Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Михаил беше вистински архиепископ, му стоеше тоа звање, кое за жал, многу кратко го носеше – од декември 1993, до јули 1999, кога почина. Неговата продуховеност се читаше на неговото аскетско лице и низ мудрите зборови. Тој човек бил и член на АСНОМ, активно учествувајќи, значи, во остварувањето на целта Македонија да биде држава. Неговата биографија е комплетна.
Овој Стојан -„Стефан”, што 24-та година ни се презентира како „архиепископ” вчера го допре своето дно. Уште од неговиот избор во 1999 г. воопшто не ми личеше ни на свештено лице, ниту по лик, ниту на збор. Во себе му „дадов шанса” извесно време, бидејќи прифаќам дека ликот, па дури и зборот можат да измамат, но на секој празник, со секој збор, за мене беше сѐ спротивно од духовност. Неговата биографија од 1986 до 1999 е бирократска: богословски секретар. А претходно, во време кога Македонија е држава со свои институции, тој оди богословски да се образува во Белград и Италија! Да, големо – хммм …!
Со алчен, неуреден лик, најблиску до карикатура од анафилактичен пекинезер, вчера се впушти во директна лага како најдолен трол зад тастатура, но и лицемерно – со еквивокациска отстапница како замена за лажен ботски профил:
„Така, има некои Македонци со антимакедонски постапки, кои или за лична корист или во служба на туѓи интереси се подготвени волни да отстапуваат од македонската историја и македонскиот јазик“.
Што му значи „отстапување од историјата” – менување на научно утврдени факти или, пак, нешто од блиското минато, практично, сегашност – што никако не влегува под назив „историја” – што е всушност реалност што нему и на неговите овчички не им се допаѓа?
И комедија е кукавичлукот на база на неодреденост, на собир за „заштита на идентитет”:
„Има некои Македонци”?
Да не тече од некоја ногавица? А, ваму, кој отстапи од македонската историја? Да не се баш ванчомихајловистичко континуираните? Тие што го набутуваат Тодор Александров по песните кајшто не му е местото? Што ги изменија имињата на улиците со врховисти? Истите што воедно ја антиквизираа македонската историја? (Веројатно е поточно „тиквизираа”).
И како така необмислено си дозволува таков faux pas како „неуништливоста на пирејот” на „собир за заштита на македонскиот идентитет”? Па што сте се собрале тогаш? Ако е жилав пиреј идентитетот, што се извозбудиле толку да го заштитуваат – таа дивурија би никнала пак. И пак така пирејски, простачки, не-негувано, грдо. Како не им текнува токму заради што пирејот е коров – дека време е за нешто негувано, убаво, само по себе цврсто и трајно во иднината. А не тревиштето, па тревиштето што никне со гола репродукција скоро како ешерихија или амеба.
Нешто рече и за „убиство на историјата”? Ајде, млад е, 1955, не како архиепископ Михаил -1912. Овој не го искусил НОБ. Но, токму кон политичката партија ВМРО-ДПМНЕ јавно, невоздржано и со тоа толку приземно непристојно, просто бесрамно се залепува (не помислувајте на зборот „приклонува”, тој содржи и интегритет), точно за партијата која цело време се обидува од корен да го избрише, т.е. да го „убие” македонското социјалистичко минато. Кој постојано ја убива историјата од НОБ? Истите што ја измислија навредата „комуњари”. Истите што поим немаат од различните видови комунизам меѓу СР Македонија во рамките на СФРЈ и комунизмот во источниот блок. Отиде Мицкоски во 2016 кај Бојко Борисов и му вели „оти ако овие комунистиве дојдат на власт…” На Бојко. Од Бугарија. Во себе ја убиле македонската историја, просто од сопствената биографија од животот во Македонија, кога сѐ уште беше дел од СФРЈ. Тоа е убиство на историјата.
Но, таква фразеологија користи за историјата, не само затоа што во однос на историјата си ја брка мувата од капата, туку и затоа што точно со истите фрази, очигледно, неговите „главни идеолози” со „антимакедонски”, „туѓи интереси” се обидуваат да ја „убијат” македонската иднина. Подмолно, преку самонаречените „заштитници на идентитетот”. Да, фала за фразиве, со твои фрази може и по твојата глава. Тој бил со „македонски идентитет” учен едикајси и уште па, заштитник, хахахаа! Залепен за ВМРО-ДПМНЕ со пола „убиена” историја во себе, жив срам!