Државниот обвинител Љупчо Коцевски вели дека во обвинителската кариера истражувал многу злосторства, но како убиството на Вања Ѓорчевска немал видено. Тој изрази надеж дека осомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски Палчо ќе биде брзо екстрадиран од Турција.
– Во моето долгогодишно искуство, може да кажам дека сум имал 50 – 60 вакви случаи, за жал, меѓутоа тука се работи за специфично грозоморно убиство. Со истрагата се опфатени пет лица кои се осомничени. Обезбедени се доказите, имаше и обдукција, сето тоа оди во корист на фактичката состојба што Обвинителството ја утврдува, чекаме екстрадиција во однос на лицето што го спомнавте, Палчо, и јас мислам дека ќе биде брзо екстрадиран од Република Турција. Нашата работа е завршена, останува само екстрадицијата, рече Коцевски во вечерашата емисија Топ Тема на телевизија Телма.