Пред повеќе од 3.000 години, низа камени пирамиди беа изградени во срцето на Мексико. Сега, благодарение на неодамнешните археолошки ископувања, истражувачите открија дека тие биле користени од домородните луѓе за церемонијални цели.
Пирамидите, кои се повеќе од десетина, се наоѓаат на простран археолошки локалитет во Пуебла, во централно Мексико.
Во изминатата деценија, археолозите ископуваа три од нив, кои сочинуваат „Голема плаза“, според соопштението од 22 март од Националниот институт за антропологија и историја (INAH).
Ископувањата ја потврдуваат хипотезата дека локалитетот го користеле домородците на Сиера Норте за церемонијални астрономски набљудувања.
Церемониите, кои би се одржале некаде помеѓу 600 и 200 година п.н.е., вклучувале набљудување ѕвезди за да се следи земјоделскиот циклус.
Денес, пирамидите се многу оштетени од неповолните временски услови, стадата животни и вадењето камења за изградба на блиски домови.
Беа пронајдени голем број артефакти и беа направени откритија кои го потврдија постоењето на древни астрономски набљудувања.
Меѓу ископаните предмети имало запалена керамика и парчиња обсидијан, кои биле користени како дар од раните жители на Мексико, изјавија официјални лица.
Дополнително, беше откриено дека главната пирамида била добро поставена за да ја види ѕвездата Канопус – една од најсветлите на ноќното небо – во текот на месец февруари.
Претходните истражувања покажаа дека древните жители на централно Мексико одржувале точни земјоделски календари користејќи „прецизни“ астрономски набљудувања.
Откако ги користеле пирамидите за астрономски церемонии, жителите на Сиера Норте мистериозно го напуштиле местото и мигрирале во Теотихуакан и други делови на Мексико.
Сепак, тие се вратиле подоцна да им оддадат почит на своите предци, изјавија официјални лица.
Подготви: Ј. Ѓ.