Откако филмот како уметност ме ќари засекогаш, се појавија и видеорекордерите. Можноста да ми бидат достапни сите филмови на Федерико Фелини, Стенли Кјубрик, Бернардо Бертолучи и сите великани во филмската историја претставуваше откривање еден свет, кој заедно со литературата и музиката ми станаа императив за постоењето.
Разговор со Ана Василевска што го водеше Тони Димков за книгата „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ , е објавен во Слободен печат.
Во Македонија не се снимаат многу филмови, но нема ниту многу филмолошки изданија што го следат развојот на кинематографијата, а таа празнина барем за момент ја покрива книгата „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ од Ана Василевска.
Новинарката, филмски теоретичар и критичар Ана Василевска пред десетина дена во „Јавна соба“ ја промовираше својата прва книга, а својата искрена љубов кон филмската уметност ја преточи во сериозно филмолошко издание, кое го следи развојот на македонската кинематографија од осамостојувањето до 2021 година.
Со каква лична мотивација влезе во подготовката на книгата „Дискретниот шарм на македонскиот филм“?
– Оваа книга ја гледам како логична последица или базична разврска од сплет на професионални околности. Таа, речиси тридецениска, директна опсервација на нашата кинематографија, условена од новинарска ориентација во културата, се поистовети и со личната вљубеност во филмската уметност.
Сиот мој универзум во годините кога почнав да се занимавам со новинарство се темелеше врз микрокосмосот на културниот живот кај нас. Тоа е возраст кога тие впечатоци интензивно се врежуваат, се таложат, подоцна се надградуваат и создаваат некоја поцелосна слика од која можат да се извлечат заклучоци. Така, „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ е производ на тие перцепции што ми се форматираа во текот на годините.
Поаѓајќи од тоа дека нашата кинематографија во периодот пред осамостојувањето, сепак, го носи предзнакот на поранешната југословенска федерација, а потоа веќе може да зборуваме за наша, македонска кинематографија, сметав дека треба да биде документирана и издвоена во ова четиво. За да зборуваме за национална кинематографија, најважна, но не и доволна е само филмската продукција. Филмската критика, хронолошките записи, анализи, се оние кои придонесуваат таа да биде сочувана од заборавот, да даде објективна слика за тоа каде сме биле, каде чекориме, колку можеме и, конечно, тие се некаква мала историја која доколку подобро ја познаваме, повеќе ќе го сакаме нашиот филм.
Друга е приказната за тоа колку филмот е моќен и жив медиум во кој понекогаш суптилно, а понекогаш и експлицитно се добива впечаток и за културниот идентитет, општествените и социјалните околности, што е причина повеќе за тој да биде разгледуван и од други аспекти, во сооднос со реалноста, иако филмот самиот по себе претставува нереален визуелен цитат, магија. Така што, мотивот лежи во таа желба да ги изразам впечатоците, да ги отворам темите што се важни за минатото и развојот, но и за прогресот на нашата кинематографија.
На која архивска база се потпре во создавањето на содржината на книгата?
– Во книгата се користени податоци од публикувани текстови, расположливата архива на Кинотеката и на Агенцијата за филм. Интересно беше во овој процес кога размислував за илустрација на книгата. Сакав за првпат тука, на едно место, да бидат вклучени плакатите од македонските филмови од периодот помеѓу 1991 до 2021 година. Изненадена бев дека некои од нив недостасуваат.
Тоа повторно ме наведе да размислувам дека не се грижиме доволно за архивите, како што не се грижиме доволно да имаме повеќе изданија кои се чувари на филмската меморија. Оваа книга нека биде своевидна бескрајна приказна, која постојано ќе се надополнува заедно со растењето на продукцијата.
Во книгата истовремено се застапени фактографија, филмографија, филмска критика. Каква поддршка и од кого доби за реализацијата на книгата?
– Книгата е своевиден хибриден текст. Освен фактографија, филмографија, филмска критика, интервјуа, вклучено е и на некој начин лично, интимно гледиште на состојбите. За да ја избегнам субјективноста, неизмерно сум благодарна на филмологот Атанас Чупоски за текстот што го отстапи за оваа книга, а кој се однесува на овој период од нашата кинематографија претставен преку портретирање на режисерите, како и на филмскиот критичар Благоја Куновски Доре за прилогот „Продукциски и авторски континуитет“. Оваа поддршка многу ми значеше, како што ми значеа и долгите скапоцени разговори со нашите режисери, продуценти, филмски работници, новинари, директни и индиректни сведоци на гравирањето на нашата кинематографија.
Што се однесува до публикувањето, тоа беше поддржано од Агенцијата за филм на конкурсот за изданија, за кој сметам дека треба почесто да биде дел од годишните програми на институцијата.
Издавачот „Македоника“, чија примарна мисија е негување и зачувување на јазикот и творештвото како есенцијални за националното културно богатство, исто така ја даде својата поддршка, за што сум неизмерно благодарна.
Дизајнот и графичкото уредување се дело на „Гаврош“, односно Ника Гавровска, која даде посебен придонес за дополнителен шарм на изданието.
На што се должи личниот интерес за македонската кинематографија, но и за филмската уметност, воопшто?
– Припаѓам на генерацијата што во детството од телевизиската понуда на филмови можеше единствено да се радува на воени или т.н. партизански филмови и американски вестерни. Возбудливо ги следев и кинопроекциите на „Тарзан“ со Џони Вајсмилер во библиотеката „Другарче“, Дизниевите класици во киното „Бамби“, но и по некој тогаш популарен филм во киното „Центар“ или „Вардар“ (1 и 2).
Откако филмот како уметност ме ќари засекогаш, се појавија и видеорекордерите. Можноста да ми бидат достапни сите филмови на Федерико Фелини, Стенли Кјубрик, Бернардо Бертолучи и сите великани во филмската историја претставуваше откривање еден свет, кој заедно со литературата и музиката ми станаа императив за постоењето.
Потоа се случи Скопскиот филмски фестивал, кој се одржуваше во април и некако претставуваше вистинска пролет за филмофилите, трепет да се проголтаат најновите авторски филмови. По овие проекции следуваа бурни расправи со колеги и пријатели. Имав несовладлива желба да ги запишам впечатоците, да го изразам мојот став за гледаното.
Значи, таа вљубеност од најрана возраст прерасна во трајна и зрела љубов што ме следи до денес, кон која чувствувам одговорност и лојалност. Што се однесува до македонскиот филм, тој ми стана интригантен токму во периодот за кој пишувам. Пред ова, имав впечаток дека тој е етикетиран како здодевен и насочен кон социјални или историски теми, дека има пренагласена глума, некоја тегобна атмосфера, инцидентно нуди издржана естетика.
Се разбира дека во нашата кинематографија и пред осамостојувањето имавме одлични филмови, добри режисери, но таа нова приказна која се изроди подоцна, а денес веќе зборуваме за кинематографија што може да парира на светската, заслужува достојно внимание и треба да бидеме горди што ја имаме.
Каков е „дискретниот шарм“ на книгата за македонскиот филм?
– Таа е мала дискретна книга, која подвлекува, загребува во тридеценискиот развој на македонскиот филм. Тие кои сведочеле на развојот можат да ги освежат сеќавањата, а за младата генерација претставува можност да ѕирнат и прелетаат низ триесетина години.
Како главен адут на книгата би го издвоила оној што сметам дека може да го поттикне интересот за нашиот филм, да генерира млади филмаџии, но и критичари кои со посветеност би ги следеле и би ги документирале идните 30 години.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 227, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.4.2024)
Преземено: Нова ТВ