ПРВ ДЕЛ | ВТОР ДЕЛ | ТРЕТ ДЕЛ | ЧЕТВРТ ДЕЛ | ПЕТТИ ДЕЛ | ШЕСТИ ДЕЛ | СЕДМИ ДЕЛ
ТИНА ИВАНОВА
Во новиот милениум со крупни проекти
Васил Атанасов, како што и самиот вели, ќе ги оствари своите идеи додека е на оваа позиција. По истекувањето на мандатот, неговото место ќе го зазеде истакнатата виолинистка Ганка Цветанова, која како директор на Македонската филхармонија ќе биде само една година, од 1999 до 2000 година. Иако мал период за долгорочно планирање и реализирање на своите визии, сепак, вели таа, во тоа време ќе се случат навистина крупни проекти, кои ќе значат и пресврт за работата на оркестарот. Во тој едноиполгодишен мандат на Цветанова (подоцна министерка за култура), Македонската филхармонија ќе успее да стане и меѓународно позната и призната, благодарејќи на проектите од типот – спојот на двата големи оркестри во еден заеднички концерт, Македонска и Софиска филхармонија, крупниот проект Балканска филхармонија, гостувања надвор од нашите граници…
За нејзиното назначување на чело на Филхармонијата, Цветанова ќе каже дека било сосема ненадејно. „Бев изненадена од понудата. Се двоумев дали да се зафатам со оваа работа, бидејќи дотогаш се занимавав само со концертирање. Требаше да менаџирам голем оркестар, да креирам програма, да се занимавам со финансии, со маркетинг, администрација, со меѓучовечки односи… Немав време да размислувам однапред за моите визии. Сè се случуваше интуитивно“, вели Цветанова.Сепак, иако ќе каже дека кусо била на таа функција, Филхармонијата во една и пол година доживеала вистински проблесоци.
„Се сеќавам дека првиот голем концерт по моето назначување се случи во јуни. Тој настан ме охрабри дека овој оркестар има капацитет да биде голем, сериозен ансамбл. Станува збор за гостувањето на Македонската филхармонија во Софија, на фестивалот ’Софиски музички седмици‘. Она што беше храбро од моја страна, е што концертот го доверив исклучиво на македонски уметници и диригент. Бидејќи, тогаш за тоа кај некои луѓе постоеја забелешки. Некои одеа дури и кај министерот за култура, тогаш господинот Димитар Димитров, со забелешки дека Филхармонијата со македонски солист и диригент може да доживее дебакл во Бугарија, во земја со голема традиција за класична музика. Кога ме повика министерот на разговор, јас му кажав дека имам доверба во нашите уметници и ако тој има доверба во мене, тогаш треба да го остави ова гостување на моја одговорност. Диригираше нашиот извонреден маестро Саша Николовски-Ѓумар, а солист на пијано беше Дарко Костовски, кој го изведе Концертот за пијано и оркестар бр.1 од Чајковски. Пред тоа Филхармонијата ја изведе Свитата бр.2 од балетот ’Лабин и Дојрана‘ на Трајко Прокопиев, а во вториот дел се сеќавам дека ја изведуваше свитата ’Ромео и Јулија‘ од Прокофјев, што е многу атрактивно, но и сериозно дело. Доживеавме неверојатен успех. Публиката стана на нозе за да аплаудира. Тоа за мене беше првиот сигнал дека Македонската филхармонија е квалитетен оркестар. Морам да споменам дека министерот многу нè поддржуваше и многу ни помагаше.“
Таа вели дека Македонската филхармонија го оправдала гостувањето што, на некој начин, додава, ќе биде пресвртница за тоа на каков начин треба да се гледа на македонските композитори и уметници. „Дека конечно треба да се доживуваат со голема почит“, додава Цветанова. За ова патување, кое ќе се случи по пауза од подолг период, и критиките објавени во бугарските медиуми ќе бидат позитивни, но восхитот ќе го искажат и самите учесници. Диригентот Саша Николовски-Ѓумар, по гостувањето во Бугарија ќе изјави: „Верувајте, сè уште не можам да ги средам впечатоците од настапот пред бугарскиот аудиториум, ама знам дека се чувствувам среќно и задоволно. Самиот концерт помина во една прекрасна атмосфера и пријатно расположение меѓу музичарите. На прво место ја ставам публиката, како чинител што најискрено реагираше и го даде своето мислење со аплауз, а потоа и пофалбите од стручната критика…“ („Македонија денес“, 1999, И. Тасев)
Како еден од позначајните настани, Цветанова ја споменува и турнејата на Филхармонијата во Хрватска во 2000 година, во Загреб, Задар и во Сплит, со обоистката Гордана Јосифова-Неделковска и Олег Кондратенко на виолина како солисти, и со дела од македонски композитори, Вања Николовски-Ѓумар и Тома Манчев, како и со дела од Шосон, Равел, Франк, Хитос, Менделсон и Енеску. За 55-годишниот јубилеј, пак, во Македонската опера и балет ќе се случи големиот заеднички концерт на Софиската и на Македонската филхармонија, под диригентство на Емил Табаков од Бугарија, и изведбата на фантастичната Трета симфонија од Густав Малер. На овој грандиозен настан учество ќе земат и Женскиот и детскиот хор „Развигорче“ од Младинскиот културен центар и солистката од Бугарија, Бурјана Табакова. Впечатоците на критиката и на публиката тогаш ќе бидат со слична интонација – никогаш дотогаш сцената на МОБ не изгледала толку величествено што се однесува на симфониски концерт и никогаш на неа не биле концентрирани толкав број уметници.
Првата Балканска филхармонија ќе се случи во 2000 година под диригентство на маестро Емил Табаков, со изведба на Бетовеновата Деветта.
Уште еден крупен настан, ќе каже Цветанова, ќе биде Балканската филхармонија, која ќе ги соедини музичарите од Балканот. Таа вели дека овој проект се извел уште двапати, но дека е штета што не заживеал и понатаму за да стане традиционален како регионален проект, како пример на културно реинтегрирање на регионот. Првата Балканска филхармонија ќе се случи во 2000 година под диригентство на маестро Емил Табаков, со изведба на Бетовеновата Деветта. Тогаш како солисти ќе се претстават Марија Муратовска-Наумовска, сопран од Македонија, Александра Милчева, мецосопран од Бугарија, Мариус Влад, тенор од Романија, и Адријан Ибраими, бас баритон од Албанија. Во изведбата учество ќе земат и Хорот на Македонската опера и балет, како и Хорот при Македонската радио-телевизија. На нејзина идеја, од концертот на Балканска филхармонија ќе биде снимен и долгометражниот документарен филм „Радост на животот“ во режија на Светозар Ристевски, кој ќе ја добие и првата награда во Визбаден, Германија.
Како уште еден добар подвиг, Цветанова го споменува и компакт-дискот на кој се сместени преработки на неколку македонски народни песни, и за кој вели дека ќе отвори едно ново поглавје на Македонската филхармонија. Бидејќи, потоа ќе следуваат и различни видови соработки со овој оркестар, кој понекогаш ќе отклонува од стандардниот класичен репертоар за да ги привлече и пошироките профили на посетители. На крајот, таа додава: „Македонската филхармонија за мене денес е светски оркестар“.
Овој период Македонската филхармонија добива и свој, матичен диригент, македонскиот маестро Борјан Цанев, кој од 1999 година ќе биде задолжен и за креирањето на уметничката програма.
До денес, Цанев на сцената ќе донесе многу изведби што од критиката и од публиката ќе бидат оценувани мошне позитивно. Но, покрај неговиот, не треба да се заборават ниту ангажманите на неговите македонски колеги, кои во одреден период од нивната кариера застанале на пултот пред оркестарот на Македонската филхармонија и во минатото, но и денес, како Горјан Коруновски, Томислав Шопов, Александар Џамбазов, Кире Костов, Милан Фирфов, Вито Павловски, Оливер Балабурски, Ле Фи Фи, Бисера Чадловска, Сашо Татарчевски, Вања Николовски-Ѓумар и особено Саша Николовски-Ѓумар поради неговото континуирано присуство и на оваа сцена.
Сите ќе донесат индивидуално искуство на подиумот, стекнато во разни културни центри надвор од земјава, но ќе го продолжат и она што како мисија го имаа четворицата истакнати диригенти што ја носеа Филхармонијата во постојан растеж – Ангел Шурев, Фимчо Муратовски, Ванчо Чавдарски и Александар Лековски, а кои „дојдоа исполнети со полет и решеност да го препородат музичкиот живот кај нас, да му внесат нови текови и свежина…“ („Нова Македонија“, 1961, К. Гавриш)
Се разбира, не треба да изостанат ниту македонските уметници, кои како солисти настапиле на подиумот на Македонската филхармонија во почетокот на новиот милениум, меѓу нив и: Ана Дурловски, Весна Гиновска-Илкова (сопран), Страшо Темков (флејта), Блерим Груби (виола), Ана Кондратенко, Владимир Костов (виолина), Надежда Петровска (сопран), Ѓорѓи Цуцковски (тенор), Ана Гацева, Марија Ѓошевска (пијано)…
Ганка Цветанова ќе ја наследи угледната пијанистка и педагог Кармен Костова, која на функцијата директор на Македонската филхармонија ќе остане до 2003 година. Големите, масовни проекти, збиената концертна програма, заживувањето на Камерниот оркестар, ќе бидат дел од заложбите на Костова, што таа ќе успее да ги реализира и на оваа институција да ѝ наметне и малку поинакви принципи на работа.
„Никогаш не сум размислувала дека некогаш ќе имам можност да бидам раководител на институција каква што е Македонската филхармонија“, се сеќава денес Костова. „Тогаш министерка за култура беше Ганка Цветанова, која, пак, претходно беше моја ученичка и ги знаела веројатно моите способности. Ѝ се допаѓало како работам, па ме праша дали би прифатила да застанам на чело на Филхармонијата. Јас сметав дека е тоа голем залак и морав прво да размислам, не знаев дали ќе можам сето тоа да го изработам така како што заслужува оваа институција. Никогаш одлуките не ги носам сама, се консултирам со луѓе на кои им верувам. Па, така и тогаш. Меѓу оние со кои разговарав за оваа одлука, беа и професорите по пијано, влијателните Људмила и Борис Романови, бидејќи многу го ценам нивното искуство. Тие ме охрабрија.“
Костова ќе каже дека во секоја работа нејзината визија била од веќе постигнатото, да се продолжи понатаму и да се оди кон поголеми успеси. „Не го знаев дотогаш потенцијалот на Македонската филхармонија и што сè можат да направат музичарите. Два месеца го испитував теренот и заклучив дека најдобро би било да имаме што повеќе концерти. Затоа, Македонската филхармонија во тоа време, во зависност од тоа колку четвртоци имаше во месецот, одржуваше четири или пет концерти месечно. И секогаш со различна програма. Немаше паузи. На тоа инсистирав, бидејќи оркестарот нема простории каде да работи. Сметав дека музичарите ќе направат многу повеќе ако имаат редовни проби и, се разбира, концерти.“
Костова ќе ја реализира и големата желба да заживее Камерниот оркестар на Македонската филхармонија. „Со овој ансамбл имавме три концерти надвор од државата, во Париз, Габрово и во Рим. Ми беше многу драго што успеавме на музичарите да им обезбедиме и дополнителен финансиски надоместок, зашто тие со него имаа и дополнителен труд.“
Балканската филхармонија, за време на мандатот на Костова ќе биде реализирана уште двапати
Она што во јавноста ќе остане запаметено од овој период на работата на Филхармонијата, се масовните проекти, меѓу нив и Балканската филхармонија, која за време на мандатот на Костова ќе биде реализирана уште двапати. „Сметав дека во Македонија не се направени доволен број големи, масовни проекти, па се стремев да се реализира и таа моја замисла. Тоа го направив во три наврати. Едниот проект беше на ’Охридско лето‘ заедно со оркестарот на Факултетот за музичка уметност, и тогаш се свиреше Скитска свита од Прокофјев и Поема екстаза од Скрјабин. Тоа го направив со цел музичарите што треба да дојдат во оркестарот, бидејќи секогаш во Македонската филхармонија доаѓале музичари од Факултетот, да се сретнат со една поинаква работа и да почнат да реагираат на раката на секој диригент, на различен диригент. Тоа беше проект што остави голем печат во тоа време. Додека, пак, Балканските филхармонии ги перципирав на овој начин: ’Роденденот на Филхармонија се слави во друштво, а друштвото било нашето опкружување‘. Тенденцијата беше да се сподели работното искуство на музичари од различни средини, но ме интересираше и начинот на нивната работа, а тоа беше и ’мамката‘ да се добие концертна сала на Македонската филхармонија, за која речиси сè беше договорено. Бидејќи, таа сала ќе беше инвестиција од Европската унија, како што беа изградени концертните сали во Грција, на пример, мега-салите во Солун и во Атина. Но, тоа кај нас не се случи.“
Во составот на Балканската филхармонија, на првиот концерт, ќе се соединат 300 музичари и хористи од Македонија, Бугарија, Грција, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Романија.
Проектот Балканска филхармонија ќе биде реализиран уште двапати, под диригентство на маестро Милен Начев од Бугарија. Во составот на Балканската филхармонија, на првиот концерт, ќе се соединат 300 музичари и хористи од Македонија, Бугарија, Грција, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Романија. Овој настан ќе привлече огромно внимание особено поради политичките немири во тој период во регионот. Музичарите од Турција тогаш во последен момент ќе го откажат своето гостување, додека, пак, музичарите од Хрватска ќе изјават дека „не се чувствуваат како да се на Балканот“. На првиот концерт (2001) со солистите од Бугарија, Ина Кнчева, сопран, Николај Павлов, тенор, и Михаил Пулиев, баритон, ќе бидат изведени Симфонијата бр. 2 „Барбара“ од македонскиот композитор Властимир Николовски, како и симфониската поема „Ѕвона“ од Сергеј Рахмањинов. На вториот концерт (2002) со 160 музичари на сцената, 110 хористи и 50 музичари, ќе биде изведена Симфонијата бр. 2 од Густав Малер, и со солистите – сопранот Марија Белчева и мецосопранот Стефка Минева, и двете од Бугарија.
Покрај реализацијата на големите концертни настани, Костова истакнува и уште еден проект започнат од претходната гарнитура – Грант од јапонската влада, со кој Македонската филхармонија ќе се збогати со комплетен инструментариум. „Овој проект го наследив, но го завршивме додека јас бев на таа функција и тоа беше убав и навистина неопходен чекор за непречено функционирање на Филхармонијата“, вели Костова. Таа додава дека несомнено и во тој период силен бил стремежот да бидат застапени и македонските композитори. „Водев грижа македонските автори да бидат често присутни. Тогаш направивме и два портрета, еден на Вања Николовски-Ѓумар, како претставник од помладата генерација композитори, и вториот на Властимир Николовски. За жал, тој не успеа да ја слушне својата Симфонија ’Барбара‘, бидејќи почина еден ден пред нејзината изведба. Но, среќна сум зашто, сепак, ја следеше генералната проба. Се сеќавам дека беше многу возбуден. Тоа беше траурен концерт, каква што е и музиката. Диригент беше маестро Николаев, кој многу направи оркестарот да звучи така како што треба.“
Пробите со маестро Емил Табаков се одвиваа до 12 часот, со можност за продолжување.
И за неа, вели, најважна ќе биде работата на диригентите. „Се сеќавам еднаш Филхармонијата требаше да има концерт еден ден пред концертот на студентите од Факултетот за музичка уметност. Тие се фалеле дека ќе имаат подобар концерт од Македонска филхармонија, а со нив диригираше маестро Александар Ведерников. Кога го слушнав тоа, реков дека такво нешто не би можело да се случи. Веднаш побарав од Министерството за култура дополнителни средства за да го поканам маестро Емил Табаков. Знам дека добар диригент може да направи извонреден концерт со нашите музичари. Ми дадоа виза, и маестро Табаков дојде. Тогаш пробите се одвиваа до 12 часот, со можност за продолжување. Му реков на маестрото дека сакам концертот да биде врвен за да не се доведеме во ситуација студентите да бидат подобри од професионалците. Тој ми рече, не грижи се, ќе биде добро. И, иако пробите не траеја подолго, тој направи одличен концерт. Маестро Табаков е многу атрактивен и знае како да го извлече од оркестарот најдоброто.“
Костова сепак, покрај споменатите добри мигови на оркестарот, со жалење констатира дека Балканската филхармонија нема да го продолжи својот убаво започнат пат. „Мислам дека луѓето не ја разбраа пораката на Балканската филхармонија и што сè можеше да се добие од неа. Кога се работи во еден заеднички проект, со повеќе држави, се прави еден поинаков чекор во културата. Сето тоа носи и поинакви поени во самата држава. Тоа ќе направеше еден спој на култури, на уметност, нешто што не може да го направи ниту еден политичар. Тоа беше маса од луѓе што се спојуваат. На ниту едно место не можат толку многу луѓе да се соберат на сцената. Но, таму беа и контактите со менаџерите од другите земји, со кои постои можност за договор за заеднички настапи надвор од државата. Но, за сето тоа е потребно време и финансии.“
На крајот, вели, нејзините ангажмани во Филхармонијата биле реализирани со многу емоции. „Имавме квалитетни луѓе во редовите на оркестарот, но и во Управниот одбор, кога претседател беше проф. Борис Романов, а кај него не можеше да помине лош проект. Тој важеше како многу почитуван уметник и тоа особено беше очигледно кај солистите и диригентите што доаѓаа од неговата родна земја Русија и кои го познаваа. Многу сум му благодарна, бидејќи од него многу научив. Беше строг, но праведен, реален критичар.“
Фотографии: Од архивата на Филхармонија.
Продолжува…
(На Frontline.mk, по повод 80 годишниот јубилеј на најстарата културна институција – Македонската филхармонија, кој го одбележува токму оваа 2024, ќе бидат објавувани неколку текстови за нејзиниот историјат, со цел читателите подобро да се запознаат со нејзиното функционирање. Текстовите се преземани од монографијата „70 години Македонска филхармонија“, на авторките Тина Иванова и Роза Нолчева)