите се крие сета животна приказна на другиот, и сета негова емотивна состојба
САД пак, дури и најави дека е родена новата „епидемија на осаменост и изолација“. Тоа поттикна и нови правила и обврски за зајакнување на социјалната инфраструктура и мобилизирање на здравствениот сектор како да се решат медицинските потреби кои произлегуваат од осаменоста. Но, и да се направи реформа на дигиталните средини за критички да се оценува односот на луѓето со технологијата. Всушност, да се даде акцент на негување на културата на поврзување. Американските научници, психијатри и општи лекари се на едно единствено мислење дека ова е глобален културен проблем и дека скршеното срце од изолираност доведува до социјална, физичка, ама и културолошка дијагноза. Бидејќи, кога ја нема културата на поврзување, на прифаќање на другиот, се раѓа анксиозноста и чувство дека сме надвор од заедницата. Денес, се вели во бројни студии, моќта е насочена кон разединување, не кон соединување и зближување. Недостигот од комуникација и искрените меѓучовечки односи доведоа до неавтентичност и живеење во подреденост на општествените норми и очекувања, спротивно на сопствените страсти и желби.
„Денес секој гледа во своите чевли, наместо во туѓите очи“, ќе каже еден писател. И продолжува – „а, во очите се крие сета животна приказна на другиот, и сета негова емотивна состојба“. Токму погледот и поздравот можат да створат сосема нови светови и ситуации во животот на еден човек. Но, за жал, се претворивме во себични битија, во исплашени суштества, во луѓе без тронка емпатија. „Еден човек добил на лотарија многу пари“, раскажува американски психијатар. „Купил огромна куќа во богата, но затворена заедница. Ги изгубил старите пријатели и социјалниот живот. Бил осамен и несреќен, и добил дијабетес. Претходно работел во прехрамбена индустрија и живеел скромно, но бил опкружен со пријатели“. И самиот психијатар се поистоветил со приказната, пронаоѓајќи се себе си во истата ситуација. За време на неговиот мандат како главен хирург, сосема се посветил на работните ангажмани. Бил исклучен од колегите со кои претходно ги поминувал и деновите и ноќните дежурства. Но, вели, ја направил фаталната грешка, ги запоставил своите пријателства убедувајќи се дека мора да се фокусира на работата. Потоа се фокусирал на студии на тема осаменост и заклучува дека таа ги демне и богатите и сирoмашните и младите и старите и дека токму нејзината невидливост или несвесноста за неа, ја прави така подмолна и полека ги кородира и онака расклатените општествени темели. Анксиозност, депресија, срцеви заболувања, деменција, мозочен удар, се дел од болестите коишто можат да настанат од осаменост. Социјалното исклучување, кое доведува до осаменост може да зафати цели заедници, а тоа е и причина за намалена продуктивност на работното место, лоши перформанси на училиште, намален граѓански ангажман. Тоа пак, носи кон поларизација, а тоа кон помала способност да се соочиме со предизвиците кои не можеме да ги решиме сами, како климатските промени, насилството, пандемиите што следуваат, економските прашања итн., или едноставно, кон распарчување на земјата.
Секое општество има свои норми, но обновата на социјалните врски треба да биде приоритет секаде. Од друга страна, од чувството на самотија се родиле и сè уште се раѓаат големи литературни, музички, ликовни дела. Во самотија и со чувство на самотија живееле филозофи, научници, генијалци, така создавајќи ги своите ремек-дела. Но, уметничкиот индивидуализам, е сосема друга тема од културата на поврзување. Затоа, сметаат научниците, итно треба да се работи на враќање на социјализацијата за што, велат, има решение. Но, да почнеме пред сè, од едно обично: „Здраво!“.