Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) е кандидатка за претседател на Република Северна Македонија на Претседателските избори 2024. Доаѓа од приватниот сектор, во јавноста е позната како граѓанска активистка во борба за човековите права.
На прес-конференција на која беше промовирана нејзината кандидатура, таа рече дека иако првпат бошњачката заедница има свој претседателски кандидат, нејзината етничка припадност не ја одредува во политички контекст и нејзината програма и заложби ќе бидат за подобра иднина на сите луѓе во нашето мултиетничко општество и дека и фокусот во кампањата ќе биде на сите граѓани на државава.
Од предизборната кампања очекува „да одекнува гласот на патриотизмот и тоа да биде главна алатка во обидите да се освојат гласови“, но, рече, за неа патриотизмот е подобар живот на секој поединец.
Претседателот на Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) Мунир Колашинац смета дека политичките партии на помалобројните заедници можат да бидат вистински генератори на општествените промени и затоа, рече, и на последните локални избори БДС имаше свој кандидат за градоначалник на Скопје и за други градови.
На новинарско прашање одговори дека очекуваат и, како што рече, убедени се дека за седум дена ќе ги соберат потребните 10 000 потписи за поддршка на кандидатурата на Мерсиха Смаиловиќ. Рокот за собирање потписи тече од денеска и завршува на 8 март.