- Драган Ковачки како да оди во некакво неказниво сафари во кое сè му е дозволено и однапред простено.
- Собранието на РСМ и онака во опозициониот дел на салата е како резерват за чување на лица кои имаат кривични пријави на кои се чека да застарат!
- Ковачки е најефикасен кога бега од лицето на правдата!
Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Нема сомнение дека една од последните задачи кои ги имаше Иванов како претседател после симнувањето на Груевски од власта, беше да „регрутира“ партиски профилиран човек од редовите на униформираните, во војската, каде имаше надлежност. Изборот беше – Драган Ковачки, кој доби висока позиција.
Ова не беше обична кимка кон новата опозиција, туку беше дел од ситуацијата „која е вашата последна желба?“ – што претпоставува дека во Палатата Татарчев постоел крој од кој требало да се изработи соодветен костум, пардон, униформа адекватна на желбата за власт на груевистите, делумно зафатени со параноја после неуспешниот државен удар од 27 април 2017 година.
Имено, инженерингот за тој потфат почувствува дека постојат „лабави позиции“ каде што вмровците не може да се потпрат ако им згусти.
Ковачки (47) како делчевец, предел кој од вмровска тврдина на политичката мапа најсилно ја „сврти капата“ кон социјалдемократите се чинел дека е кадар кој би бил адекватен избор за враќање на партијата на старите позиции и во постизборниот вокабулар на Влатко Ѓорчев на следните избори. Згора, како кадар кој дипломирал на Кралскиот колеџ за одбранбени студии, барем знае еден странски јазик, за да не биде како сите други вмровски кадри (како претседателот Иванов, на пример), за да го вика Боцевски да му преведува во разговор со странците, дури и во кулоарски ситуации.
Но, вертикалата низ која се движел офицерот Ковачки нагло се заврте и кога, наместо јасните кодови за војничко однесување во АРМ, тој започна со политичко ангажирање за опозицијата; најпрвин „во слободно време,“ а потоа да стане дел од јавните кадровски калкулации на партијата со која ги делеше своите погледи.
Јасно е дека стана најголемото изненадување пред претходните парламентарни избори во 2020 година, како предлог од страна на опозицијата за иден технички министер во МВР, позиција за која се очекуваше да биде некое лице со подолг стаж во самата партија ВМРО-ДПМНЕ.
Идејата на Христијан Мицковски офицер да влезе во цивилен костум падна уште во разговорите кои се водеа со тогашниот политички опонент и премиер Зоран Заев. Според Заев, прописите се јасни – министер за внатрешни работи не може да биде воено лице, односно треба најмалку три години да биде цивил пред да стапи на функција во МВР.
Во она време Ковачки беше полковник во АРМ и според неговата биографија кариерата ја поминал во специјалните единици на војската, а потоа бил и дел од военото разузнавање. Ама намерата на неговите сè уште не толку видливи промотори Ковачки во меѓувреме самиот ја провали. Што би се рекло, така тој не стигна до можноста некогаш да дојде до чинот генерал.
Дел од опозициските медиуми обвинуваа дека Ковачки бил сопрен во промоцијата од страна на претседателот Пендаровски како врховен командант. Дури Ковачки беше разрешен од позицијата командант на Првата механизирана бригада од страна на Пендаровски.
Претседателот на тој начин ги укина решенијата од претходникот Иванов за што беше поведена и постапка од Државната комисија за спречување на корупција. Унапредувањето на Ковачки од Иванов е направено во февруари 2017 година кога била почната изборна активност за избор на заменик на „потстанарот во Претседателката палата“ (како што пишува Дерала), што е движење во атмосфера на фрлена „чадна бомба“, односно тогаш не се дозволени сериозни кадровски поместувања. Згора, Ковачки кога како прв воен разузнавач се става во нечии партиски прангии, нема што да се дискутира за тоа дека ја минал црвената линија и тоа веројатно не толку одамна.
Згора, кога веќе влеговме во НАТО, тој лесно би ги оддавал чувствителните информации надвор од касарната и коридорите кои ги предвидува шефот на државата. А преку Палатата Татарчев не е тешко да помислиме каде истите би се одлевале, особено кога во Скопје вриеше од руски шпиони, што бараше исклучителна чувствителност во тој ареал. Ова особено важи за земја НАТО-приправник.
Впрочем, неодамна А1он објави документ според кој Ковачки бил одбиен за безбедносен сертификат од НАТО, нешто што тој, очекувано, го порекнува.
За да бидеме појасни по ова прашање, мора да се каже дека постои силна оска меѓу безбедносните структури на ВМРО-ДПМНЕ и Синиша Алексовски, кој беше советник на Иванов, а се покажа и како човек за врска со главниот шпион на Србија во земјава, секако и во регионот (за српско-руските релации и да не говориме!).
Доволно беше присуството на Зоран Живаљевиќ во Собранието на РСМ на денот на изведување на обидот за пуч на 27 април 2017, кој самиот тоа отворено го призна (а беше и снимен таму), но се повика на одобрение од Синиша Алексовски, советникот на Иванов за безбедност.
„Тој човек ја знаеше причината зошто бев таму и за тоа беше информиран. Мојата мисија таму не беше тајна и беше добронамерна во однос на безбедноста на Македонија, а во контекст на соработката која ја имаме со безбедносните служби на Македонија. Моето пријавување за активност таа вечер, на 27 април, беше насочено на самиот кабинет на претседателот и неговиот советник за безбедност,“ – откри Живаљевиќ.
Претходно, ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение ги демантираше тврдењата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека некоја македонска институција му дала согласност на српскиот дипломатски претставник Горан Живаљевиќ да влезе во парламентот на Република Македонија за време на инцидентот.
Живаљевиќ тврди дека „во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ намерно се прескокнува инстанцата претседател на Република Македонија.“
Кој тука лаже? Се знае – оние од Татарчев. По овој настан, српската амбасада итно изнесе материјал качен на седум шлепери и ги изнесе од земјава, а ја затвори дури и амбасадата. Дури кога премиерот Заев директно го праша Вучиќ дали сме ние во војна заради ставањето на клуч на амбасадата, дојде до исправање на работите, а Живаљевиќ, како човек на БИА, беше испратен за секретар на амбасадата на неговата земја во БиХ, второто невралгично подрачје каде, пак, тогаш се одржуваа избори!
За врските на Алексовски и Ковачки објави своевремено и редакцијата на „360 степени“ која се повика и на сведочење на суд на браќата Стефан и Михаил Младеновски, кои говореа дека Иванов планирал да ја активира и воената полиција вечерта на 27 април, која требало да го уапси раководството на СДСМ!
Ковачки инаку веќе имаше веќе и кривична пријава во родното Делчево. Се работеше за фалсификување исправа. Иако станува збор за дело направено пред неколку години, тоа многу говори за матрицата и кредибилитетот на Ковачки.
Тој исто така беше казнет заради напад врз началникот на ГШ на Армијата, генерл-потполковникот Ѓурчиновски!
И после преземањето на власта и консолидацијата од страна на СДСМ и коалицијата предводена од него, Ковачки – осуетен и како можен технички министер за внатрешни работи – претходно и како човек од кариера во војската набргу влезе во цивилниот живот и тоа како? Со префрлање во собраниските клупи како пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, според општо мислење, како ефикасна институционална одбрана од судењата кои барем под водство на судијката Кацарска се однесуваа на учесниците на настаните од „Крвавиот четврток“.
Во замена на заштитата, кога се работи за одредени кривични дела, што важи и за дузина други пратеници од оваа партија, секако доаѓаше под рака со потребата да добие и своевидна задача на кус и долг рок: да лиферува информации кои би требале да го дискредитираат политичкиот противник. И тоа по можност оној од самиот врв! Посебно би се ставал акцент на вести од неговата поранешна функција и извори со кои можеби тој и натаму контактира. Или можеби вади документи од нему достапна папка…
Еден од тие документи беше насочен кон новиот премиер на Владата на РСМ – Ковачевски, кој беше строго доверлив, а се однесуваше на ослободувањето на именуваниот од служење на воен рок. Таквите документи се чуваат во архивите на МО во кои има информации за стотици илјади други лица кои биле на преглед пред воена комисија.
На тој начин тој си отвори голем правен проблем за себе, ама и за можноста било кога и било каде да има работа со материјали од доверлив карактер. Ова е секако важно, заради фактот дека Ковачки веројатно не се откажува по извесен период на цивилство да се надева на влез во кабинетот на висок функционер од извршната власт!
„Министерството за одбрана, согласно своите надлежности, постапувајќи по Закон и штитејќи ги интересите на државата и на граѓаните, отвора постапка за утврдување на одговорност за несовесно ракување и неовластено објавување на документи со класифицирана содржина. МО ги повикува политичките партии и поединци, во своите настапи и обиди да придобијат политички поени, да стојат понастрана од припадниците на МО и Армијата, да не ги поттикнуваат на извршување на кривични дела, со кои го нарушуваат сопствениот, но и угледот на Министерството и Армијата“, рекоа тогаш од МО. (ЦИВИЛ)
Премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски претходно одговори на обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека е трајно неспособен и дека лажел за да избегне издржување на воен рок.
„ВМРО-ДПМНЕ не избира ни средства, ниту начин за да го сврти вниманието на јавноста од големите корупциски скандали и превирања во нивната партија. Тоа само потврдува дека се она што го гледаме во јавноста изминатата недела е вистина и ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа во огромна криза“, наведе Ковачевски.
Што се случи по нападот врз Ѓурчиновски, а потоа и врз премиерот Ковачевски, со користење на еден документ што е недозволиво да биде јавен? Па, охрабрен од заштитата додека стои зад собраниската говорница, овој лик потоа тргна со напад кон министерката Шекеринска, а потоа и кон нејзината наследничка Петровска. Како да оди во некакво неказниво сафари во кое сè му е дозволено и однапред простено.
Собранието на РСМ и онака во опозициониот дел на салата е како резерват за чување на лица кои имаат кривични пријави на кои се чека да застарат!
Така, Драган Ковачки, ја обвини тогашната министерката за одбрана Радмила Шекеринска дека во јавноста, односно на Фејсбук, објавила како што вели тој, класифицирана воена мапа.
„Радмила Шекеринска направи кривично дело казниво со затвор и изврши класичен упад во воениот систем на Република Македонија со објавувањето на интернет на мапата за зоната на одговорност на Третиот пешадиски баталјон, мапа која открива дел од позициите на тој баталјон“, објави тогаш кандидатот за пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Министерката, во присуство на највисоките офицери на армијата, јавно кажа, а тоа го потврдија и присутните, дека тој на врвот на армијата му се заканувал со она „долга е раката на ВМРО“ и рече дека тој очигледно не ја разликува партиската книшка од воената заклетва!
На судирот со новата министерка Славјанка Петровска не требаше долго да се чека. И тоа, што се вели, удирајќи по нејзината чесност. Имено, тој отвори наводен документ дека таа сокрила имот во Радишани во пријавата за имотниот лист. Вмровските гласила (значи, безмалку сите македонски гласила) го користат во вакви случаи зборот „хациенда“ без да погледнат барем во речникот што тој значи! (За прв пат тоа се употреби за наводен имот на Зоран Заев на Халкидики, па се покажа дека е тоа на сосема друг Заев и не е имот, туку кат од куќа). Но, јавноста многу малку знае за фалшливоста на терминот.
Што покажа судењето? Најнапред, дека Ковачки се покажа како страшливец. Не се појавуваше на судењата, еднаш „ја заборавил“ и личната карта, а за сето тоа не доби казна од судијката која го водеше спорот, иако за тоа постои законска основаност!
Уште еднаш се покажа дека и надвор од „резерватот за неказнивост“ (Собранието на РСМ) судството не е подготвено да казнува вмровци од повисок ранг.
И кога конечно дојде до соочувањето во судница, се покажа дека Ковачки не поседува релевантни документи, а министерката докажа дека нема имот во Радишани, туку дека таму имала само плац кој го продала пред десет години! Според извештајот од судењето, обвинетиот се извинувал толку многу, што бил дури и потсопрен од неговиот бранител.
Таквите како него се силни само додека се во салата на Собранието, па за нив мора да се обезбеди преку избори за парламентот – продолжена заштита! Сега, тој е носител на изборната листа на ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица 3.
Јасно, за неговите настапи и ставови може да се пишува многу повеќе, но не можеме да го трошиме вниманието на читателите со ваквите производи на мицковскиот инеженеринг.
Специјално за медиумската платформа на ЦИВИЛ. Текстот е личен став на Авторот.
Политичкиот аналитичар и ветеран во македонското новинарство, Љубомир Костовски, кој воедно е и главен уредник на онлајн политичкиот магазин „Глобус“, специјално за медиумската платформа на ЦИВИЛ, подготви серија политички профили на носителите на изборните листи на ВМРО-ДПМНЕ, најавени како ВИВИСЕКЦИЈА. Претходно, ЦИВИЛ ги објави политичките профили на Дафина Стојаноска и Владо Мисајловски.