Ако сите релевантни учесници во изборите во Македонија се гледаат како победници, а не можат да ја видат, или се прават дека не ја гледаат реалноста за опасноста од длабока политичка криза, тогаш што можеме да очекуваме по изборите. Со каква Македонија ќе се соочиме по осми мај – горда, достинствена, реформска, европска, или нешто што воопшто не очекуваме?
Можно е во вториот круг мнозинството Албанци да немаат мотив да гласаат за претседател Македонец, поттикнати и од партиските лидери за да нема излезност од 40 отсто што е предуслов за избор на претседател на државата. Ако тоа се случи, изборната постапка ќе се повторува сѐ додека не се избере претседател на државата. Тоа може да се одолговлекува во недоглед. Кога не е избран претседател, функцијата ќе ја обавува претседателот на Собранието. Тогаш, димензиите на политичката криза ќе ги отфрлат сите стратегиски државни определби и интереси во втор план. Македонија ќе се блокира сама себеси уште посилно од вмровската барикада за членство во ЕУ. Не е само таа опасност во прашање.
Но, пред да ја разјасниме можноста за потешка политичка и не само политичка криза, да се навратиме на некои наши добро познати состојби кои доведоа до една таква пат ситуација. ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски веќе две години на сите sвона обзнануваат голема победа на претседателските и парламентарните избори. Главниот столб на стратегијата за освојување на целата власт во земјата: локална, парламентарна и претседател на државата се седумгодишните, а некои велат 32-годишните тревоги за загрозување на националните и државните интереси, на историското минато и идентитетските посебности на македонскиот народ. Виновници во сите историски периоди се домашните предавници и непријатели, а сега таа улога е наменета на една „нелегитимна власт“, набедена дека извршила велепредавства со сервилноста кон Запад, кон ЕУ и Америка, кон лошите комшии Грци и Бугари.
До победата и по неа
Што ќе прават по „големата победа“ Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, кога ќе стасаат на престолот јавнати на овој бран, не слушнавме ништо категорично, освен дека ќе има апсења на предавниците и криминалците, но и амнестии на невино осудените патриоти. Ќе има и европска определба, ама не со брзање и под овие услови со „бугарски диктат“. Оправдувањето е: Кога веќе 25 години не сме завршиле работа, чуму сега толкава нужда од брзање?
СДСМ најави двојна победа на претстојните избори на фронтот за членство во ЕУ со избор на претседател на државата и обезбедено мнозинство во Собранието. Ковачевски во сите свои изјави категорично тврди дека тој ќе биде следниот премиер кој ќе ја составува владата со коалициските партнери. Нивниот главен аргумент е стабилноста и безбедноста на Македонија, постигната со членството во НАТО и со отварање на преговорите со ЕУ со цврста определба во претстојниот мандат да се реализираат неопходните реформи што го гарантира членството во ЕУ до 2030 година.
Во преговорите со ЕУ власта тврди дека идентитетските посебности на македонскиот народ не се и нема да бидат засегнати, ниту националната припадност, ниту јазикот, ниту историското минато, како што тврди опозицијата. Напротив, со припадноста на европското смејество, според правилата од основачките акти на ЕУ, тие ќе бидат зајакнати уште повеќе.
Сѐ си е на свое место и националната припадност, и македонскиот јазик и историското минато и договорите со соседите. Македонија со членството во ЕУ, како и во НАТО, нема ништо да загуби, туку само ќе добие. Тоа е најсигурниот влог во иднината на државата и е главниот адут на СДСМ на претстојните избори. Колку и дали тоа ќе го прифатат граѓаните кои во мнозинство го поддржуваат членството во ЕУ, ќе се разјасни по изборите.
Дилемата е во тоа колку од европски определените граѓани ќе ги прифатат отстапките кои се направени, како што е географската додавка на уставното име на државата и влезот на Бугарите во Уставот, и дали веруваат во тоа дека многу полесно можат да се подобрат некои отстапки како членка на ЕУ, отколку Македонија да остане изолирана по своја вина, блокирана од ВМРО-ДПМНЕ и нејзините партнери.
Али Ахмети и ДУИ и нивните коалициони партнери како и албанската опозиција најавуваат, исто така, сигурна побдеда и на парламентарните избори и пласман во вториот круг на претседателските избори на нивните кандидати за претседател на државата.
Сите останати политички партии кои учествуваат на изборите било претседателски, било само на парламентарните, се убедени дека ако не се победници нивните пратеници, ќе бидат јазичето на кантарот кое ќе обезбеди силна позиција да се постават услови да се исполнат нивните барања во поделба на власта – можеби несоодветни со бројот на пратенички места, но соодветни со парламентарната демократија. Со еден пратеник повеќе, кој овозможува превласт и состав на влада, имате „кралска“ позиција да барате половина царство.
Тоа е сликата во која веруваме, или не, во зависност од партиската припадност, од надежите за подобра иднина и од нашите неостварени соништа. Премногу идилична и митингашка слика која ни ја ветуваат сите учесници во сите изборни трки во независна Македонија. Ако набројуваме што е остварено досега од најзначајните државни и национални стратегиски интереси кои се прифатени и во Собранието со бројни одлуки, декларации и резолуции од сите политички партии по прогласување на независноста на државата, можат да се набројат на помалку прсти отколку што има на една рака.
Зошто членството во НАТО е најголем успех
По своја лична, субјективна определба, тргнувајќи од она што денес се случува во светот кога се во ек веќе три светски војни – во Украина, на Палестинските територии, во Израел, во Сирија и во Иран – во кои учествуваат директно и големите светски сили, членството во НАТО е најголемиот успех кој ја оправдува отстапката со додавката на суштинското име на државата Македонија, кое остана негибнато и е единствена држава во светот што го носи името Македонија. Второто најзначајно достигнување е почетокот на преговорите со ЕУ, кои покрај развојната економска и демократска придобивка овозможуваат и внатрешна стабилност за земјата. Таа придобивка, која сѐ уште не е остварена поради внатрешни блокади во земјата, се реформите кои треба да се спроведат во живот за време на преговорите со Брисел и кои го гарантираат членството во ЕУ во наредните шест години. А што содржат реформите? Најкусо кажано, сѐ она што партиите меѓусебно се обвинуваат дека не е остварено во државата, почнувајќи од владеење на правото, па до квалитетот на живеење во сите сфери.
Зошто членството во НАТО и ако Македонија влезе во ЕУ треба да се сметаат за најголем историски успех на Македонија? По падот на страховладата на Никола Груевски која се потпираше на нов антички идентитет, нова ренесанса и антикоманија, на сеење страв и надзор на над 20.000 јавни личности со следење на нивните комуникации, по грубо уништување на водечките медиуми во земјата, и новата влада и премиерот Зоран Заев можеше да го јавнат истиот бран на патриотизмот и да го нокаутираат својот политички противник со трајно исфрлање од политичкиот ринг. Сите преговори со соседите можеа да се претстват во македонската јавност по утврдениот метод како и дотогаш, во стилот не го даваме името по никоја цена. Промената на уставното име е предавство на националните интереси. Македонија не отстапува ни за милиметар од своите црвени линии и да не ги набројувам добро познатите формули кои ја палеа јавноста безмалку три децении.
Со Бугарите, се разбира уште потврдо. Никакви преговори додека не ги прифатат сите наши услови. Многу е лесно да се игра на таа алиби карта на лажен патриотизам и да се држи земјата во изолација и сиромаштија и во страв само за да се остане на власт. Тоа не е храброст, туку кукавичлук. Со ваквиот лажен патриотизам кој ќе предизвикаше уште покатастрофални последици по Македонија, СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, ќе владееја со Македонија една цела ера како продолжена политика на кукавичките политички гарнитури и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ кои има уплав да не направат никакви остапки кои ќе ги сместат како предавници во поновата историја.
Веќе е познато дека Македонија имаше најмалку пет големи шанси да ги оствари своите државни интереси уште пред повеќе од 20 години без да го менува своето уставно име за внатрешна употреба и без тешката бугарска фактура.
Првата шанса беше со името БЈРМ само за надворешна употреба, Македонија да биде членка на НАТО и на ЕУ, потоа во оптек беа имињата, Република Македонија – Скопје, па Северна Македонија, исто така, само за надворешна употреба. Како кукавиците во македонската политика ги одбиваа овие предлози и со улогата „ем шуто, ем боде“ постигнуваа поени пред јавноста, така секој следен предлог стануваше понеповолен.
Жапчето што требаше да се голтне како што проголтаа и сите нови членки на ЕУ, порасна како големо краставо жабиште. И кога конечно по цели 25 години една политичка гарнитура направи еден таков храбар историски исчекор да се прифатат остапки кои ја одредуваат иднината, а не ги доведоа во прашање идентитетските посебности, се обединија левите и десните лажни патриоти да го оправдаат својот кукавичлук и да го прогласат за предавство и членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ со една аналфабетска пресметка од вечерните училишта во пониските одделенија, кога учителите објаснуваат нагледно дека не се прави збир од баби и жаби. Бабите се баби, а жабите се жаби.
Ете, така, хероите на статус кво позицијата пресметале дека е превисока цената за влез во ЕУ и во НАТО. Со тоа само предизвикаа огромна штета, внесувајќи конфузија во јавноста, или поддржувајќи ја што гласно, што со молчење блокадата на ВМРО-ДПМНЕ да не продолжат преговорите со ЕУ.
Кога би постоел цврст меѓупартиски консензус да нема попречување на Македонија за членство во ЕУ и за спроведување на тешките и сложени реформи, кои се предуслов за членство и за чие неостварување секоја земја членка на ЕУ може да стави вето во таков еден меѓупартиски натпревар, во иднина треба да се оценува успешноста на секоја идна влада, а не според лажниот патриотизам кој секогаш своите политички противници ги прогласува за предавници и непријатели на татковината.
Не се појави лидер државник кој можеше во вакви историски мигови да постигне заеднички став на најголемите политички партии, иако сите во своите програми ја имаат определбата за членство во НАТО и во ЕУ.
Грутката снег што се тркала може да предизвика лавина
За жал, самопрогласените големи победници на изборите не гледаат едно сценарио, или подобро кажано една реалност која се тркала како грутка снег која може да предизвика голема лавина и длабока политичка и економска криза во која може да западне Македонија по изборите. Или можеби ја гледаат, ама за неа малку сакаат да зборуваат сега, пред изборите, да не ги налутат сегашните противници, а утре можеби коалициски партнери во поделба на власта.
Некако полесно им е и повеќе им одговара да се караат меѓу себе за барањето на албанските партии на следните избори претседателот да државата да го бира Собранието, за што се неопходни уставни промени. Тоа се образложува со фактот дека сегашниот изборен модел не дозволува избор на претседател Албанец, што се смета како ограничување на демократските права.
Исто така, тоа се образложува со големите уставни ограничувања на претседателот на државата, кој е избран на директни општи избори од народот, и дека со овие скромни надлежности што ги има претседателот на државата треба да биде избран од Собранието, како што приличи на парламентарна демократија. Ова барање се условува со поддршка на албанските партии и гласачи во вториот круг на изборите за претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, или на СДСМ, во зависност од тоа кој ќе ги прифати овие услови за избор на претседател на држвата во Собранието.
Претседател Албанец во Македонија, или Србин, Турчин, Влав, или од која било националност во едни други услови на целосно граѓанско општество, каде способностите, компетентноста, угледот на кандидадтот се најважни, не би требало да претставува никаков проблем да биде назначен од Собранието, или уште подобро – избран на општи избори. За тоа ќе треба уште многу вода да протече по Вардар.
Но, најпогрешниот начин е тоа да се постигне со условувања кои немаат разлика од ултиматум. Тоа се деликатни работи за кои е неопходен еден сосема поинаков амбиент со некои договорени правила кои ќе бидат резултат не само на меѓупартиските спогодби, туку на повисоки демократски дострели на македонското општество.
За жал во меѓуетничките односи во Македонија сите придобивки се стекнати по пат на условувања. Мнозинскиот народ и нивните избраници не беа и не се подготвени тоа да се направи по нивна инцијатива како најголема одговорност на мнозинскиот народ за состојбите во земјата и за демократските права и одговорности на другите етнички заедници.
Да видиме како изгледа тоа сценарио за можна длабока политичка криза по изборите во Македонија, што ако се случи, ќе ја однесе државата во една нова неизвесност, многу потешка од уставните измени. Ако во вториот круг од изборите се пласираат Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски, што е најизгледно, тогаш мотивот на Албанците да гласаат за претседател Македонец може да спласне до нула, ако е добро оркестрирано во кампањата со повик на бојкот само на претседателскиот избор. Тоа може да доведе до немање излезност од 40 проценти како услов за избор на претседател на државата. Избирачкиот список брои 1.814.317 луѓе со право на глас. Доколку за претседателските кандидати во вториот круг не гласаат 725.727 луѓе, колку што изнесува 40 отсто, Македонија ќе нема претседател на државата. Реалните бројки се сосема поинакви. Избирачкиот список е едно, а сосема нешто друго колку луѓе има во државата и колку од нив ќе гласаат. Неопходните 725.727 гласа потребна излезност за избор на претседател на државата може да претставуваат повисоки проценти на излезност ако реалните бројки се далеку помали од оние на избирачкиот список. Тоа покажува колку станува изгледно бојкотот на албанските гласачи да предизвика политичка криза.
Ако не биде избран претседател на државата, целата изборна постапка се повторува сѐ додека не се избере претседател. Тоа може да потрае многу долго и при секое повторување излезноста да биде помала. Се отвораат уште многу прашања, не само околу конституирање на Собранието и избор на влада и премиер, односно кој ќе го даде мандатот на победникот на парламентарните избори да состави влада и воопшто како ќе се решава проблемот за избор на претседател на државата. Во ваква политичка криза сите останати прашања, како и преговорите со ЕУ, ќе бидат исфрлени во аут. Што ќе биде најголемата загуба.