Со денешниот концерт на “Фолтин” Eвропската куќа Крива Паланка го прослави Денот на Европа. Концертот како централен настан ја заокружи програмата за одбележување на годинашниот 9 Мај, по настаните спроведени во три општини североисточниот регион: Кратово, Куманово и Крива Паланка.
-Годинава на поинаков начин со дисперзирани настани во три општини од регионот што го покрива нашата Европска куќа, со присуство на голем број млади од сите општини, со различни настани од различен вид уметност кои ги собраа младите луѓе на едно место, на најубав можен начин го прославивме Денот на Европа. Денеска, покрај прекрасниот амбиент во просториите на Европската куќа, кадешто поради дождливото време беше пренесен концертот, првично закажан за малата сцена на централниот градски плоштад и парк, беше отворен и мурал од пиксели на стаклената фасада на ова наше катче за идните генерации, кадешто денес покрај млади, присуствуваа и бројни други наши соработници, информираат од Европската куќа Крива Паланка.
Настанот е дел од манифестацијата “Крива Паланка -Град на културата 2024”.
Пред два дена во Куманово во рамките на програмата за одбележување на Денот на Европа, во Соколански парк беше организирано мултилингвално поетско матине посветено на преработки и авторските песни на “Номад бенд”, а стихови читаа младите поети од книжевен клуб “Куманово”.
Една недела претходно во Кратово со дизајнерите Маја од “Percalus Design” и Бојан од “Bojan Design”, младите луѓе од регионот зборуваа за иднината во креативно-дигиталните професии, светот на графичкиот дизајн и за погледот на светот низ очите на креативноста.