ЦИВИЛ веќе 25 години дава пример и активно придонесува кон почитувањето на различностите во македонското општество и многу пошироко. Организацијата ги вградува и практикува демократските вредности и почитувањето на човековите права и слободи, целосно и доследно, што подразбира посветеност и кон прашањата кои произлегуваат од суштинската потреба на општеството за почитување на различностите по сите основи – културни, етнички, верски, родови и социјални.
На Светскиот ден за културна различност за дијалог и развој, ЦИВИЛ упатува гласен и недвосмислен повик до сите чинители во земјата, регионот и светот, конечно да покажат вистинска волја да обезбедат сигурна иднина, стабилност и праведен мир на национално, регионално и меѓународно ниво.
Почитувањето на различностите е основен услов да се изгради општество на рамноправни граѓанки и граѓани, и рамноправни заедници по сите основи. Општество во кое не се почитуваат различностите е соочено со силни предизвици и ризици од тензии и насилство.
Институциите, медиумите и граѓанското општество имаат обврска и одговорност да го промовираат почитувањето на различностите на доследен и искрен начин, како преку легислативата, политиките и практиките, така и преку проактивно општествено и медиумско делување.
ЦИВИЛ Тим за комуникации
Преземено: Цивил Медиа