ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ФРОНТ

Бетовен – победникот над својата судбина: 200 години од создавањето на монументалната Бетовенова Деветта

May 14, 2024 08:00
in ZOOM IN, ДЕНЕС, КУЛТУРА, ФРОНТ
Share on FacebookShare on Twitter

ТИНА ИВАНОВА

„Музиката е откровение повисоко од сите мудрости и филозофии… Оној којшто сака да ја разбере мојата музика, треба да се ослободи од секоја невоља која ја влечат со себе останатите луѓе“ – Л.Бетовен

Едно од најголемите ремек-дела во класичната музика е Бетовеновата Деветта. Виена ја прославува 200 годишнината од нејзиното создавање (7 мај 1824), поточно од нејзината премиера, којашто се случила токму во овој главен музички центар во Централна Европа каде што Бетовен работел долг период од својот живот и тоа под негова диригентска палка во време кога бил сосема глув. Ама, ја прославува и светот. Серија на перформанси со Виенскиот филхармониски оркестар, под палката на реномираниот италијански диригент Рикардо Мути, донесоа и повторно сеќавање на оваа монументална музичка творба.

Кога Бетовен умира, се раѓа романтизмот. И ова кажува навистина многу за неговата уметност. Неговата музика нему му била средство да ги изрази своите хумани идеи. Тој не ги искажувал страдањата низ сопствениот живот, туку идеалот со кој им се спротиставувал самиот, внатре во себе. Уште во својата 22 година имал намера да напише музика за Шилеровата „Ода на радоста“, но таа идеја ја реализирал дури во 1823 година, вметнувајќи ја во Деветтата симфонија, во мигот кога сѐ се срушило над него. Во мигот кога секоја радост го напуштила. А, музиката за него, пред сѐ е неговиот говор. Говорот со кој го изразува својот внатрешен живот – еден час смирен, другиот час бунтовен, говорот во кој татнее идеалот кој овој свет не може да го задоволи. Токму затоа, за него бил многу поважен проблемот на содржината, отколку проблемот на формата. Длабоко ја променил суштината на симфонијата и тотално ги пореметил законите кои владееле во тој жанр. Подготвил терен за разбивање на традиционалната форма која станала претесна, отворајќи им го патот на романтичарите.

Четири става во кои шизофренично се претураат крици од чашата на страдањето во чашата на радоста, музика која ги достигнува дури и надчовечките стремежи кон совршенство, звуци кои го распаруваат духот и го враќаат во длабоко смирение, во медитативна сеанса, ноти кои буричкаат низ цревата до повраќање и наеднаш навестуваат појава на блескава светлина кон иднината – лебдечка симфонија која нè учи дека смртта e исто толку важна како и животот. Три става кои полека го најавуваат четвртиот кој создава аритмија и тахикардија од убост. Не е лесна за слушање, но е толку потребна, во секое време во кое има дехуманизација и деградација. Да нè научи или потсети на хуманизмот, на вистинските човечки вредности, на достоинството, на човекољубието, етиката и добробитот на општеството. Но, кој умее да слуша, тој е вистински среќник.

Токму затоа е битна Бетовеновата Деветта. Но, и затоа што таа е разумот, а не емоцијата на човештвото. Како последна од симфониите на „музичкиот Прометеј“ Лудвиг ван Бетовен, кој ја напишал три години пред неговата смрт, е всушност прва симфонија во која се вклучени вокални солисти и хор. Во четвртиот став е песната „Ода на радоста“ (An die Freude) на германскиот поет, драматург и филозоф Фридрих фон Шилер во која се велича идеалот на братство и единство на целото човештво. Бетовен со неа пренесува широка егзистенцијална порака на верување во мир, радост, единство и толеранција. А, токму тоа ќе биде и причината за да биде усвоена како Европска национална химна (1972) и за да прерасне во официјална химна на Европската унија (1985). Сепак, оваа симфонија поседува и други нешта по кои се разликува од останатите. Покрај тоа што пораката за заеднички живот во хармонија и мир е навистина силна, моќна, торжествена, ова е и најепската симфонија на Бетовен и поради времетраењето, но и поради грандиозниот инструментално-вокален корпус. Не случајно е така, затоа што Бетовен во својата глувост сакал да ги чуе најсилните звучни грмотевици. Дури, и кога ја диригирал на премиерата, не успеал да го слушне крајот, ниту бурниот аплауз, па продолжил да диригира сѐ додека не му пришла певицата Каролина Унгер и го завртела кон публиката, за да може да ги види многубројните дланки како се спојуваат и одвојуваат во силен аплауз и да сфати дека е веќе крај на изведбата.

Во биографијата „Бетовен: Живот во девет композиции“, авторката Лора Танбриџ пишува дека за време на премиерата на сцената покрај Бетовен стоел музички директор кој водел сметка сѐ да помине во најдобар ред, затоа што одамна се знаело дека тој не можел да биде сигурен диригент, поради неговата здравствена состојба. Особено што делото кое првпат се изведувало е комплексно, има мамутско финале и плус голем хор и пејачи, а и музичарите имале малку проби. Дури е забележано во некои списи дека дел од виолинистите за време на изведбата ги спуштиле своите инструменти, не можејќи да се справат со предизвикот. Токму поради сложеноста, постоела опасност понатаму во изведбите да се тргне сега веќе прославената „Ода на радоста“ и да се замени со само инструментален став, што доколку навистина би се случило, Деветта никогаш немаше да го оправда револуционерниот подвиг. Иако, таа сепак, е револуционерна однатре, а пејачите се само еден аспект од композиторовиот мошне инвентивен звучен свет. За среќа, останала онаква каква што првично била замислена, а сегашниот статус којшто го има го постигнала во доцниот 19.век, а не веднаш по создавањето.

За музичките познавачи, ова е сѐ уште најважното дело во класичната музика, најголемата симфонија некогаш напишана, која извршила силно влијание врз исто така големите композитори Густав Малер и Антон Брукнер, или Јоханес Брамс и Антонин Дворжак, но, коишто на неа, како и воопшто на севкупното творештво на генијот Бетовен, гледале со стравопочит. Критиката исто така, никогаш не го променила мислењето дека таа е вонсериско уметничко дело со визонерска политичка порака, но и мрачно мистериозно, чии „подрумски“ простории и денес сѐ уште се разоткриваат. И времето во коешто ние живееме, исто така тежнее, често плаче и лелека, за еден симбол како што е Деветта – да потсети на доблестите на универзалното пријателство како во текстот на Шилер: „Бидете прегрнати, Милиони! Овој бакнеж е за целиот Свет!“ („Seid umschlungen, Millionen! Diesen Kußder ganzen Welt“!)

Симфонијата бр. 9 во d-moll, оп. 125, ја отсликува, всушност, сета величенственост и трагедија на животот на германскиот композитор Лудвиг ван Бетовен. Неговата безгранична фантазија и страст се огледуваат во сите негови дела, сите подеднакво маестрални, но со силна контрадикторност, каква што била и неговата личност. Бил себичен, нарцисоиден, често запаѓал во конфликтни ситуации, мрачен и запуштен, исфрустриран од невозвратените љубови, човек кој се борел со своите внатрешни демони. Го опишуваат како некој кој не бил од овој свет. Но, голема причина за тоа, е неговата длабока тага којашто ја носел поради глувоста.

Во едно од неговите писма, никогаш испратено и пронајдено по неговата смрт, вели: „Ах! Како да се признае слабоста на слухот којшто кај мене би требало да постои во состојба на совршеност, на ниво на совршеност, која малку музичари ја познаваат“. Па, и покрај тоа, тој ги создал најпотресните и најекспресивните дела. И, како што пишува Танбриџ, тоа што Бетовен бил во состојба да ја создаде Деветта со „Ода на радоста“ во својот најтежок личен период, покажува дека сепак, кај него постоела надеж и иднина, а тоа, едноставно, не смееме да го игнорираме. Бил сиромашен, болен, осамен, но победник – победник над човечката осредност, победник над сопствената судбина, победник над сопственото страдање.


Специјално за Првата линија. Дозволено преземање само со писмена дозвола од редакцијата на Фронтлајн.

 

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

Tags: Бетовенова ДеветтаЛудвиг ван Бетовен

НАЈНОВО

Фото: Скриншот

Украина и Русија во Истанбул договорија размена на воени заробеници

June 2, 2025

Бербок избрана за претседателка на Генералното собрание на ОН

June 2, 2025

Јахоски патувал надвор од државата со пасош издаден од МВР по решение на Апелација

June 2, 2025

НАЈЧИТАНО

  • СДСМ: Правеле зграда каде што била предвидена улица, хаос со дивоградбите во Чаир

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Данела, Чаир и медиумскиот смут во улога на заштитник на политичко – урбаниот криминал

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Завршија преговорите Русија – Украина во Истанбул

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Додека лавчињата се касаат

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Мицкоски ги отфрли обвинувањата од СДСМ дека заедно со Коцевски штити началник на СВР Штип

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk