Ќе успееме ли за помалку од четири години да направиме Скопје да блесне во сиот свој сјај и да го претставиме во најдобриот културен центар досега, како би можеле пред светот да се гордееме со титулата „Европска престолнина на културата“ во 2028?
Петрула Велјановска, програмски селектор на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, за Скопје „Европска престолнина на културата“ 2028, во изјава за Фронтлајн вели: Би сакала кога шетам низ Скопје да наидувам на места и луѓе кои ме потсетуваат на ова Скопје.
„Скопје, од град на солидарноста до град престолнина на културата… Хм, не ми изгледа лесна мисија, но секако не и невозможна доколку сплотиме сили, па сите заедно уште од дома да почнеме да ги воспитуваме пред сè децата, а и младите, што е тоа култура, изложувајќи ги на културни вредности и создавајќи им навики за одење во кино, театар, на концерти, за читање на книги… Но, за да се случи тоа, треба и градот убав пак да никне во едно почисто и посовремено Скопје, во кое ќе има сè повеќе оплеменети и зелени јавни површини, кои ќе бликаат од живост и ќе нè потсетуваат дека треба да дишеме со полни гради за да можеме да твориме и создаваме култура, а секако и почисти јавни тоалети како во филмот „Perfect Days“ на Вим Вендерс…
А, да не спомнувам, верувам дека сите тоа го знаеме, дека не смее да дозволиме многу места (како Универзалната сала, Домот на армијата, киното Милениум и Култура, Радиото 103 и многу други) кои за мојата, а и претходните генерации некогаш претставуваа насушен извор за восприемање на културата. Треба да се возобноват, поточно логистички и технички да се опремат, да се реставрираат. Не да се срушат, туку на еден ‘културен’ начин да им се даде нов сјај. Зашто, со нивно рушење ќе се срушат симболите на едно културно живеење кое со децении граѓаните на овој град го вткајувале во ѕидовите на тие градби, дишејќи во нив, радувајќи се и пеејќи за некој поубав живот, дружејќи се без предрасуди и поделби, оставајќи траги на жешкиот скопски асфалт… Затоа би сакала кога шетам низ Скопје, сè повеќе да наидувам на места и луѓе кои ме потсетуваат на ова Скопје, како што е книжарницата на Соња под отворено небо, која дури и ако Соња отиде во ‘пензија’ треба да остане на плоштадот како симбол на едно културно Скопје, да нè потсетува дека треба да читаме. Или музејот на кристалите на Деко, кој преку светкавите камчиња во кои можеме да видиме пластови земја стара милиони, милијарди години, нè потсетува дека преку културата можеме да ја допреме вечноста, а и сè повеќе ми недостигаат и кафеанските приказни на Силва и Џоко за Медиум, Мала станица, Менада, Багдад кафе, Аргус… за да ми дадат поттик да продолжам да работам и да не се откажувам од едно покултурно Скопје.
Можам да набројам уште еден мал милион приказни за Скопје, кои за мене претставуваат темел за градење на едно поубаво и помодерно Скопје, симболи и траги кои и тоа како се потребни за градење на една Престолнина на културата. Но, за крај еве, да го цитирам нашиот прерано починат соборец за Скопје, Мирко:
‘Носталгијата е комплексна појава. Како човек кој штотуку зачекорил во шестата деценија од животот, носталгијата ја третирам мошне сериозно, како есенцијален и психички жилав феномен. Ме интересира од сите аспекти: празна, глупава, лажна, нежна, топла, мила, исполнета, вистинска, лековита, болна. За мене таа претставува позитивно чувство, а тоа секако зависи од типот на доживувањата и сеќавањата и од исполнетоста во животот. За жал, многумина, па и несвесно, брутално ја злоупотребуваат, та ја бие лош глас. Но, факт е дека ниедна носталгична лага нема да успее да пополни суштинска животна празнина. Кој живеел добро, љубел страсно и лумпувал до касно, знае како било порано. Кој немал живот, сега е маже што лаже и ако сега не му е арно, никогаш не му било, па ни порано. Значи, не. Порано не беше боље’.
Затоа, само би додала: ‘Идемо даље’!“, истакнува Велјановска.
Текстот е дел од 13 изјави на уметници и културни работници собрани во „ризницата“ на темата со наслов: За Скопје „Европска престолнина на културата“ 2028 – Од улична некултура, до културна метропола.
Поврзано:
За Скопје „Европска престолнина на културата“ 2028 – Од улична некултура, до културна метропола