Пишува ТИНА ИВАНОВА
80 години – документ на едно време, на една држава, на една институција. Музичка институција што ги преброди сите времиња и невремиња, која успеа да го облагороди овој наш македонски амбиент. Да го обои со волшепство од звуци. Македонска филхармонија, колку тоа важно звучи!
Малку се сите страници за да ја соберат сета музика што ја плете оркестарот на Македонската филхармонија. Малку се овие страници за да ги раскажат приказните на звуците од сите краишта на светот, од сите ери и епохи, кои седум децении доаѓаат кај нас. За да се запише музиката родена под ова наше небо. За да се набројат сите оние имиња на уметниците, кои стапнале на музичките штици што живот значат.
За Македонската филхармонија секој има по нешто да каже. Некој навистина многу, некој сосема малку, но сите кога ќе ја споменат, сеќавајќи се на некој од нејзините концерти, ја имаат онаа позната блажена насмевка на лицето, која укажува на тоа дека нивната душа е облагородена. И не може да биде поинаку кога таа, музиката, и тоа во нејзината највисока форма на опстојување – симфонизмот, веќе ќе стане нивно секојдневие.
Секој од концертите на Македонската филхармонија е единствен. Неповторлив. Нема реприза. Како и со секој друг концерт, впрочем. Таква е музиката. Почнува и завршува. Но, долго по нејзината изведба, останува тоа необјасниво магично чувство на убавина, на исполнетост. Останува и надежта дека ќе има пак…
Почетоците
Ако погледнеме наназад во историјата, отсекогаш постоеле двојни аршини, поделени мислења за почетоците на одредена институција чие траење е долго и прераснало во традиција. Таа различност во податоците ја предизвикувал, меѓу другото, и фактот што оние што биле дел од формирањето на еден колектив, не биле меѓу живите за да го потврдат вистинскиот датум на раѓање, особено доколку за тоа и не постоеле опипливи докази. Слични полемики се водат и за Македонската филхармонија. За едни музиколози и биографи, таа годинава го слави 80-годишниот јубилеј откога почнала да делува како уметнички колектив. За други, пак, вистинското раѓање на нашата музичка институција е кога таа, всушност, и се институционализирала. Но, ако за нас се релевантни примерите по кои се водат другите големи музички институции во светот, дека датумот на формирањето на еден состав е датумот на зачнување на идејата за неговото раѓање, тогаш денес им се радуваме на осумте децении живот на Македонската филхармонија.
Овој значаен музички колектив ќе настане доцна во споредба со она што векови наназад ќе се случува на почвата на западната цивилизација. Македонската културна јавност ќе биде осиромашена во неможност и во живо да ги допира најблескавите мигови родени на симфониското небо. Скопје и Македонија ќе ги немаат пред себе големите дела на врвните класици, ќе бидат далеку од сведочењето за развитокот на една култивирана физиономија. Затоа, раѓањето на Македонската филхармонија ќе значи огромен скок во иднината. Затоа, развојот на ова оркестарско тело ќе се случува со брзина на светлината, што тоа често ќе носи и хаотични мигови, деструктивни организациски, кадровски и програмски потези. Но, во исто време, тоа ќе создава чуда, незамисливо добри концерти со, за многумина, луди решенија во однос на репертоарската политика. Луди, но остварливи. Често било поставувано прашањето: можно ли е еден ваков филхармониски оркестар, кој штотуку проодува, да зборува со јазикот што на некои други места, во едни други времиња полека, но сигурно, се калемел? Притоа, без онаа нагазена цврста почва што ќе ја имаат другите земји, да зборува со течни, чисти ноти, со несфатливо развиени сетила за врвните естетски форми на уметност? Можно ли било формирањето на еден голем оркестар, без кој, нели, оваа држава и не би била држава ако ја следиме Платоновата максима, во време кога народот плачел за корка леб, а не за музика, особено не за нешто што во суштина и не го познавал? Очигледно, и тогаш, во тие невремиња со крвави траги од траuрната Втора светска војна, во тој политички амбиент во кој се брише свеста за националното, можела да се случи револуција, но во духовната смисла на зборот.
Создавањето на Македонската филхармонија е револуција, и тоа многу поголема од оние што ги познаваме од историјата на политиката. Револуција што ќе ја направат само неколкумина уметници, кои наместо пушки, во рацете ќе држат музички инструменти, со кои ќе „пукаат“ со чудесните звуци на најубавата уметност – музиката, погодувајќи ги нивните следбеници директно во срцето.
Еве ги фактите за раѓањето на нашата Македонска филхармонија. Само 11 дена по ослободено Скопје, значи по завршувањето на Втората светска војна, во домот на композиторот Тодор Скаловски (1909-2004), еден од стожерите на македонската музичка култура, на улица Крушовска бр. 27, на 24 ноември во 1944 година, е одржан првиот состанок на група музичари, чија цел е да формираат симфониски оркестар. Да го создадат првиот македонски Државен симфониски оркестар, да ги стават темелите на една голема културна институција, прва од таков вид во ослободената Македонија. Ова е датумот на кој почнува историјата на Македонската филхармонија. Ова е датумот што се памети, кој се одбележува, кој се слави. И самиот Скаловски ќе запише: „И додека нашата славна армија сè уште водеше огорчени борби со фашистичките орди по Сремските полиња, во тукушто ослободената Македонија и нејзиниот главен град Скопје се одржа состанок на група музичари, основоположници на првиот симфониски оркестар на Македонија“. („20 години Филхармонија на СРМ“) Токму Тодор Скаловски е избран за шеф и уметнички раководител на оркестарот, додека за секретар, хорнистот Тодор Календаров.
Можен ли бил, уште еднаш и уште којзнае колку пати ќе се постави ова прашање, овој крупен, тогаш навистина ентузијастички чекор на нашите уметници кога сè уште во ушите им одѕвонувале бомбите прелетнати над нивните глави? Очигледно, човековата исконска желба за духовно издигнување во тие мигови, како што ќе кажат сведоците, била најсилна.Тој ден, скромниот дом на Скаловски ќе биде амбиент полн со нови идеи, со желби за нови предизвици, со стремеж за нови уметнички раѓања. На овој ден, се ослободуваат стегите и морниците од минатото, се фрлаат лошите мигови во заборав, се случува обид траурот од војната да се покрие со највозвишената форма на музицирање. Се оставаат трагите од немилите настани назад, како кошмар што поминал и не треба да се повтори. На овој ден, се влева надеж за подобро утре, се раѓа силна волја за нови почетоци, идеја за големи нешта. И токму таму, во домашна атмосфера, ќе се случи познатата историска средба на музичарите – Тодор Скаловски, Васил Ѓаконовски – Шпато, Ѓоре Кузмановски, Петар Трајковски, Фрањо Молчок, Херман Зип, Тодор Календаров, Стеван Кралев, Александар Шалевски, Петре Симоновски, Јосип Дворжак и Душан Парлиќ – кога тие ќе се договорат, земајќи ги предвид сите свои уметнички капацитети, да формираат оркестар. Не знаејќи, можеби, дека ќе ја направат најзначајната работа за развојот на музичката култура во Македонија. Дека ќе создадат ансамбл, кој подоцна ќе се претвори во национален оркестар што ќе донесе нови видици на македонското културно поднебје.
Можеби дилемите кај неколкумина наши проследувачи на музичката историја тргнуваат и од сознанието дека Македонската филхармонија, сè до моментот кога почнала да го носи ова име, претрпувала разноразни преименувања, во согласност со законските одредби во одредено социјално-политичко и општествено уредување – Симфониски оркестар на Радио Скопје, Државен симфониски оркестар, Скопска филхармонија, Македонска државна филхармонија… Но, составот, структурата на нејзиното дејствување, мисијата што од самиот свој почеток ја извршувала со цел да ја развие концертната дејност до највисокиот степен на музицирање, на каков што денес сме сведоци, е јасен показател дека Македонската филхармонија е Македонска филхармонија од самите нејзини првични искри на уметничко осознавање.
Исказите на дел од оние што со сета своја жар биле инволвирани, или биле сведоци во чинот на зачнувањето на оркестарот, се јасна слика за еден пионерски потфат, во кој се гледа силната потреба ова дело наречено Македонска филхармонија да има светла иднина. Да не биде само површна проекција на нечии „бесмислени“ и за многумина неостварливи идеи. Туку навистина, да се претопи со идејата на сите оние други филхармониски оркестри во светот, да навлезе длабоко во проучување на тој универзален јазик, и да се приклучи кон европската и кон светската културна ризница.
Филхармонијата во зародиш
Во своето писмо до Лина (во ракопис), чиј сегмент е поместен во книгата „Тодор Скаловски – живот и дело“ на авторите Маргарита Китан Ивановска, Денко Скаловски и Томе Манчев, стр. 45, самиот Скаловски, низ една малку анегдотска форма, се потсетува на тој важен чин: „Тоа беше нашата прва уметничка институција, тврдам, иницирана во Горно Врановци. Имено, Трајко Прокопиев (1909-1979), еден од најзначајните македонски композитори, доби задача да формира симфониски оркестар. Арно ама, тој си отишол кај своите и од задачата не бидна ништо. Кога дојдов јас во Скопје, на 17 ноември, Трајко не беше направил ништо. Беше отишол во Скопска Црна Гора, при својата фамилија. Тогаш јас морав тоа да го сторам. Закажав состанок, на 24 ноември, на кој присуствуваа 11 музичари, тогаш затечени во Скопје. Значи, 11 дена по ослободувањето на Скопје, јас ја свикав првата седница за основање на нашиот прв оркестар“. Откако ќе се оствари „митската“ средба на неколкутемина уметници, само по четири дена, на 28 ноември таа 1944 година, во тогашниот Француски клуб сместен на улица Никола Парапунов бр. 3, подоцна клуб на ДСВР, ќе се случи и првата проба на оркестарот, кој тој ден ќе брои 26 члена. Со него ќе раководат македонските музички великани, веќе споменатите Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев. На 8 декември, пак, таа година, под диригентство на маестро Прокопиев, овој оркестар „учествува за првпат на Свечената академија по повод прославата на Св. Климент Охридски, и тоа со следната програма: ’Песна без зборови‘ од Петар Илич Чајковски и ’Словенска игра‘ од Антонин Дворжак“. („50 години Македонска филхармонија“, Татјана Грковска, стр.7)
Сепак, датумот 15 декември 1945 година, како што ќе запише Скаловски во брошурата по повод дведеценискиот јубилеј на Филхармонијата, ќе биде врежан во историјата на македонската музичка култура како еден од најзначајните. Тој ден, пишува тој, овој оркестар ќе го даде својот прв Симфониски концерт посветен исклучиво на симфониското творештво. Во Македонскиот народен театар, под негова диригентска палка, ансамблот ќе ја изведе следната програма: Симфониски танци бр. 1 и бр. 4 од Антонин Дворжак, вториот и третиот став од Концертот за виолина и симфониски оркестар од Петар Илич Чајковски и Третата симфонија „Ероика“ од Лудвиг ван Бетовен. Како солист на концертот ќе настапи Лука Ритер. Овој концерт ќе биде празник за градот Скопје, ќе значи голем и свечен настан особено за музичката публика желна да ја восприема класичната музика одблизу. Но, ќе биде и своевидна увертира, или повеќе испит за да се согледаат креативните сили на музичарите, особено што тие својот поход ќе го почнат со мошне сериозна, комплексна програма.
Во монографијата „50 години Македонска филхармонија“, пак, авторката, земајќи ги предвид написите во тогаш единствениот дневен весник „Нова Македонија“, го споменува датумот 31 октомври како датум на кој бил изведен првиот самостоен концерт на симфонискиот оркестар на Радио Скопје по ослободувањето. „Со концертот диригирал Т. Скаловски, концерт-мајстор Лука Ритер, додека на програмата биле застапени дела од Моцарт, Бетовен (Третата симфонија), Чајковски, Дворжак и Росини.“ („50 години Македонска филхармонија“, Татјана Грковска, стр. 9) Весникот „Нова Македонија“ од датумот 31 октомври 1945 година, број 254, страница 4, пишува текст со наслов „Симфониски концерт“. Во најавата, а потоа и во рецензијата објавена од непознат автор, која се смета за првата музичка критика пишувана за овој ансамбл, се наведува токму датумот 31 октомври 1945 година. Композиторот Тихомир Карапанчевски, на 9 декември во 1945 година, го најавува вториот концерт на Народниот фронт, при Радио Скопје, и притоа го потврдува веќе одржаниот концерт на 31 октомври.
Како и да е, овде започнува долгата историја на Македонската филхармонија, со разбудена силна мотивација за уште многу премиерни македонски изведби.
Првите блесоци
Оркестарот на Македонската филхармонија веќе почнува да ја сфаќа својата самобитност. Почнува да ги ’рти никулците, да ги сее звучните семиња, а публиката да ги впива музичките плодови со нескриена страст. Оти, тогаш, иако македонската култура нема да биде нема, ниту, пак, слепа на светските предизвици и во сферата на симфонизмот, бидејќи ќе изнаоѓа начини како да допре до новитетите што се калемат на западниот културен подиум, сепак, таа неизмерно ќе се радува што и овде, на оваа почва, конечно ќе се постават темелите за цврст развој на класичната музика. Прилично доцна, ако се направи компарација со западниот музички систем на вредности, но македонската публика ќе ги слуша и ќе ужива во делата на Моцарт, Бетовен, Чајковски, Прокофјев…, и со забрзан од ќе ја восприема нивната возвишена убавина.
На 20 јануари 1945 година, овој тогаш т.н. Државен симфониски оркестар, ќе влезе во составот на Радио Скопје и ќе почне да делува како Радиосимфониски оркестар. Иако на почетокот со полесна програма што ќе навлегува во т.н. популарен музички жанр, со цел да ја привлече и пошироката публика, оркестарот полека ќе почне да ја сфаќа сериозноста на неговото постоење. Ќе се зголеми и бројот на неговите членови, кои ќе ја достигнат бројката од 44 музичари, и ќе почне да се посветува на сериозните симфониски дела. „Во текот на истата година неговата дејност се движи во рамките на учество по потреба: една академија по повод роденденот на другарот Тито на 25 мај (диригент Т. Скаловски), комеморативна академија за загинатите уметници во Народниот театар на 13 јуни (диригент Т. Скаловски) и еден вокален концерт одржан на 18 јули 1945 година, на кој учествувал и симфонискиот оркестар…“ („50 години Македонска филхармонија“, Татјана Грковска, стр. 8) Дел од овие музички уметници ќе ја прошират својата дејност и кон педагогијата, ќе работат во музичките, но и во другите училишта, ќе ги споделуваат своите познавања и на пошироката јавност, ќе создадат музички кадри. Меѓу нив се споменуваат: Александар Шалевски, Јосип Сион, Иван Влахов, Глигор Смокварски, Добривое Тошиќ, Јосип Дворжак…
Радио Скопје во 50-тите години на минатиот век, ќе биде местото што ќе ги собира во своите пазуви сите музички капацитети и културни движења воопшто. Нема да биде само единствениот информативен глас, туку и своевидно културно збиралиште. Така, и оркестарот, како што ќе сведочи и композиторот Скаловски, ќе претставува вистинско јадро околу кое ќе се развива целокупниот музички живот
А Радио Скопје, во тоа време, во 50-тите години на минатиот век, ќе биде местото што ќе ги собира во своите пазуви сите музички капацитети и културни движења воопшто. Нема да биде само единствениот информативен глас, туку и своевидно културно збиралиште. Така, и оркестарот, како што ќе сведочи и композиторот Скаловски, ќе претставува вистинско јадро околу кое ќе се развива целокупниот музички живот. „Од Радиосимфонискиот оркестар подоцна беа формирани и други помали ансамбли: Народниот оркестар, Оркестарот за забавна музика, Гудачкиот квартет и други, кои во тоа време, кога магнетофонска лента речиси не постоеше, а дискотеката на Радио Скопје броеше сè на сè триста плочи, заедно со говорните емисии, беа носители на главниот дел од програмата на Радио Скопје.“ („20 години Филхармонија на СРМ, 1944 – 1964“) Тоа ќе го потврди и во едно интервју за „Утрински весник“ кога, пред својата смрт, ќе каже: „Тогаш сè беше концентрирано на Радио Скопје, бидејќи радиото беше единствениот медиум преку кој можевме да му се обратиме на народот“.
Оркестарот ќе ги доживува своите први блесоци. Посебен растеж, како што ќе запише Скаловски, ансамблот има во 1946 година, кога ќе се расформира Трстјанската филхармонија, а која претходно, во мај 1945 година, ќе гостува во Скопје, и кога за потребите на македонскиот оркестар ќе бидат ангажирани 18 извонредни италијански музичари. „Вака комплетиран, оркестарот стана способен да изведува и најсложени симфониски дела. Преку диригентскиот пулт се сменуваат партитурите на Бах, Хендл, Вивалди, Хајдн, Моцарт, Бетовен, Шуберт, Шуман, Шопен, Лист, Бородин, Чајковски, Корсаков, Дворжак, Сметана и други.“ („20 години Филхармонија на СРМ (1944 – 1964)“) Мошне забележлива ќе биде улогата на оркестарот и во афирмацијата на македонското симфониско творештво, како и на творештвото на авторите од тогашна Југославија. Датумот 12 март 1946 година, пак, е забележан како ден кога во просториите на Радио Скопје „е одржана првата конференција на иницијативниот одбор за формирање на Филхармониско друштво. На состанокот е избран одбор за донесување правилник на друштвото, а во него влегоа Јосип Дворжак (контрабасист во Македонската филхармонија), Добривое Тошиќ (еден од основачите на Македонската филхармонија, а потоа и нејзин контрабасист) и Тихомир Карапанчевски (композитор и публицист). На оваа конференција е донесена одлука за свикување на ’сите наши културни работници и институции како и нашите државни водачи и дејци, кои покажуваат љубов кон музичката уметност‘. (Записник во оригинал од овој состанок, кој се наоѓа во архивата на Т. Карапанчевски во НУБ ’Климент Охридски‘ Скопје.) За претседател е избран Живко Фирфов (етномузиколог и композитор), а за секретар Стојан Крстевски. Правилникот на друштвото е составен за многу кратко време, така што на 17 мај истата година, тој веќе е ставен на усвојување.“ („50 години Македонска филхармонија“, Татјана Грковска, стр. 10)
Фотографии: Скенирани од архивата на Филхармонија.
Продолжува…
Тука: ПРВ ДЕЛ
(На Frontline.mk, по повод 80 годишниот јубилеј на најстарата културна институција – Македонската филхармонија, кој го одбележува токму оваа 2024, ќе бидат објавувани неколку текстови за нејзиниот историјат, со цел читателите подобро да се запознаат со нејзиното функционирање. Текстовите се преземани од монографијата „70 години Македонска филхармонија“, на авторките Тина Иванова и Роза Нолчева.)