На 24 април, 2024 година ќе се одржат седмите по ред претседателски избори во Република Северна Македонија. На осми мај ќе се одржат и парламентарните избори, а се очекува и втор круг на претседателските избори.
Двојните изборни процеси во Северна Македонија се случуваат во исклучително деликатни политички и општествени околности, кога политичките чинители треба да донесат одговорни одлуки со кои ќе се одреди правецот на иднината на земјата.
Изборите во Северна Македонија се одржуваат во изборна година во Европската унија, во САД и во регионот, додека трае руската агресија врз Украина, а започна и нова војна на Блискиот исток помеѓу Израел и Палестина. Овие околности се причина повеќе за дополнително и сеопфатно набљудување на изборните процеси во нашата земја, во однос на гласачкото право, дезинформациите, пропагандата и влијанијата од одредени политички странски и домашни центри.
ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи, будно ги следи општествените и политичките случувања во земјата, и ги набљудува изборните процеси пред, за време и по изборите.
Под лупата на ЦИВИЛ се наоѓаат сите учесници на изборите, како што се кандидатите за претседател, политичките партии, институциите на власта на локално и централно ниво, медиумите и другите засегнати страни во овој процес.
Мониторинг тимот на ЦИВИЛ подготви каталог со кратки, но важни информации за секој од кандидатите што ќе се натпреваруваат на претседателските избори за неполни два дена.
Стево Пендаровски – СДСМ и коалиција „За европска Македонија“
Стево Пендаровски е роден на 3 април 1963 во Скопје, и е актуелен претседател на Република Северна Македонија.
Пендаровски дипломирал на Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1987 година, а магистрирал и докторирал на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Во 1998 година бил назначен за началник на управата за аналитика и истражување на Министерството за внатрешни работи, а паралелно бил назначен и за портпарол на министерството, како помошник министер за односи со јавност.
Во 2001 година се приклучил на кабинетот на претседателот Борис Трајковски, како советник за национална безбедност.
Пендаровски бил назначен за претседател на Државната изборна комисија до локалните избори во 2005 година и во исто својство учествувал и во спроведувањето на референдумот за територијална реорганизација.
Пендаровски за првпат се кандидира за претседател на државата во 2014 година, поддржан од коалицијата предводена од СДСМ. Во 2019 година се кандидира по вторпат на претседателски избори, како консензуален кандидат на СДСМ, ДУИ и други политички партии.
Стево Пендаровски е претседател на Република Северна Македонија од 2019 година, а на претседателските избори што ќе се одржат на 24 април 2024 година, се кандидира за втор мандат, поддржан од СДСМ и коалицијата „За европска Македонија“.
На изборната кампања, Пендаровски настапува со слоганот „Нашиот претседател Стево“.
Политичка програма
Програмата на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски се состои од пет клучни точки, односно заложби, опширно изнесени на 24 страници. Главните точки на програмата гласат:
- Глас на граѓаните – заштитник на правата и слободите;
- Промотор на младите ранливите и маргинализираните заедници;
- Заштитник на демократијата и соработката меѓу заедниците во македонското општество;
- Борба за правна држава ослободена од канџите на организираниот криминал и корупција;
- Европска интеграција како двигател на целосната трансформација.
Целата програма е на следниот ЛИНК.
Кампањата на Пендаровски за овие претседателските избори, во главно го содржи неговиот силен став и посветеност за патот кон евроинтеграцијата во секој аспект, како и ветувањето дека тој и понатаму ќе биде претседател кој својот мандат го завршува без дамка, и дека доколку граѓаните го изберат повторно, тој и понатаму ќе биде претседател на сите граѓани, без исклучок.
За разлика од минатите претседателски избори, оваа кампања е за неколку нијанси со посмирена динамика. Оваа предизборна кампања на Пендаровски, како и минатата, остава впечаток на натпревар со кандидатката Силјановска Давкова, иако на претседателските избори, во првиот круг се кандидираат вкупно 7 кандидати.
Клучни изјави
- Република Северна Македонија нема друг пат, да не си прави никој илузии, освен европскиот интегративен и затоа, со сите наши ресурси, мораме да се движиме забрзано натаму.
- Не се согласувам претседателот на државата да се избира во собранието затоа што со сегашните надлежности кои извираат од директниот избор од граѓаните, тој има многу поголема морална сила и поткрепа.
Гордана Силјановска Давкова – ВМРО ДПМНЕ
Гордана Силјановска-Давкова е родена на 11 мај 1953 во Охрид. Дипломирала на Правниот факултет во Скопје (1978), каде што и магистрирала. Докторирала на Правниот факултет во Љубљана.
Била член на Уставната комисија на Собранието на РМ (1990-1992) и министерка во Владата на РМ (1992-1994), експерт за избори на ООН и потпретседател на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа, и членка на Венецијанската комисија.
Силјановска Давкова учествуваше на претседателските избори во 2019 година, како кандидатка поддржана од ВМРО – ДПМНЕ.
Таа се кандидира и на претстојните претседателски избори, повторно како кандидатка од ВМРО –ДПМНЕ. На изборната кампања настапува со слоганот „Македонија повторно горда“.
Политичка програма
Програмата на Силјановска Давкова со која се претставува на претседателските избори, се простира на 35 страници и опфаќа палета дејности и заложби доколку таа стане претседателка на државата.
„Чувствуваме и гледаме дека: државата пропаѓа пред нашите очи; владеењето на правото е урнисано; неказнивоста води кон анархија; демократијата е во длабока криза и не ја отсликува волјата на народот; институциите се приватизирани, инструментализирани и злоупотребени од малкумина моќници“, ова се дел од главните точки на програмата на Силјановска Давкова.
Целата програма е на следниот ЛИНК.
Предизборната кампања на кандидатката Силјановска Давкова во најмала рака наликува на кампања за парламентарни избори, на која најчесто, наместо кандидатката за претседателка на државата, на собирите и средбите со граѓаните, главниот лик е лидерот на партијата која ја поддржува нејзината кандидатура. И кампањата на кандидатката Силјановска Давкова се води против, или во натпревар со противкандидатот Пендаровски, како и на претходните избори, и покрај другите кандидати.
Интересно во нејзината политичка програма е контрадикторноста во однос на ставовите за интеграцискиот процес на земјата. Во нејзината програма јасно е изразена нејзината определеност во прилог на членството на Северна Македонија во НАТО алијансата, додека силно се залага за укинување на Преспанскиот договор.
Клучни изјави
- Уставните измени не се гаранција за брзо чекорење кон ЕУ, ниту за почит, а уште помалку за самопочит.
- Ќе дојде одговорен претседател, ќе дојде одговорен парламент што ќе ја почитува опозицијата и државнички ќе се однесува, ќе дојде нов состав на Уставен суд што ќе го брани уставот. Тогаш ние еден ден со една уставна промена, важна, ќе го заштитиме името со клаузула за непроменливост.
Преспанскиот договор е надвор од задолжителното меѓународно право, но и од националното право.
Арбен Таравари – коалиција ВЛЕН
Арбен Таравари е роден на 9 април, 1973 година, во Гостивар. Дипломирал на Медицинскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 1998. Специјализирал неврологија во 2006, а во 2011 ја одбранил докторската дисертација од областа на Паркинсонова болест.
На 1 јуни 2017 година е назначен за министер за здравство во Владата на Република Македонија, функција која ја вршеше до 31.10.2017 година. Тој е актуелен градоначалник на Општина Гостивар, функција која ја врши веќе втор мандат – победа на локалните избори во 2017 година и во2021 година. По локалните избори во 2021 година, Таравари ја презема функцијата претседател на партијата Алијанса за Албанците од претходникот Зиадин Села.
По несогласувањата помеѓу Арбен Таравари, претседателот на партијата, и Зиадин Села, претседател на централното Собрание и претходен претседател на АА, во однос на настапот на партијата на двојните избори, на почетокот на февруари 2024 година, Таравари одлучи на изборите да настапи со партиите од коалицискиот блок со албански предзнак ( Беса, Алтернатива, Демократско движење, и огранокот на движењето Ветевендосје во РСМ), која на изборите настапува под насловот ВЛЕН, и со поддршка од оваа коалиција се кандидира за претседател на Република Северна Македонија.
Слоганот на изборната кампања гласи „Таравари за претседател“.
Политичка програма
На изборите за претседател на државата, кандидатот Арбен Таравари настапува со програма што се состои од четири главни столба.
- Северна Македонија интегрирана во Европска Унија
- Безбедност
- Владеење на правото
- Консензуална демократија
Целата програма е на следниот ЛИНК.
Предизборната кампања на Таравари е во насока силната поддршка на евроинтеграциите на Република Северна Македонија, јасна определеност и поддршка на членството во НАТО, со ветувања за уредување на правниот систем,
Таравари вели дека доколку стане претседател, ќе работи на излегување од иницијативата Отворен Балкан и на избирање претседател на државата во Собранието. Забележително во кампањата на Таравари е дека се натпреварува со кандидатот на ДУИ и коалицијата “Европски фронт“, Бујар Османи, додека за претседател на државата се кандидираат уште пет други кандидати.
Клучни изјави
- Европската интеграција останува главната работа за државата во овој период, а улогата на претседателот е да тежнее тој процес да се заврши побрзо.
- Останувам на ставот претседателот на државата да се избира во собранието, а не како досега на непосредни избори.
Билјана Ванковска – Левица
Билјана Ванковска е родена во Скопје на 14 ноември 1959 година. Правниот факултет во Скопје го завршила во април 1982, а веќе во 1987 и магистрирала.
Ванковска е доктор на политички науки, редовна професорка и раководителка на пост -дипломските студии по Мир и развој на Филозофскиот факултет во Скопје. Професорка е и на Европскиот мировен универзитет во Шлајнинг, Австрија. Активна во невладиниот сектор и е јавен заговарач РЕКОМ – Регионална комисија за утврдување на фактите за воените злосторства на територијата на бивша Југославија од 1991-2001.
Билјана Ванковска е кандидатка на претседателските избори што ќе се одржат на 24 април, поддржана од партијата Левица.
Кандидатката на Левица, Билјана Ванковска, предизборната кампања ја води со главниот наратив дека ќе се залага да се раскине Договорот со Бугарија, Охридскиот и Преспанскиот, како и дека ќе работи на излез на РСМ од НАТО алијансата. Таа исто така се залага и за приклучување кон БРИКС и неутралност на државата.
Слоганот на изборната кампања на Ванковска гласи – „Го враќаме достоинството на нацијата“.
Политичка програма
Кандидатката Билјана Ванковска во својата изборна програма наведува дека доколку биде избрана за претседател на Република Македонија, ќе се води од неколку фундаментални принципи, кои произлегуваат од заедничката нишка во која се преплетуваат патриотизмот и левата идеологија.
Целата програма е на следниот ЛИНК.
Клучни изјави
- Во државава сме доведени до ситуација на политика на уцена во која македонскиот народ и Македонецот се уценети од сите страни – од надвор го уценуваат и соседи и ЕУ и Америка, а дома Албанците.
- Прво што би направила е раскинување на договорот со Бугарија, како и отворање на уставна дебата и процедура за промена на целиот Устав, не „овде ќе закрпиме, овде ќе залепиме или ќе додадеме“, туку комплетно нов Устав.
Максим Димитриевски – Движење ЗНАМ
Максим Димитриевски е роден на 29 нoември 1975 година во Куманово. Основно и средно образование завршува во родниот град, а дипломира на правниот факултет во Скопје. магистрира во 2021 година на тема ,,Улогата на локалната самоуправа во вонредна и кризна состојба, во услови на епидемија со осврт на општина Куманово”. Во 2008 година станува дел од Советот на Општина Куманово, а подоцна и претседател од 2012 до 2016 година. Политичката кариера ја продолжува како пратеник во Собрание на Република Македонија и претседател на комисија за одбрана и безбедност. На локалните избори во октомври 2017 година станува градоначалник на Општина Куманово. По завршување на првиот мандат, повторно победува на локалните избори како независен кандидат и станува градоначалник на Општина Куманово по втор пат во мандат 2022 – 2025.
На изборната кампања, Димитриевски настапува со слоганот „МаксимУм за Македонија“
Политичка програма
Програмата насловена „Манифест за Македонија“, Димитриевски ја промовираше во Крушево, пред споменикот “Македониум”. Програма се базира на начелата на Крушевска република и АСНОМ. Таа се состои од пет начела и пет приоритети во првите 200 дена доколку Димитриевски ја освои претседателската функција.
Целата програма е на следниот ЛИНК
Клучни изјави
- Со сите имам принципиелни односи, но во било каков момент исклучувам било каква соработка со ова актуелно раководство на СДСМ, бидејќи тоа ја сноси најголемата одговорност зошто една државотворна партија се трансформираше во партија каква што е денеска, партија која се откажа од Крушевските и АСНОМ-ските принципи, тоа е недозволиво.
- Јас го ЗНАМ вистинскиот пат, затоа ги повикувам граѓаните по Илинден и АСНОМ да се вклучат во Изборното востание.
Бујар Османи – ДУИ и коалицијата „Европски фронт“
Бујар Османи е роден на 11 Септември 1979 во Скопје, Република Македонија. Дипломира на Медицинскиот факултет во Скопје во 2004 година. Дел од својата специјализација ја завршува во Лондон, Обединетото Кралство во периодот 2006-2007 година, додека од 2012 година се стекнува со звање специјалист хирург. Од 2014 е докторант на Школата за докторски студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде докторира во јули 2018 година.
Своето работно искуство го започнал во 2004 година како доктор на медицина на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св.Наум Охридски“ во Скопје. Во 2008 година е назначен како министер за здравство на Република Македонија и таа функција ја извршува се до 2011 година. Од 2011 година е Специјалист хирург во Универзитетска Клиника за Дигестивна хирургија во Скопје. Во 2011 исто така е назначен за Секретар за комуникација со јавност при претседателството на Демократската Унија за Интеграција. Од јуни 2017 година е назначен како Заменик претседател на Влада задолжен за европски прашања. На 30 август 2020 година, Бујар Османи е избран за Министер за надворешни работи на Република Северна Македонија. За Бујар Османи ова е прва трка за претседател на државата, а поддржан е од коалицијата „Европски фронт“, која е составена од 9 политички партии.
На изборната кампања, Османи настапува со слоганот „Европски претседател“, и со „Не на Русија, Да за Европа“.
Политичка програма
Програмата на претседателскиот кандидат Бујар Османи се состои од Декалогот со 10 заложби, која ја претстави пред коалиционите партнери на коалицијата „Европски фронт“ составена од 9 политички партии.
Декалогот од 10 заложби
1. Интеграција во ЕУ до 2030 година
2. Избор на претседател преку Собрание со двојно мнозинство
3. Партнерство и стратешки дијалог со САД
4. Армија на Република Северна Македонија
5. Формирање на меѓународен одбор со САД, ЕУ и НАТО за сертификација на сите носители на јавни функции
6. Рамковен економски договор
7. Надворешна политика
8. Државен план за перспектива на младите и нивно задржување на земјава
9. Зелена агенда и безбедност
10. Образование и иновации
Целата програма е на следниот ЛИНК
Кампањата на Османи за овие претседателски избори главно се состои од тоа што земјава нема друга алтернатива освен членство во Европската Унија и силно партнерство со САД. Според него, членството ќе се случи само со ова политичка партија промовирајќи ја мултиетничноста на коалицијата, при што во партијата се застапени сите етнички заедници освен македонската. Кампањата ја води главно во албанските средини.
Во јавните настапи настапува со мотото „искуство, чесност и посветеност“, бидејќи, според него, додека ги вршел и врши државните функции, секогаш се придржува до овие постулати.
Клучни изјави
- За неколку дена ќе одлучите дали сме за интеграција или за изолација. вашиот глас не е само еднократен избор. Туку е инвестиција за иднината. Инвестиција која ќе изгради ѕид против овој одмаздољубив национализам, кој може да се постави кај нас за неколку дена
- Останува уште една последна тврдина на етничкиот монопол. Тврдината која нè загрижува сите и секогаш ни го дава тој сигнал дека се уште не е сè како што треба, сè уште нема еднакви можности за сите, таа е тврдината на првиот претседател
Стевчо Јакимовски – Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ)
Стевчо Јакимовски (р. 27 август 1960 во с. Подржи Коњ, Кривопаланечко) — претседател на партијата Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ) и градоначалник на Општина Карпош. По дипломирањето на Економскиот факултет во Скопје во 1987 година, Стевчо Јакимовски волонтирал како новинар во спортската и во информативно-политичката редакција на втората програма на Радио Скопје. Тој е сопственик и управител на „Транс Медитор“ ДООЕЛ, претпријатие што претежно се занимава со патен транспорт.
Во текот на својата политичка кариера, Јакимовски променил неколку политички партии: најпрвин бил член на Либерално-демократската партија, потоа преминал во СДСМ, за подоцна да ја формира партијата ГРОМ.
Јакимовски е единствениот претседателски кандидат кој е назначен во американската црна листа порадикоруптивни дејствија- злоупотреба на службената положба ( градоначалник на општина Карпош), за мешање во урбаниот развој и процесите на набавки во своја корист. Јакимовски е единствениот кандидат кој не го потпиша Кодексот за фер и демократски избори.
На изборната кампања, Јакимовски настапува со слоганот „Храбро за Македонија“.
Политичка програма
Програмата на претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски се состои од 17 точки кои можете да ги прочитате на овој ЛИНК.
Кандидатот за претседател од редовите на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, кој е и единствениот кандидат кој е на американската црна листа за корупција, води кампања дека Северна Македонија треба да има и други алтернативи, а не само Европската Унија. Тој во својата реторика вели дека ако нема членство до 2030 година, тогаш земјата треба да гледа други алтернативи за, како што вели, „развој на државата“.
Клучни изјави
- „СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ водат ноевска политика, односно главата им е ставена во песок и на заканите и уцените од Османи и Таравари никако не одговараат. Јас јавно ги прашувам дали ќе се одважат еднаш на овие уцени да одговорите со ваш одговор, а одговорот е дека ако има уцени за состав на Влада, ние ќе направиме широка коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и сите останати што сакаат да влезат во Влада.
- Ние треба да им кажеме, подготвени сме да чекаме до 2030-та година да чекаме влез во Европска Унија, нели влеземе до 2030-та година. Вие нема да бидете наш приоритет. Ние ќе тераме од тој пат нема да се откажуваме, но ние мораме да си бараме пат за развој на државата.
Подготвија: Дијана Тахири, Назми Абдурахмани и Биљана Јордановска во соработка со ЦМТ
Преземено: Цивил Медиа