На 87-годишна возраст вчера почина Луис Госет Џуниор, првиот црн актер кој доби Оскар за споредна машка улога во филмот „Офицер и господин“ (An Officer and a Gentleman) и добитник на Еми наградата за улогата во ТВ мини-серијата „Корени“ (Roots).
Тој победи за неговата глума како застрашувачки инструктор за вежбање на маринците во „Офицер и господин“ заедно со Ричард Гир и Дебра Вингер. За истата улога доби и Златен глобус.
„Повеќе од сè, тоа беше огромна потврда на мојата позиција како црн актер“, напиша Госет во своите мемоари од 2010 година, „Актер и господин“.
Неговиот роднина, Нил Л. Госет, изјави за Асошиетед прес дека актерот починал во Санта Моника, Калифорнија. Во соопштението на семејството се вели дека Госет починал во петокот наутро. Не е откриена причината за смртта.
Братучедот на Госет потсети на еден човек кој одел со Нелсон Мандела и кој, исто така, бил одличен раскажувач на шеги, роднина кој достоинствено и преку хумор се соочил и се борел против расизмот.
Луис Камерон Госет е роден на 27 мај 1936 година, во делот Кони Ајленд во Бруклин, Њујорк, во семејството на Луис Сениор, чувар, и Хелен, медицинска сестра. Подоцна на своето име го додава Џуниор во чест на својот татко.
Госет се проби на малите екрани како Фидлер во револуционерната мини-серија „Корени“ од 1977 година, која ги прикажува злосторствата на ропството. Во големата актерска екипа беа Бен Верин, Левар Бартон и Џон Амос.
Во текот на својата кариера Госет се соочил со голем број непосакувани ситуации и понижувања поради неговата боја на кожа. Престојувал во мотел преполн со бубашваби, бидејќи тоа било едно од ретките места каде што им се дозволува ноќевање на црнците, бил малтретиран и од полиција поради пуштено радио во неговиот кабриолет, потоа му бил вршен полициски претрес поради изнајмен луксузен автомобил, па апсење и изживување поради ноќна прошетка и наводно кршење на законот со кој се забранува шетање низ резиденцијалниот дел на Беверли Хилс по 21 часот.
„Сега се соочив лице в лице со расизмот и тоа беше грда глетка. Но, тоа немаше да ме уништи“, напишал тој во своите мемоари.
Луис Госет Џуниор ја основал Фондацијата Eracism со цел да помогне во создавање свет каде што расизмот не постои.
Г. Т.