„Ние, заедно со нашиот претседател Стево Пендаровски, имаме визија и план како да ја внесеме Македонија во Европската унија. Решителни сме, имаме волја, храброст и знаење како да ја обезбедиме европската иднина на земјата, на сите наши граѓани. И со вас, граѓаните, заедно ќе успееме во тоа,“ рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на трибината во Општина Центар во Скопје.
Ковачевски посочи дека, граѓаните ќе имаат избор помеѓу два суштинско различни концепти. Надеж за европска иднина со СДСМ, со Стево Пендаровски или безнадежност и враќање назад во минатото со ВМРО – ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова. Притоа, тој изрази уверување дека граѓаните ќе ја донесат вистинската одлука.
„Затоа што граѓаните сакаат и заслужуваат европски животен стандард во европска држава, дома, во сопствената татковина. Народот не сака враќање назад во мрачното минато, не сака нова неизвесност, нови загубени 11 години стоење во место,“ порача Ковачевски.
Тој се осврна на фактот дека патот до Европската унија е тежок. Но и дека тоа е единствената реална шанса за суштински и темелни промени во македонското општество.
„Исто како што знаевме дека нема да биде лесно да се работи во услови на најголема економска и енергетска криза. Но ние не се откажавме. Никого не оставивме сaм, силно ги поддржавме граѓаните и компаниите со 2,6 милијарди евра,“ рече Ковачевски.
Тој посочи и дека денес тие мерки и политики се видливи. Инфлацијата е намалена и целосно ставена под контрола. Паралелно со справувањето со кризата се зголемени и платите и пензиите и тоа на историски највисоко ниво досега.