Кампањата за претседателските избори влегува во шестиот ден. Кандидатите за претседател и денеска имаат закажани митинзи и средби со граѓани на кои ќе ги претстават своите изборни програми.
Претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски од митингот во општина Аеродром во Скопје, повика на сплотеност за да се реализираат стратешките цели на државата, а едната од нив, како што рече, е членството во Европската унија бидејќи, како што посочи, се друго е враќање назад кон балканското минато кое е обременето со конфликти и омраза.
Двајца кандидати за претседател денеска ќе бидат во посета на тетовскиот крај. Кандидатката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова ќе биде во посета на тетовско Теарце и Брвеница, како и во скопската општина Ѓорче Петров, а централниот митинг ќе го одржи во Куманово, додека кандидатот на ЗНАМ-За наша Македонија, Максим Димитриевски ќе има средби со жители на Јегуновце, Теарце, Брвеница и Тетово.
Кандидатката на „Левица“ Билјана Ванковска денеска во скопска Автокоманда и во Неготино ќе има средби со граѓани на кои ќе ја претстави изборната програма.
Од кандидатите од албанските партии кандидатот за претседател на ДУИ и коалицијата „Европски форнт“ Бујар Османи во Старата скопска чаршија ќе одржи отворена дискусија на тема „Граѓански устав vs. Oхридски устав“, а претседателскиот кандидат на здружената албанска опозиција Арбен Таравари ќе има средба со Платформата на невладините организации за борба против корупцијата.
Во фокусот на вчерашните митинзи на претседателските кандидати беа евроинтеграцијата и уставните измени, а дел од нив се осврнаа и на приведувањето на новинарот Фуркан Салиу.