ПРВ ДЕЛ | ВТОР ДЕЛ | ТРЕТ ДЕЛ | ЧЕТВРТ ДЕЛ | ПЕТТИ ДЕЛ | ШЕСТИ ДЕЛ
ТИНА ИВАНОВА
Напорната работа раѓа уште плодови
Мелпомени Корнети си заминува од челното место на оваа институција и за кусо време како в.д. директор ја заменува македонскиот истакнат диригент Перо Петровски (1958 – 2011), за него, пак, да го наследи уште еден музички уметник, реномираниот обоист Васил Атанасов (1995 до 1999 година), првин како в.д. директор, а потоа и како директор во еден мандат.
Музичарите и, се разбира, публиката, не го забораваат врвниот ангажман на маестро Петровски не само поради неговото раководење со институцијата, иако кусо, туку по неговите значајни диригентски остварувања. Но, тој ќе се стреми да ѝ се посвети, сепак, најмногу на својата основна животна професија. „Диригентот е секогаш диригент“, е неговата позната мисла. Неговиот прв настап со Македонската филхармонија ќе се случи во 1968 година откога ќе се нижат и многубројните видувања на разновидните дела, меѓу нив и на македонските композитори. И самиот ќе каже: „Јас од свои 15 години сум присутен во оркестарот. По една случајност, како ученик во музичкото училиште ме повикаа да помогнам во исполнување одредени композиции. Бев тромбонист и свирев со Ловро Матачиќ. Подоцна повеќе години отсуствував поради школувањето, а 25 години работев како постојан диригент на Филхармонијата. Како диригент бев доста искористен, на моја среќа, и придонесов во квалитетот на овој оркестар и програмски се ориентирав. Но, мислам дека мој поголем придонес има во борбата за нејзиното опстојување. Имаше времиња кога некои сакаа да ја распарчат и се борев таа да се одржи, па ете, сега го славиме нејзиниот јубилеј. Не сум само јас тој, но сум директен учесник во тие превирања за опстанокот на Филхармонијата под нејзино име. Сега, на крајот на својата кариера, голема сатисфакција ми е што сите тие настојувања се остварија…“ („Нова Македонија“, 1994, Валентина Димитровска)
Сцената на Македонската филхармонија во бурните деведесетти, ќе ја збогатуваат нашите веќе искусни солисти, но ќе надоаѓаат и нови солистички имиња, меѓу нив и такви што образованието ќе го стекнат на некои од престижните академии во големите културни метрополи
Непосредно пред неговиот јубилеен концерт по повод 30 години уметничка дејност и 60 години од животот, маестро Петровски ќе изјави: „Пријатно е чувството кога човек ќе се сврти наназад на она што го работел триесет години. Диригентската професија е нешто што го работам со задоволство, но овие триесет години како да ми пролетаа. Секако, останува да се сеќавам на огромниот број настапи. Вечерашниов концерт во некоја смисла има и своја симболика. Мојот прв настап со Македонската филхармонија во 1968 година беше со истиот пијанист, Антон Диков, што е гостин и вечерва“. („Вечер“, 1992, Г.К.) Во рецензијата по овој концерт, пак, критичарот Владо Чучков ќе направи своевиден мини-портрет: „Зборот, поимот – јубилеј, славење нешто, славење на некого, славеничко одбележување датуми… периоди… и… сенешто што некому нешто му значи, во тој поим, во суштина амбивалентен, вградени се и радости и меланхолични таги, вградени се филигрански бурми, плакети, но и парадентозни бразди врз лицето на славењето, славеникот – брчки што животот и времето ги втиснале на сè што се мери, одбележува, се меморира! И затоа кога и да стане збор за каков и да е јубилеј, в срце нешто ќе ме касне, некоја тага, но и тивка радост в гради ќе ми се стутка. Истото ми се случи и на последниот концерт на Македонската филхармонија кога диригентот Перо Петровски го одбележи својот јубилеј – 30 години од почетокот на својата диригентска дејност. Овој белокос маестро, чистокрвен кумановец, витален, цврсто граден, со респектабилна диригентска става, сиот свој живот го врзал за растежот на Македонската филхармонија, за колективот што денес е во расцутот на своите уметнички можности. Тој, Перо Петровски, чесно и храбро и во најтешките денови на својот колектив упорно стоеше на диригентското кормило делејќи го доброто и злото со сите свои колеги, кои, патем, во поголемиот дел од нив со него заедно израснале во истиот симфониски оркестар. Зарем тоа по нешто не е меланхолично тажно, и кристално радосно?! И затоа, токму поради заедничкиот живот меѓу Перо Петровски и неговите колеги во Македонската филхармонија, овој концерт беше една топла, другарска, чувствена уметничка сеанса…“
Македонската филхармонија е врвно уметничко тело, кое може да се спореди со повеќе поголеми оркестри на Балканот
Маестро Петровски, за Македонската филхармонија во периодот на неговото директорување, ќе изјави: „Македонската филхармонија е врвно уметничко тело, кое може да се спореди со повеќе поголеми оркестри на Балканот. Нејзин особен подем е забележан во последниве пет години, за што постојат повеќе причини. Пред сè зајакнавме кадровски, со добри, образовани и квалитетни музичари. Потоа имавме врвни диригенти, кои придонесоа оркестарот да се развива по нагорна линија и не случајно насекаде се истакнува дека Македонската филхармонија во последниве години е водечка културна институција. Исто така и програмски сме отидени многу напред. Порано не сме можеле да замислиме на програмата да биде еден Малер или Стравински, Шостакович, а тоа сега е нашиот ’железен репертоар‘“. („Нова Македонија“, 1994, Валентина Димитровска) За домашните автори, пак, за нивната застапеност во репертоарот на Македонската филхармонија ќе се залага како и неговите претходници.
Подигнувањето на квалитетот на работа, изведбата на нови дела, огромната посвета и на творбите од македонски автори, ќе бидат дел од заложбите што неговиот наследник Васил Атанасов, ќе ги реализира како раководител на оваа институција. За време на неговото работење на оваа позиција, и на негова иницијатива, ќе бидат издадени и два значајни компакт-дискови на Македонската филхармонија, како и монографија на авторката Татјана Грковска под наслов „50 години Македонска филхармонија“.
Атанасов ќе каже дека на функцијата директор на најстарата музичка институција во земјава ќе се пријави по пат на јавен конкурс објавен од страна на Министерството за култура, а во тоа ќе го убедат неговите постари колеги, бидејќи, како што вели, во тоа време, во еден кус период, Филхармонијата нема да ги живее своите најсјајни мигови. „Отсекогаш постоеле периоди кога музичарите биле на маргините, па така беше и тогаш еден кус период. Бев радосен кога слушнав дека сум избран за директор, иако на почетокот беше тешко. Не беше конципирана програмата и знаев дека првата работа со која треба да се соочам, е да направам репертоар. Како концертен музичар, за среќа, имав многу пријатели надвор од Македонија, особено во поранешна Југославија. Се сетив за отворањето на сезоната да му се јавам на мојот почитуван колега, виолинистот Сретен Крстиќ од Белград, кој тогаш беше член на Минхенската филхармонија. Му кажав дека имам голем проблем, дека за 20 дена нè чека отворање концертна сезона, и го прашав дали е расположен, а секако, и ако е слободен, да биде наш гостин. Моравме да почнеме, па потоа знаев дека ќе ја туркаме понатаму работата и тоа квалитетно. Тој за два дена потврди дека ќе гостува, а наедно го замолив да ми препорача и некој добар диригент. Сметав дека отворањето на концертна сезона треба да биде на високо ниво. Тогаш првпат во Скопје дојде познатиот унгарски диригент Ѓула Немет, шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Унгарија, и направивме одличен концерт, кој беше поздравен со овации“, се сеќава Атанасов.
Тој вели дека е тешко еден концертен уметник да ја остварува функцијата директор, но ќе каже дека во тоа време сфатил оти ќе мора да се бори за оваа институција. „Сакав да поставам некои стандарди што јас ги застапував. Пред сè, дека треба да работиме квалитетно. Но, бев поборник да изведуваме и нови дела, како симфонии од Малер или од Брукнер, на пример. За среќа, оркестарот ја разбра мојата идеја дека треба да работиме напорно, а дека плодовите секако ќе дојдат. Така, публиката почна да се враќа на концертниот подиум. Имавме стандардна публика, која со огромно задоволство доаѓаше на нашите концерти. Всушност, тие за неа беа празник“, вели Атанасов. Се сеќава дека во тоа време ќе бидат воведени и концерти за младите, а специјално за таа пригода ќе бидат ангажирани актерите Милица Стојанова и Томе Витанов. „Сметав дека тие концерти се неопходни, бидејќи иднината е во нашите наследници.“
Во 1996 година како шеф-диригент ќе дојде диригентот од Франција, Жан Ив Годен, а во 1997 година маестро Леонид Николаев од Русија, за чија несомнено добра работа музичарите и публиката сè уште зборуваат со восхит.
Во тоа време како гостин шеф-диригент на Македонската филхармонија ќе дојде маестро Андреј Андреев од Бугарија. „Испратив молба до Министерството за култура да ни одобри гостин шеф-диригент , кој ќе има четири до шест концерти годишно со Филхармонијата, зашто сметав дека тоа ќе го подигне квалитетот на работа, но ќе делува и педагошки. Тогаш дојде Андреј Андреев од Софиското радио, кој ја прифати нашата покана и со него направивме мошне добри концерти.“ Меѓу нив и тој по повод големиот христијански празник за Христовото воскресение, на кој во Универзалната сала пред видни личности од политичкиот и од културниот живот ќе биде за првпат изведен ораториумот „Создавање на светот“ од Јозеф Хајдн, со Македонската филхармонија, маестро Андреев, хорот на Филхармонијата „Олтенија“ од Романија и солистите – Весна Гиновска-Илкова, сопран, Војкан Јовановиќ, бас, и Силаѓи Золт, тенор од Романија. Критиката овој настан ќе го оцени како автентична, импресивна изведба што долго ќе се памети. Потоа, во 1996 година како шеф-диригент ќе дојде диригентот од Франција, Жан Ив Годен, а во 1997 година маестро Леонид Николаев од Русија, за чија несомнено добра работа музичарите и публиката сè уште зборуваат со восхит.
Под неговата палка, до 2003 година, ќе бидат изведени голем број премиерни дела, а тој ќе внесе еден, за многумина, позитивно драматичен пристап во работата. Во едно интервју, по повод неговото назначување на оваа позиција, маестро Николаев вели: „Јас дури не се ни чувствувам како шеф-диригент на овој оркестар. Немам чувство дека се случува нешто ново, бидејќи ова е мој трет концерт со Македонската филхармонија. На претходните концерти го диригирав Малер, ’Симфониските танци‘ – Рахмањинов, вечерва на програмата е Шостакович. Од моите досегашни контакти со музичарите, дознав дека тие имаат добри познавања и искуства, ги доживуваат делата бидејќи се талентирани луѓе и на овој план имаме заеднички размислувања“. („Нова Македонија“, 1998, В. Димитровска)
Атанасов вели дека во неговиот мандат имало два неуспешни обиди да се одземе маркичката за градба на новата филхармониска сала, но тој и неговите колеги ќе успеат да ја зачуваат
Од другите проекти од несомнено важно значење, Васил Атанасов ги споменува и оние врзани за јубилејот 50 години од основањето на Македонската филхармонија – излегувањето на компакт-диск со дела од Кодај, Хумел и од македонските композитори Благоја Ивановски и Трајко Прокопиев, како и монографијата чиј автор е музикологот Татјана Грковска. „Монографијата излезе за 51-та годишнина, но јас сметав дека мора да ја испечатиме, бидејќи стануваше збор за златен јубилеј на оваа институција“, вели Атанасов. Сепак, ќе каже, за него најголема радост ќе претставува издавањето на двојниот компакт-диск на Филхармонијата, на кој се наоѓа творештвото на македонскиот композитор Глигор Смокварски, со диригентот Ангел Шурев и виолинистот Леонид Пејсахов како солист. „Отсекогаш сум бил поборник македонските дела да бидат на репертоарот на оваа институција“, вели тој.
Во „негово“ време, Филхармонијата ќе оствари и гостување во Романија, подоцна и во Бугарија. Во Романија, Македонската филхармонија ќе гостува во рамките на фестивалот „Музика Крајова“ во 1996 година, на покана на Олтенската филхармонија, а нашата Филхармонија, на првата фестивалска вечер ќе се претстави со суитата „Лабин и Дојрана“ од Трајко Прокопиев, со концертот за пијано од Арам Хачатуријан и Симфонијата бр. 4 од П.И. Чајковски со солистот на пијано Динос Мастројанис од Грција, додека во втората фестивалска вечер со „Тешкото“ од Глигор Смокварски, Симфонијата бр. 8 од Антонин Дворжак и Концертот за пијано и оркестар бр. 1 од Чајковски со солистот Дарко Костовски од Македонија. Концертите ќе бидат одржани под диригентската палка на маестро Ангел Шурев, а музичките критичари, диригентите и уметничките раководители што ги проследиле настапите на Македонската филхармонија, ќе искажат мошне позитивни впечатоци. Меѓу нив, и диригентот на Олтанската филхармонија, Модес Чикирдан, кој за Македонската филхармонија ќе каже дека е тоа оркестар од европски ранг.
Атанасов вели дека уште тогаш се борел, заедно со сите музичари, да добијат нов и свој концертен простор. Се сеќава на една средба во Загреб со диригентот Милан Хорват, кој во еден неврзан разговор ќе го посоветува: „Васил, бори се да ги поставиш темелите на Филхармонијата во Скопје, а потоа е лесно. Гледаш, и нашата ’Лисински‘, чии темели стоеја во коров и трева, прерасна во значајна концертна дворана“. Атанасов вели дека во неговиот мандат имало два неуспешни обиди да се одземе маркичката за градба на новата филхармониска сала, но тој и неговите колеги ќе успеат да ја зачуваат.
Работата на филхармоничарите, покрај сериозниот пристап, се разбира, не може да помине и без шега. Атанасов се сеќава на една анегдота, која и денес се прераскажува: „Секогаш при работата на оркестарот постојат и смешни ситуации, кои се добри малку за да се развеселат музичарите. На пример, се сеќавам кога гостуваше диригентот Младен Јагушт, многу добар и харизматичен диригент. Го поканував да доаѓа додека бев директор. Ја подготвувавме Фантастична симфонија од Хектор Берлиоз. На едно место контрафаготот, кој е мошне длабок инструмент, буквално брмчи. Но, маестрото при пробата слушна дека нешто не е во ред. Тогаш свиреше колега од Операта, кој имаше еден чешки фагот од ’дедо Ное‘ и почна да брмчи. Маестрото му рече: ’Застани! Кој тон го свириш? Треба тонот де!‘ А, тој му одговори: ’Па, свирам де‘. – ‘Ајде уште еднаш да слушнам’. Фаготистот повторно забрмче. ’Ајде сега свири дис!‘ А, тој пак, исто. ’Ајде сега свири фис‘. Тој пак, исто. На крајот му рече: ’Свири што сакаш!‘ Се изнасмеавме и навистина се опуштивме додека ја подготвуваме симфонијата, иако таа е мошне комплексна за работа“.
Сцената на Македонската филхармонија во овој период, во бурните деведесетти, ќе ја збогатуваат нашите веќе искусни солисти, но ќе надоаѓаат и нови солистички имиња: виолинистите Олег Кондратенко, Костадин Богдановски, Марина Чадо, Љубиша Кировски, Невена Јосифова, Никола Паскалов, Калина Мрмевска, Дарко Костовски, Хајди Елзесер, Маја Кастратовиќ, Симон Трпчески, Кристина Светиева (пијано), Благој Моротов (контрабас), Мелина Тодоровска (обоа), Игор Дурловски (бас)…, меѓу нив и такви што образованието ќе го стекнат на некои од престижните академии во големите културни метрополи и ќе донесат поинаков здив на нашето музичко небо.
Фотографии: Од архивата на Филхармонија.
Продолжува…
(На Frontline.mk, по повод 80 годишниот јубилеј на најстарата културна институција – Македонската филхармонија, кој го одбележува токму оваа 2024, ќе бидат објавувани неколку текстови за нејзиниот историјат, со цел читателите подобро да се запознаат со нејзиното функционирање. Текстовите се преземани од монографијата „70 години Македонска филхармонија“, на авторките Тина Иванова и Роза Нолчева)