Во рамките на 52. издание на „Мајски оперски вечери“ вечер на сцената на НОБ ќе биде изведена операта „Тоска“ од Џакомо Пучини под диригентската палка на Паоло Бресан од Италија, а во режија на Огњан Драганов од Бугарија.
Сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор се Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Во насловната улога ќе настапи нашата оперска првенка, Весна Ѓиновска Илкова, во улогата на сликарот Каварадоси ќе настапи, тенорот Никола Китановски, во улогата на „злобниот Скарпија“ гостинот од Романија, Лусијан Петреан, а во улогата на Анџелоти нашиот бас, Владимир Саздовски. Во останатите улоги ќе настапат: Драган Ампов, Јане Дунимагловски, Тихомир Јакимовски, Димитар Кожухаров, Десанка Глигоријевиќ, Мирослав Антовски заедно со хорот и оркестарот на НОБ.