„Мене ми е жал што со Грција малку ги затегнуваме односите. Претседателот не ја претставува личноста туку ја претставува државата и не може да каже дека се работи за право на самоопределување, тоа може да го каже обичен граѓанин. Функционерите ја претставуваат државата, а не личноста, барем кога имаат државен, официјален настан, рече Рубин Земон, професор и директор на Институтот за напредни истражувања во интервју на Слободен печат во соработка со Градска.мк.
-Што се однесува до уставните измени сметам дека преговорите се започнати и рамката нема да се менува сигурно. Моментално треба само да го исполниме условот, бидејќи скринингот заврши. Во Бугарија поради ситуацијата со изборите нема расположение да се влезе во нови преговори околу тоа прашање. Во јавноста се направи една манџа, веќе нема разлика меѓу обврските на државата и човековите права на граѓаните на Бугарија. Тоа се однесува за бугарските граѓани што се изјаснуваат за Македонци и тоа е нивно апсолутно право и мора да се испочитува. Копенхашките критериуми се токму тоа, ако некој граѓанин не е рамноправен со тие што се рамноправни граѓани во Преамбулата, Хрвати, Црногорци, Египќани, итн. Никој не смее да биде дискриминиран“, рече Земон.
Тој додаде дека Советот на Европската Унија како услов за нашата земја го има дадено е недискриминација на сите заедници, како и на Бугарите.
„Во однос на дезинформациите, Чесите имаат истражувано колкава е моќта на Русија и Кина, во дезинформациите што ги прават во земјите на Средна Европа вклучувајќи ги Полска, Чешка и Унгарија. Во тие истражувања опфатена е и Македонија, тоа се сите тие ботови и сето она што се пласира како дезинформации“, истакна Земон.
Тој нагласи дека кај нас се создадоа дезинформации околу уставните измени дека тие се бугарски диктат, а не одлука на Европскиот Совет на Европската Унија.
„Во јавноста се прифати фразата бугарски диктат како вистина и тоа се врежа во колективната меморија за жал. Ќе биде многу тешко сето тоа да се тргне од колективната свест на граѓаните“, заклучи Земон.