ВЛАДИМИР КОЧОВСКИ
Има една улица на која и дадоа назив „Боемска”.
Пред очи ми проаѓаат слики од дотерани луѓе како седат на маса со оние карирани чаршафи, со весник во рака и пијат тоа што нарачале, во утринските часови.
Навечер се слушаат тивки звуци на виолина, понекоја тамбура, гитара која длабоко во ноќта полека ги испраќа последните, оние најупорни гости, нагрнати со палтата, затоа што баш некако и не можат да ги најдат тие проклети ракави.
Уморни но насмеани келнери, облечени онака како што треба да бидат, полека почнуваат да го средуваат локалот за утредента.
Далеку од тоа дека немало препирки, кавги, па можеби и нешто повеќе.
Но тоа обично завршувало со пружање рака и со „извини”.
Оваа денешна улица е божем „Боемска”
(кога не се сетив да напишам БоЖемска)
Со измешани звуци на народњаци од кои се срамат и оние што ги пеат.
Не се срамат оние кои ги слушаат. Довикување, гласно зборување, дерење.
Чести инциденти. Сомнителни ликови кои се главни шизици, ги одвраќаат боемите од тука.
Видете деца.
Има кафани и има дискотеки.
Кафаните се институција и треба добро да ги излижете ѓоновите по асфалтот за да стигнете до неа.
За дискотеките имате скратени патчиња преку кои бргу ќе стигнете и ќе се камуфлирате меѓу рајата.
Сега е касно.
Таму седат оние на кои „пајак” не може да им ја дигне колата паркирана на трева, затоа што се гузоњини синови.
Седат „народњаци” со златни ланци и ишарани по телото ко сликовница. Набилдани, скапо облечени, силни, но со ненадокнадив недостаток на асфалт во гените.
Ги направивте главни.
Тоа го направивте вие кои им се восхитувавте.
Вие кои се потчукнувавте со лактови кога ќе влезеа.
Направивте од нив идоли, ваши, и идоли за следните генерации.
Што ни останува?
Ни останува да се тргнеме од тука.
Да се тргаме од земјава.
И ако продолжиме да се тргаме, набргу сите „бистрооки” ќе се гледаме во Стокхолм, Лондон, Амстердам.
Тоа е…