Друштвото на филмските работници на Македонија пред шест години почна со реализација на филмска ревија на која се прикажуваат сите остварувања што со поддршка од Агенцијата за филм биле реализирани во претходната година. Вообичаена практика во домашната кинематографија е премиерата на новите филмови да биде во рамките на некој од филмските фестивали или, пак, филмот да има самостојна премиера, а потоа да влезе во кинодистрибуција. Оваа практика важи само за долгометражните остварувања, бидејќи краткометражните и документарните филмови, освен на премиерата, речиси и да нема каде повторно да се погледнат.
Следнава седмица, од 18 до 20 јуни, ќе се одржи шестото издание на филмската ревија „Златна рамка“. Имајќи предвид дека ревијата успева да го одржи континуитетот на одржување, какво е нејзиното значење и за филмската фела и за публиката?
– „Златна рамка“ е дел од редовните активности на Друштвото на филмските работници на Македонија. Започна како наша иницијатива, а доби поддршка од тогашниот директор Тозија, бидејќи беше препознаена како можност за афирмација на целокупната продукција поддржана од Агенцијата за филм. Впрочем, јавното прикажување на сѐ она што било поддржано со јавни средства е добредојдено, публиката, критиката, даночните обврзници, колегите филмаџии, сите тие имаат можност за непосреден увид на што и на каков начин се троши буџетот за филм. Тоа е чекор напред кон зголемување на транспарентноста.
Во минатото постоеја дела кои никаде не може да се видат. Особено мислам на десетици кратки, документарни или анимирани филмови, па и копродукции, а дури и играни филмови кои беа недостапни за јавноста. Помеѓу нив, се јавуваа, за жал, и навистина разочарувачки остварувања, но и скриени бисери кои од различни причини не успеале да дојдат до светлото на кинопроекторот. Оттука, сметам дека „Златна рамка“ е повеќе од потребен годишен настан кој вклучува и други активности, од кои за нас филмаџиите е особено значајно редовното Собрание на ДФРМ, дружењето, струковите награди.
Покрај ревијата на филмови, на манифестацијата ДФРМ доделува награди на припадници на фелата. Колку е важно колегијалното оддавање признание на филмските работници?
– Струковите награди се значајни за филмските работници, тие значат гордост и утеха. Тие се доказ дека нашата макотрпна и често илузорна работа и професија, сепак има смисла. Да се биде дел од филмска екипа е привилегија по себе, но секој филм е и „голгота“ на свој начин, па често работата на филм изгледа бесмислена и сизифовска. Сѐ до денот кога филмот ќе блесне на големиот екран, тогаш сѐ си добива своја смисла. Наградите за филмските работници, автори и филмски актери се признание за квалитетот, меѓусебната почит и професионална етика, вложениот труд и залагањето во заедничкото дело.
Специфично место во концептот на „Златна рамка“ има социјалната програма, која се прикажува во домови за стари лица, а претходните години беше присутна и во македонските затвори. Какви се досегашните импресии од овој ангажиран сегмент на програмата?
– Идејата дека киното може да се однесе кај оние кои самите не можат да го посетат е, пред сѐ, хумана идеја. Тука мислам на луѓето во домови, болници, затвори… Сметам дека со оваа програма правиме добро дело и се разбира, ќе продолжиме, посебно поради благодарноста што ја искажуваат овие гледачи на кои културата им е потребна подеднакво како и грижата за нив, лековите и храната.
Програмата на „Златна рамка“ е полна, но во какви услови се создава македонскиот филм, независно дали станува збор за долгометражна, краткометражна или документарна продукција или копродукција?
– За ова најдобро говори писмото кое неодамна го упативме до јавноста. Македонската култура, а особено филмот се во очајна состојба. Средствата за културна продукција се десеткувани, а на филмот, за само 6-7 години му се скратени безмалку десет милиони евра. Наспроти тенденциите на зголемување на буџетот за филмска продукција секаде во Европа, кај нас се случува спротивното.
Нашата кинематографија има потенцијал, а доказ за тоа се филмовите и нивниот меѓународен успех, кој наспроти условите со кои се соочуваме е над сите очекувања. Апелираме, се трудиме и се надеваме дека овие состојби ќе се променат, особено во корист на младите. Со сите досегашни кратења, ние дојдовме до ѕид од кој нема натаму. Потребна е итна интервенција од страна на владата, во спротивно последиците ќе бидат катастрофални. Особено загрижува што почнуваме да ја губиме меѓународната репутација, од причина што не ги сервисираме обврските кои сме ги преземале како кинематографија и држава.
Какви промени се неопходни за креирање нормална средина и подобри услови за работа на филмаџиите?
– На нашата земја и е потребна културна стратегија. Во културата мора да се инвестира, особено во живата и свежа културна продукција. Тоа е најдобрата наша инвестиција на патот кон профилирање и зачувување на сопствениот идентитет. Во овој контекст филмот има улога на „знаменосец“. Ова политичките инстанци мора да го разберат и препознаат, во спротивно нема да биде добро, ниту за културата, ниту за државата.
Како успева ДФРМ да остане столбот на заштита и обединување на филмската фела?
– ДФРМ догодина ќе прослави 75 години од основањето. Друштвото е еден вид „врсник“ со ДПМ и ДЛУМ, институции од суштинско културно значење. Сите значајни филмски автори, доајените на македонскиот филм, легендите зад филмското платно, сите тие биле или се членови на ДФРМ. Едноставно, тоа е дом на секој филмски работник.
Превирањата кои од време на време се случуваат во фелата и ја брануваат јавноста се само нормална рефлексија на политиките, чии последици се чувствуваат во „живиот“ колектив на кој му е потребно навистина само малку внимание и елементарни услови, за да се претвори во машина за создавање филмови.
„Златна рамка“ 2024 – Филмови, презентација, трибина и награди
Шестото издание на „Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм, во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) ќе се одржи од 18 до 20 јуни во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар.
Филмската ревија „Златна рамка“ претставува можност за публиката бесплатно да ги погледне македонските филмски остварувања што биле реализирани во текот на изминатата календарска година, а биле поддржани од Агенцијата за филм. Филмската програма годинава содржи долгометражни, краткометражни и документарни остварувања. Посетителите ќе имаат можност, по проекциите одблиску да запознаат дел од филмските екипи и да учествуваат во Q & A.
Во рамките на долгометражната програма на 18 јуни, во 20.30 часот, ќе биде прикажан филмот „Преекспонирано“ на режисерката Елеонора Венинова во продукција на „ДНФ Продукција“, на 20 јуни е проекцијата на „Домаќинство за почетници“ на режисерот Горан Столевски со „Лист Продукција“, како и филмот „Лена и Владимир“ на режисерот Игор Алексов со „Минд Продукција“.
Краткометражната програма содржи девет филмови, кои ќе бидат прикажани во терминот од 18 часот на 19 јуни. На програмата се остварувања на режисер(к)ите Александра Кардалевска, Ангела Димеска, Јован Саркањац, Јане Спасиќ, Ѓорче Ставрески, Сандра Георгиева, Сабедин Селмани, Берат Асани, Јане Алтипармаков и Бесар Илјази.
Документарната програма носи пет остварувања, а проекциите се распоредени во текот на трите денови на одржувањето на ревијата „Златна рамка“. На 18 јуни, во 18 часот, е проекцијата на филмот „Бисер“ во режија на Драган Кумев, додека во 19 часот ќе биде прикажан документарецот „Последниот каубој на Балканот“ на режисерот Сабедин Али. На 19 јуни, во терминот од 12 часот, ќе бидат прикажани филмовите „Живот на крстосница“ (Недопирливи) на Зоран Димов и „Емигрант сум или…“ на Сенад Абдули. На 20 јуни, во 18 часот, ќе биде прикажан документарниот филм „Јанѕа“, работен според „Дневник по многу години“ од Блаже Конески во режија на Никола Т. Калајџиски во продукција на „Контраст филм“. Сите проекции на „Златна рамка“ се бесплатни.
Социјалната програма „Фокус“, наменета за публиката која од најразлични социјални ограничувања не може да го посети киното „Фросина“, годинава ќе се одржи на 20 јуни во Домот за стари лица „Мајка Тереза“.
Покрај ревијата на македонски филмови, програмата на „Златна рамка“ предвидува да се одржи Свечено собрание на ДФРМ на 18 јуни. На 19 јуни, пак, во 20 часот, ќе има презентација на филмската камера „Сони“. На 20 јуни, во 12 часот, ќе се одржи трибина со наслов „Зачувување на аудиовизуелното наследство“ на која ќе учествуваат Владимир Ангелов, вон. проф. м-р Владимир Павловски, Игор Старделов и Роберт Јанкулоски.
Традиционално „Златна рамка“ ќе ги додели почесните награди на ДФРМ за филмски актер, филмски автор и филмски работник, а церемонијата ќе се одржи на 19 јуни во МКЦ.
(Интервјуто и текстот се објавени во „Културен печат“ број 235, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16.6.2024)