Пишува: ТИНА ИВАНОВА
Музиката, скоро во сите филмови, е неизоставен елемент на наративот. Всушност, голем број од филмовите ги паметиме по музиката, секако по одредени сцени, кои многумина ги нарекуваат „култни“, ама и тие, се зачинети со најубавата состојка – звукот. Музиката е оној елемент кој се врежува во потсвеста, и секако, во свеста, битен „детаљ“ без кој останатото би поминало незабележано. Но, таа може и тотално да ја уништи сцената и комплетната филмска приказна, доколку е создадена или искористена несоодветно, надвор од контекстот, во погрешно време од филмската содржина. Односно, доколку е направен дефокус од уметничкото сиже и лоша интерпретација на звучното интензивирање на сегменти од филмската приказна.
Минатата 2023 година, се одбележаа 30 години од воспоставување на дипломатски односи помеѓу Македонија и Италија, а покрај многуте настани по тој повод, беа изведени и неколку концерти посветени на италијанската филмска музика, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија. Едниот од нив – „Животот е убав“ кој се одржа во Градскиот парк, меѓу другото во својата програма ги имаше и делата на најславните филмски автори – Енио Мориконе и Нино Рота, со акцент на еден од најпочитуваните режисери на 20.век, Федерико Фелини.
2024 година е година на јубилеј на Федерико Фелини и за тоа соодветно се подготвува неговиот роден град Римини. Посебен акцент ќе биде фрлен на 70 годишнината од филмот „La strada“
За многумина, италијанската кинематографија, уште од самите почетоци, а особено по Втората светска војна ако го следиме нејзиниот развој, е број еден во целокупната светска филмска уметност во однос на тоа како е третирана музиката. На кој начин сета нејзина семантика и симболика ги надополнува одредените сцени, приказната со нејзиниот вовед, заплет и финале, актерската игра, сценографијата, гестикулациите, мимиката… Зборуваме особено за онаа музика којашто е симфониска и го користи целокупниот оркестарски корпус (што е случај во 80 посто од филмовите), чии автори создаваат мелодиски раскош, придаваат огромно значење на водењето на инструментариумот, на богатството на хармониите и ритмиката, на темпото и неговото соединување со сцената, на динамиката, звучниот колорит. Можеби и со цел, таа да функционира и надвор од филмското платно.
Сето ова е воочливо уште од времето на комедијата и неореализмот, како и на „шпагети-вестерн“ филмовите, но и малку пред тоа, со појавата на „Cinecitta“ („Чинечита“) – најголемото филмско студио во Италија, создадено во 1937 по налог на Мусолини. Иако, кога зборуваме за европскиот филм, тука некаде би се вклопиле и полската, чешката или француската филмска музика. Се разбира, не може во ниту еден случај да се занемарат одредени генијални остварувања на Холивуд, и покрај тоа што разликата е огромна поради севкупниот историски, па и политички и социјален контекст помеѓу САД и Европа. И, бидејќи „Чинечита“ функционирало како средство за пропаганда на фашизмот под слоганот „La Cinematografia è l’arma più forte“ („Кинематографијата е најсилно оружје“), тоа е уништено за време на Втората светска војна, но потоа се реновира, се создаваат повеќе студија и стануваат светски признати благодарение на меѓународниот успех на филмот „La dolce vita“(„Сладок живот“) токму на Федерико Фелини.
Уште неколку интересни факти за „Чинечита“, е тоа што таму се снимени неколку американски филмови како „Бен Хур“, на пример, но една година е одржана и „Евровизија“ (1991), како и концерт на „Пинк Флојд“. Мартин Скорсезе таму го снима „Бандите на Њујорк“, а „Чинечита“ станува славна компанија и поради Роберто Роселини и Микеланџело Антониони. Како и да е, благодарение на овие студија, италијанската кинематографија блеснува, а со тоа се вивнува во облаците и италијанската филмска музика, особено генијалците како Нино Рота (годинава се одбележуваат 45 години од неговата смрт) и Енио Мориконе. И двајцата на италијанскиот филм му ја дадоа неопходната димензија, го спакуваа во прекрасна естетска рамка, му наметнаа уникатен слој на убавина и креативност што и денес се практикува ширум светот, на засебни концертни настани.
Што би значела само една секвенца од финалниот дуел во „Беше еднаш на дивиот Запад“ на Серџо Леоне без моќната мелодија на Мориконе?
Белградскиот композитор Варткес Баронијан вели: „Звукот е неизоставен дел од сликата, која гледачот ја прима толку природно, што не ја забележува сè до моментот на нејзиниот прекин, бидејќи звукот и музиката ја дополнуваат сликата така што нивното присуство е незабележано, но нивното отсуство е впечатливо“. Кога би отсуствувала музиката на Рота и Мориконе – „Беше еднаш на дивиот Запад“, „Добар, лош и грд“, „Малена“, „Чинема Парадизо“, „Амаркорд“, „Ромео и Јулија“…, и други бројни италијански филмови, би останале закопани, во заборав. Бидејќи, таа не само што има примарна улога во тој колективен уметнички организам, туку нивните партитури денеска се некаде дури и дел од редовниот концертен репертоар на филхармониските куќи. Па, така и сеќавањето за филмовите (кај оние кои не се филмофили) не избледува. Такви се и примерите со делата на Збигњев Прајснер, Ханс Цимер, Мајкл Најман и многу други, кога музиката може и одлично да функционира без слика, без филмскиот контекст.
Симфониската музика, класичните техники на компонирање всушност, се круната на филмската музика, затоа што ја нуди комплексноста на изразување на емоциите и збогатување на ефектите, а е присутна во уметничкиот свет пред појавата на филмот. И самиот Мориконе изјавил дека често пишувал пред да почне снимањето, посматрајќи како делуваат Моцарт, Бах и Малер на филм, па поради нивната темелност и интегритетот, имал волја да направи нешто слично. Што би значела само една секвенца од, да речеме, финалниот дуел во „Беше еднаш на дивиот Запад“ на Серџо Леоне (1968) без моќната мелодија на Мориконе? Само така, комплетно се менува минималистичката експресија на ликовите на филмските легенди Бронсон и Фонда, а целата сцена го добива неопходното засилено исчекување, неизвесноста. Но, никој не размислува за композиторот, т.е. за музиката додека го гледа филмот, иако на сите потоа хармониката им одѕвонува во главата. Или, да не беше една од најубавите креации на Мориконе во „Мисија“ (1986) на Роланд Џофе, сцената кога отец Габриел свири на својата обоа, немаше да бидеме убедени дека за толку кусо време може да се создаде таква мешавина од емоции, а обоата да биде искористена за филм во таков совршен динамички баланс. Возвишено! Или, пак, „Кино Парадизо“ на Торнаторе (1988). Овде Мориконе ја создава сопствената вечност, преку гудачките пејзажни мотиви си ја зацртува иднината, дека ќе живее засекогаш како Бетовен или Бах, бидејќи неговата величествена музика е на рамниште на нивните ремек-дела. Нешто слично како нашиот Драган Ѓаконовски-Шпато кој ја „симнувал“ од слушање партитурата од филмот „Бал на вода“, така и Мориконе најпрвин по слух „симнувал“ композиции како некои на Вебер. Потоа и двајцата создале неповторлива музика, уникатна, безвременска.
Сепак, Мориконе станува славен кога одлучува на тмурните години за време на војната да им даде светлина, и кога ќе почне да соработува со неговиот школски другар Серџо Леоне, создавајќи го заедно т.н. нов жанр „шпагети-вестерн“. И тука, наместо музиката да се адаптира на филмот, се случувале обратни ситуации. Самиот Мориконе изјавил дека некои сцени од вестерн филмовите на Леоне биле ужасно бавни, затоа што морале да бидат продолжени за да се прилагодат на музиката, што е навистина редок пример и луксуз. Но, повеќе филмски аналитичари ќе се сложат дека музиката во голема мерка е главниот протагонист, наспроти тивките, молчеливи ликови. Музиката, всушност, го заменува говорот. Така, тие добиваат ново име -„вестерн опери“. Исто така, Мориконе го засилил својот кредибилитет и преку создавање на музика за „giallo“(„џало“ – „жолто“) филмовите, трилери со криминалистичка содржина по кои италијанската филмска уметност зачекорува надвор од границите, некои и со еротска конотација, работејќи особено на „кошмарите“ на Дарио Арџенто.
За Нино Рота (1911-1979), исто така ќе се сложат сите дека ниту еден композитор немал храброст да пишува таква музика. Соработувајќи со имиња како Зафирели, Висконти, Френсис форд Копола, како и со неговиот најголем пријател Федерико Фелини, Рота создал неповторливи дела за кои, и самиот Фелини ќе каже, „ја имаат авторовата геометриска имагинација, музички пристап достоен за небеските сфери“. И Рота, слично како Мориконе, работел на принцип на невидливост. Пред да ја види сликата, се занимавал со неговата лична имагинација, и создавал мелодии по инстинкт и интимно чувство и секако, користел техника на лајтмотиви, што е типично за филмската музика. Почетокот на соработката со Фелини (најбитното име на италијанската филмска уметност, воопшто) е филмот „Lo sceicco bianco“ 1952 („Белиот шеик“), но, неговата фантазија најмногу е видлива во „Amarcord“ 1973 („Амаркорд“), „La strada“ 1954 („Улицата“), „La Dolce vita“ 1960 („Сладок живот“), „Otto e mezzo“ 1963 („Осум и пол“), „Prova d’orchestra“ 1978 („Оркестарска проба“)… За Фелини, од целата работа којашто го следи создавањето на филмското дело, токму делот кога во приказната се вплеткува музиката, е најинтересен.
„Таа зборува повеќе од сликите и говорот, а неа може да ја создаде само Рота“, ќе каже Фелини. „Има една фаза во работата којашто најмногу ја сакам. Тоа е свеченост, создавање и снимање на музиката. Нино Рота! Со него можам да останам со денови, да го слушам како свири на клавир, обидувајќи се точно да одреди некој мотив, па да ја прочисти музичката реченица на начин да се поклопува што повеќе со чувството коешто сакам да го изразам…“ Рота, сепак, за светската јавност се закити со вистинска круна од брилијанти по создавањето на музиката за филмот на Копола „The Godfather“ 1972, 1974, 1990 („Кум“). Всушност, Рота ги доживеал само првите два дела, а за третиот, Копола употребил музика која италијанскиот композитор ја создавал во своите рани периоди на творење. И повторно, што ќе беше „Кум“ без автентичната италијанска мандолина, без меката труба која ја најавува содржината, без обоата и без прекрасната мелодија кај гудачите за која сите ќе се согласат дека во истовреме е среќна, носталгична, трагична, моќна, епска – едноставно, бесмртно парче уметност.
„Филмот без музика е сакат“, „Музиката е темел на филмот!“
„Филмот без музика е сакат“, ќе каже францускиот режисер Патрис Шеро. Вим Вендерс, пак: „Музиката е темел на филмот!“. Секако, постојат филмови без музика, но и идеја за нејзино потполно отфрлање со тенденција да се зголеми улогата на „филмските“ звуци и да го направи филмот сурово реалистичен. Но, оваа практика веќе се покажала недоволно привлечна уште кога се појавиле првите филмски обиди. Затоа и првите проекции (немите филмови) почнале да се реализираат со придружба на „жива музика“, најчесто со пијанист или помал оркестар кој директно од сцена ја имитирал акцијата од платното, сè додека не почнала да се соединува како засебна уметност во служба на сликата и „невидливо“ да ги надополнува емоциите на приказната. И италијанската кинематографија, како и останатите земји, навистина сериозно се занимавала со употребата на звукот во филмот, па неретки се и примерите за многу експериментирања, особено со појавата на електрониката која се употребувала уште на почетокот на 20.век, за да се создаде интелигентна реконтекстуализација.
Зошто се навраќаме и чинам секогаш ќе биде така на делата на Мориконе и Рота, како едни од најплеменитите и најкомплементарните композитори? Затоа што сè уште, и покрај брзиот квалитативен развој, но би рекле повеќе квантитативен, на филмската уметност, нивната работа не застарува, не исчезнува. Во споредба со многу други филмски дела, филмски сонгови, хитови, албуми итн, во споредба со поновите добитници на Оскари. Тие се класика, а и нивната аналогна продукција ја нуди неопходната топлина што не ја наоѓаме на други места. 2024 година е година на јубилеи на Фелини и за тоа соодветно се подготвува неговиот роден град Римини. Посебен акцент ќе биде фрлен на 70 годишнината од филмот „La strada“ кој ќе освои и Оскар за најдобар странски филм. И токму за него, музиката ја пишуваше Нино Рота, а Фелини ќе изјави: „Го снимив овој филм со пуштена снимка на музика, затоа што, таа, музиката, те носи во некоја посебна димензија во која твојата фантазија те контролира тебе“.