На помалку од една недела од двојните избори на 8 мај, кандидатите за претседател на државата, партиите и коалициите имаат уште четири дена за претставување на своите програми и политички понуди пред граѓаните.
Додека постизборните коалиции вчера беа во фокусот на политичките партии во рамки на кампањата за парламентарните избори, двајцата претседателски кандидати на социјалните мрежи „се скараа“ околу претседателската дебата на МТВ.
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во пресрет на парламентарните избори на 8 мај, вчера порача дека „тој што не може да формира влада изгубил на изборите“ бидејќи, како што рече, влада се формира со минимум 61 пратеник.
-Прво, тој што не може да формира влада значи изгубил на изборите бидејќи влада се формира со минимум 61 пратеник. Ќе видиме како ќе бидат финалните резултати на 8 мај, бидејќи изборите уште не се завршени и тогаш ќе може да се разговара во однос на формирање на влада. Јас знам како изгледа формирање на влада, треба да имате 61 пратеник минимум за да формирате влада. Полека, па ние сме во избори конкуренти со ВМРО-ДПМНЕ, 8 мај нека дојде па ќе видиме, рече Ковачевски по средбата со претставниците на раководството на Стопанската комора на северозападна Македонија.
Дополни дека овие избори не се за враќање назад кон минатото, туку се за иднината и оти не се за изолација, туку за интеграција во ЕУ бидејќи, нагласи, изолација може да значи изолација и внатре во рамки на етнички заедници што ќе значи изолација и од соседите и што ќе значи изолација финална и на државата од европските процеси. Според Ковачевски, СДСМ останува единствената политичка опција која се бори за мултиетничко општество и за рамноправност на сите граѓани без разлика на нивната припадност по кој било основ и за интеграција на државата во ЕУ.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера рече дека „ниту размислувам, ниту на памет ми паѓа било каква коалиција со ДУИ по изборите“ и дека на овие избори се покажа дека имаме антивладино расположение и тоа „треба да се почитува и мора да се почитува гласот на народот“.
-Тоа што го прави на терен ДУИ не е волја на народот, има притисоци, поткупи. Тоа народот не го сака. За ова има сведоштва. Бројни нерегуларности се поврзани со ДУИ, рече Мицкоски на гостување во телевизија АлсатМ и посочи дека и покрај купувањето гласови и полнење кутии на ДИУ не им бега местото во опозиција.
Нагласи дека ДУИ не може да се однесува дека ова е бинационална држава, и додаде дека ова е држава на сите, најавувајќи дека идната влада ќе удри силно по, како што рече, „челото на корупцијата донесена од ДУИ и СДСМ, кои ги крадат и Македонците и Албанците“.
-Имаме план, корупцијата за жал во Македонија има пандемиски размери. За жал со измените на оној кривичен законик ограничен е просторот за маневар и за барање на кривично дело кое новата владата во рамките на своите истражни капацитети би можело да бара, рече Мицкоски и најави формирање на антикорупциски фронт без што, додаде, нема да можеме да се развиваме нити во ниеден друг сегмент во општеството, нити во економијата, образованието, здравството.
Портпаролот на ДУИ, која го предводи Европскиот фронт, Бујар Османи, вчера на прес-конференција порача дека нема влада без двојното мнозинство – апсолутно мнозинство од 61 пратеник плус Бадентерово мнозинство.
На новинарско прашање дека ДУИ не се посочени како потенцијални коалициски партнери од ниту една од двете доминантни партии во македонскиот блок, Османи, кој беше и кандидат за претседател на државата на Европскиот фронт, но не се пласираше во вториот круг, изјави дека никогаш нивна цел не била да бидат посакуван партнер на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, туку посакуван партнер и претставник на народот и оцени дека се јалови сите обиди да се потцени второто мнозинство при кои било избори после 2002 година.
-Охридскиот рамковен договор доведе до потреба за две мнозинства – 61 пратеник како апсолутно мнозинство и мнозинство по Бадентер. Двете мнозинства се неопходни за стабилна влада и стабилен парламент и затоа забораваме некогаш и се уште размислуваме со концептот пред Рамковниот договор и 2001 кога размислуваме само за едното мнозинство од 61. Едното мнозинство секогаш оди и со второто мнозинство наречено Бадентерово мнозинство. Времето на надгласување, на мајоризација е поминато. За жал ќе треба уште време за да ја сфатиме логиката на Рамковниот договор и механизмите коишто ги наметнува Рамковниот договор со двете мнозинства коишто ги бара 61 и Бадентерово мнозинство, појаснува Османи.
Прашан што доколку ДУИ победи во албанскиот блок на 8 мај, а партиите од македонскиот блок победници не ги повикаат, Османи кажа дека тоа го смета за навредливо прашање и посочи дека граѓаните одлучуваат кој ќе ја формира владата и оти не може да се формира влада без Бадентерово мнозинство.
Коалицијата на албанската опозиција „Влен“, вчера порача „да“ за Влада и Бадентер, без ДУИ и Левица, порачувајќи дека „не може и не смее одењето во опозиција ДУИ да го претставува како проблем за опстанокот на државата“ и дека „не е крај на светот ако отидат во опозиција“.
-ДУИ ги напушти вредностите за кои се залагаше во 2001 кога наместо за албанската кауза почна да се грижи единствено за џебовите на нивното раководство и ним блиските роднини. Сега кога доаѓа време за одговорност за коруптивните скандали се обидуваат како штит да го користат целиот Албанскиот народ и помалите етнички заедници кои ги користат како заложници. Тие веќе видени трикови не поминуваат. После 8-ми мај ќе има и Влада со ВЛЕН како единствен легитимен политички репрезент на Албанците, ќе има и Бадинтерово мнозинство, ќе бидат обезбедени и фундаментите на Охридскиот рамковен договор и ќе има одговорност за сите што се огрешиле пред законите, стои во соопштението од Влен.
Претседателот на Движењето „За наша Македонија“, Максим Димитриевски вчера порача дека ЗНАМ ќе се води од националните и државни интереси во идните коалиции за влада и најави дека очекува уште поголема поддршка на парламентарните избори од страна на граѓаните.
-Мојата политика, заедно со мојот тим, ќе ја градам врз база на принципи и доколку Македонија е во ситуација во која треба да се обезбеди стабилност, тогаш партиските интереси ќе бидат во втор план, а националните и државните интереси во прв план.
Уште еднаш повтори дека ДУИ е непосакуван партнер и дека според него, ДУИ треба да се казни со отсуство од власта за доброто на сите граѓани, нагласувајќи дека казнувањето на ДУИ не значи казна на Албанците.
-Коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ ќе зависи од ставовите по изборите. Првично да се преброиме. Одлуките ќе ги донесат органите и телата на ЗНАМ, а дополнително, ние не бркаме власт по секоја цена и можна е опцијата да останеме и во опозиција, рече Димитриевски.
Претседателската дебата на МТВ ги скара кандидатите на социјалните мрежи
Кандидатката за претседателка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова, вчера објави дека ќе дебатира со празно столче на третата претседателска дебата на МТВ, на што нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски реагираше дека терминот за дебатата на МТВ никогаш не бил договорен. Сиљановска Давкова, на социјалните мрежи, објави фотографија на која е сама во студиото на МТВ, како најава за како што пишува „третата претседателска дебата“, по што Пендаровски, во објава на Фејсбук и одговори дека „единствен начин да излезе како победник во тие јавни соочувања е да организира разговор со „празно столче““.
Претходно, Давкова на социјалната мрежа X, објави дека ќе дебатира со празно столче на МТВ.
– Вчудоневидувачки е како во најзначајната претседателска дебата пред националниот сервис, Македонската телевизија, јас ќе дебатирам со празно столче. Не разбирам зошто мојот противкандидат (@SPendarovski) им оневозможи на граѓаните повторно да ги соочиме нашите програми и ставови, напиша Давкова.
Според Пендаровски ТВ дуел на јавниот сервис никогаш не бил договорен, порачувајќи дека тоа е единствениот начин Силјановска Давкова да победи во некаква дебата.
-До сега имаше три дуели меѓу мене и госпоѓата Давкова и се разбира и останатите кандидати во првиот круг и сега попладнево со партискиот сервис МТВ, кој сите ние го плаќаме, организирале дебата во која госпоѓата дебатира самата со себе и како што велат празно столче од другата страна. Знаете зошто го велат тоа? Прво, да ви кажам, дека договор за термин немаше. Последна дебата која е договорена, од трите во вториот круг, ќе биде на 6 мај на Канал 5, а ова мораа да го направат, затоа што е тоа единствен начин Гордана Силјановска – Давкова да излезе како победник во дуел, нагласи Пендаровски.
Од МТВ, во соопштение до медиумите, ги отфрлија информациите дека Гордана Силјановска-Давкова сама си договорила дуел, нагласувајќи дека Македонската телевизија, на 26 април 2024 година, упатила покани за предизборно соочување до кабинетите на кандидатите кои влегоа во вториот круг од претседтелските избори, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова.
– Јавниот сеервис како датуми ги предложи – 1 мај (среда), 2 мај (четврток) и 6 мај (понеделник). Од тимот на Гордана Силјановска Давкова, следниот ден, 27 април, известија дека го прифаќаат 2 мај-четврток како термин за дуел со можност за снимање во попладневен термин. Од тимот на Пендаровски немаше одговор до вчера, 1 мај. Јавниот сервис испрати порака до тимот на Пендаровски да се изјаснат за дуелот, а во одговорот стоеше дека не можат му организираат агендата и дека не можат да успеат. Во духот на професионалноста, јавниот сервис понуди и одделни интервјуа за двајцата кандидати, но од тимот на Пендаровски известија дека нема простор ни за тоа иако јавниот сервис во телефонски разговор остави можност за кој било од наредните денови до изборниот молк, се вели во соопштението од МТВ.
Кампањата за парламентарните избори и вториот круг на претседателските избори завршува во понеделник, 6 мај, на полноќ, кога почнува предизборниот молк. Двојните избори се в среда на 8 мај.
Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски, порача дека ДИК е подготвена за претстојните избори, најавувајќи дека денеска и утре ќе се дели доверливиот изборен материјал кој општинските изборни комисии се должни да го предадат во вторник, додека првичните резултати се очекува да бидат објавени на 8 мај пред полноќ.