Актуелниот претседател Стево Пендаровски и професорката Гордана Силјановска Давкова викендов и официјално добија партиска поддршка за кандидатурите за претседател на државата, но и од граѓаните, откако ги собраа потребните 10 000 потписи. Седум кандидати за претседател на државата досега се потврдени со граѓански потписи, а постапката продолжува за уште четворица и ќе заврши на 8 март на полноќ.
СДСМ вчера информираше дека во рекордно време, за неполни пет часа, собрани се 10.000 граѓански потписи за поддршка на кандидатурата за втор мандат на претседателот на државата Стево Пендаровски. Поддршката за Пендаровски владејачката партија синоќа ја потврди и на Конгрес. И опозициската ВМРО-ДПМНЕ исто така објави дека се собрани потписите за нивната кандидатка за претседател Силјановска Давкова, за која завчера одржаа и конвенција за поддршка.
Потребните 10.000 потписи досега ги обезбедија лидерот на „ЗНАМ“ Максим Димитриевски, актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи кој е кандидат на ДУИ, претседателот на ГРОМ Стевче Јакимовски, Билјана Ванковска, кандидат на Левица, како и Арбен Таравари од коалицијата на албанската опозиција „Вреди“.
Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај заедно со парламентарните избори. Изборната кампања за претседателските избори почнува на 4 април, а за парламентарните на 18 април. Во тек е увидот во избирачкиот список.