Управниот суд до доцна во ноќта расправаше по тужбите на одлуките на Државната изборна комисија – ДИК за неколку избирачки места поднесени од коалицијата Европски фронт. Од судот соопштија дека сите седум тужби се отфрлени како неосновани, а тоа значи, согласно одлуките на ДИК, дека ќе има прегласување во шест избирачки места во петтата изборна единица и едно во шестата изборна единица.
Според Изборниот законик, доколку одлуката за прегласување на едно избирачко место може да влијае на конечните резулатите од изборите, ДИК ќе организира повторно гласање 14 дена од одржувањето на изборите, односно на 22 мај.
ДИК на 104 седница ги разгледа приговорите поднесени од политичките партии по одржувањето на парламентарните избори на 8 мај. Од вкупно 27 поднесени приговори – девет од коалицијата Вреди, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица, прифатени беа седум и тоа шест во Петтата изборна единица и еден во Шестата изборна единица.
Во Изборната единица 5 прифатени беа приговорите за избирачките места 1272 во Охрид, 1194 и 1202 во Крушево, 1844 во Струга, 1470 и 1470/1 во Долнени. Во Изборната единица 6 прифатен е еден приговор за избирачкото место 2101 во Желино.