Под наслови „Новата националистичка претседателка одбива да го изговори новото име на земјата“, „Новата претседателка одбива да го изговори новото име на државата и ја налути Грција“, „Во тек е дипломатски бунт? Новата претседателка на Северна Македонија одбива да го изговори официјалното име на земјата“ и „Новата претседателка повеќе не сака да ја нарекува својата земја Северна Македонија“, белгиските и холандските медиуми објавуваат текстови за вчерашната инаугурација на шефицата на државата Гордана Сиљановска-Давкова.
Белгискиот весник „Соар“ наведува дека Сиљановска-Давкова за време на нејзиното полагање заклетва одби да го изговори новото име на земјата, што се користи од Договорот со Грција во 2018 година.
– Изјавувам дека функцијата претседател на Македонија ќе ја извршувам совесно и одговорно, дека ќе ги почитувам Уставот и законите и дека ќе ги штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Македонија, изјави таа пред пратениците и гостите на свеченоста. Во официјалниот текст, кој таа го повтори, се користи уставното име Северна Македонија, наведува белгискиот весник на француски јазик.
„Соар“ додава дека како кандидат на „националистичката десница“, Сиљановска-Давкова беше избрана во вториот круг од претседателските избори, како прва жена на оваа позиција од прогласувањето на независноста на малата балканска земја во 1991 година.
– Оваа пензионирана универзитетска професорка уверуваше дека ќе биде претседателка на „сите граѓани“ и повика на „единство“ во државата, наведува весникот.
Во текстот натаму се потсетува дека во 2018 година земјата го склучи „историскиот“ Договор од Преспа со Грција, со кој се согласи да го додаде географскиот термин „Северна“ на своето име за да стави крај на долгогодишниот спор со својот сосед, кој поради оваа причина го блокираше нејзиното пристапување кон НАТО и кон преговорите за членство во ЕУ.
– Ова на Твитер не пропушти да го истакне и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Ако земјата сака „успешно да го продолжи патот кон членство во ЕУ“, таа мора „целосно да ги почитува обврзувачките договори, вклучително и Договорот од Преспа“, ја пренесува „Соар“ пораката на Фон дер Лајен.
Бриселскиот весник на француски јазик „Дерние Ејр“ (ДХ) наведува дека новата претседателка на Северна Македонија за време на нејзината заклетва „го навлече гневот на Атина“ со тоа што одби да го изговори новото име на нејзината земја, гест што беше критикуван и од Брисел.
– Решеноста на новата македонска лидерка – кандидат на претседателските избори на ВМРО-ДПМНЕ (националистичка десница) – да не го користи официјалното име на државата во оваа прилика, предизвика остра реакција кај Грција, наведува ДХ, додавајќи дека грчкото Министерство за надворешни работи оцени оти нејзиниот избор на зборови е „еклатантно кршење на договорот од Преспа и Уставот на земјата, што е во согласност со нејзините меѓународни обврски“.
Натаму се пренесува соопштението на грчкото МНР дека „Грција категорично изјавува оти понатамошниот напредок во билатералните односи со Северна Македонија и нејзиниот европски пат зависат од целосното спроведување на Договорот од Преспа и, пред сè, од употребата на уставното име од соседната земја“, додавајќи дека амбасадорката на Грција во Скопје во знак на протест ја напушти церемонијата во Собранието.
– Договорот со Грција, на кој се противи ВМРО-ДПМНЕ, и овозможи на Северна Македонија да влезе во НАТО во 2020 година, наведува ДХ, додавајќи дека гестот на новата претседателка наиде на неодобрување и од Фон дер Лајен, која упати нова порака набргу по првата честитка испратена на социјалната мрежа Икс.
– Честитки Гордана Сиљановска-Давкова што станавте прва жена претседател на Северна Македонија. Вашето лидерство доаѓа во клучен момент, додека вашата земја ги унапредува своите реформи и го продолжува својот пат кон ЕУ, напиша фон дер Лајен во својата прва порака на Икс, ја пренесува весникот честитката на претседателката на ЕК, наведувајќи ја и дополнителната порака дека „со цел Северна Македонија успешно да го продолжи својот пат кон членство во ЕУ, од суштинско значење е да продолжи со реформите и со целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа“.
Бриселскиот весник на холандски јазик „Њузблад“ наведува дека со одбивањето да го изговори новото официјално име на нејзината земја при полагањето заклетва, првата жена претседателка на Северна Македонија, Сиљановска-Давкова предизвика дипломатски бунт.
Наведувајќи ја суштината на Преспанскиот договор, весникот посочува дека „десничарската националистичка партија ВМРО-ДМПНЕ“, чија претседателска кандидатка беше Сиљановска-Давкова, се спротивстави на тој договор и дека никогаш навистина не ја прифати промената на името.
– ВМРО-ДМПНЕ победи и на парламентарните избори. Политичката победа на десничарската опозиција предизвикува страв од заживување на тензиите со Грција, но и со Бугарија, која исто така поставува свои услови во контекст на пристапните преговори на Северна Македонија во ЕУ, додава „Њузблад“
Весникот „Хет Лацте Њуз“ (ХЛН), кој излегува во белгискиот град Антверпен на холандски јазик, наведува дека Гордана Сиљановска-Давкова е името на новата претседателка на Северна Македонија, која беше инаугурирана вчера и веднаш предизвика контроверзии.
– Конзервативната политичарка одби да го користи новото име на земјата на нејзината инаугурација, останувајќи на „Македонија“, име кое со години е основа на спорот меѓу земјата и соседна Грција, наведува весникот, додавајќи дека на инаугурацијата Сиљановска-Давкова изговорила „малку поинаков“ текст на заклетвата од оној што пред неа го изговори претседателот на Собранието, Јован Митрески.
Според весникот, Митрески изговараше „Северна Македонија“, име што земјата официјално го има од 2018 година, откако промената беше одобрена во Парламентот со двотретинско мнозинство.
– Претходно, земјата едноставно се нарекуваше „Македонија“, но тоа доведе до спор со Грција. И двете земји тврдеа дека се наследници на Кралството Македонија. И Грција има регион кој се вика Македонија, па не и се допаѓаше што нејзиниот мал сосед на север го има истото име. Прашањето за името дури предизвика Грција да го блокира приемот на Македонија во ЕУ и НАТО. Двете земји на крајот постигнаа договор, според кој Македонија отсега ќе биде позната како „Република Северна Македонија“. За возврат, Грција го одобри процесот на пристапување на земјата во НАТО, го раскажува ХЛН историјатот на македонско-грчкиот спор.
Според весникот, сепак голем дел од жителите на Северна Македонија „се држат до старото име“, а меѓу нив и Сиљановска-Давкова.
– Кога беше номинирана за претседателска кандидатка на нејзината партија ВМРО-ДПМНЕ во 2019 година, таа вети дека ќе се одржи втор референдум за промена на името и дека земјата ќе го врати старото име. Сепак, таа не успеа да стане претседателка во 2019 година, загуби од социјалдемократот Стево Пендаровски. Во тоа успеа во 2024 година. Се чини дека новата претседателка сака да ја врати дискусијата за старото име на маса. Договорот од Преспа за промена на името таа го нарекува „кршење на националното право“ и „сериозно кршење на колективните и индивидуалните човекови права на жителите на Македонија“. Од Грција засега нема одговор, се додава во текстот на ХЛН.
Холандскиот весник „Недерландс дагблад“ посочува дека новата шефица на државава повеќе не сака да ја нарекува својата земја Северна Македонија.
– Новата претседателка на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, во нејзиниот инаугуративен говор ја нарече својата земја „Македонија“. Официјалното име на државата од 2018 година е Северна Македонија, наведува весникот, навраќајќи се на историјатот на Договорот од Преспа.
„Недерландс дагблад“ посочува дека Сиљановска-Давкова и „нејзината националистичка партија ВМРО-ДПМНЕ“, која убедливо победи на изборите во земјава во средата, пред шест години се спротивстави на договорот со Грција што доведе до промена на името.
– Северна Македонија е земја кандидат за членство во Европската Унија. Проевропските социјалдемократи, кои по изборите завршија во опозиција, стравуваат дека членството ќе биде загрозено, бидејќи земјата сега ќе се конфронтира со соседните земји и со ЕУ, додава холандскиот весник.