Од Истражниот затвор Скопје до Основниот кривичен суд Скопје е доставно официјално известување за екстрадиција на осомничениот Љ.П., за кој веќе е определна мерка притвор од негово пронаоѓање, односно лишување од слобода, како и барање за ангажирање на адвокат кој ќе го застапува во текот на постапката.
Како што информира денеска Основен кривичен суд Скопје, Судот, во рамки на законските одредби ги издава сите дозволи поврзани со истражната постапка, која е во надлежност на Основно јавно обвинитeлство – Скопје и добиените барања ги доставува до предложените адвокати за нивно понатамошно постапување.
– Дополнително, судија на претходна постапка во координација со надлежниот Јавен обвинител, ќе издаде наредба за спровод на осомниченото лице за негово произнесување во однос на околностите во предлогот на Јавниот обвинител за определување на мерката притвор, а за донесеното решение јавноста ќе биде известена, се вели во соопштението од Основен кривичен суд Скопје.
По повеќе од пет месеци поминати во екстрадициски притвор во Турција, на 15 мај 2024 година во земјава беше екстрадиран Љупчо Палевски Палчо, првоосомничен за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска на 27 ноември 2023 и на пензионерот Панче Жежовски.
Палевски со конвој од пет возила на Интерпол беше спроведен во Истражниот затвор Шутка, откако претходно слета на Меѓународниот аеродром во Скопје со редовна линија Истанбул – Скопје.