Ако во 2 часот по полноќ излезете на балкон во центарот на Скопје, ќе ве опфати чувство дека сте во рерна. Властите прогласија портокалова фаза од 19 до 23 јуни. Тоа ги ослободува најранливите групи како бремените жени и лицата постари од 60 години од работните обврски. Навистина, се работи за пет дена од кои три се неработни, но колку-толку таа мерка може да послужи како превенција, се разбира, ако работодавачите се придржуваат до тоа.
Често топлотните бранови се поврзуваат со климатските промени, а некои дури и ги поистоветуваат. Да видиме за што се работи.
Што е топлотен бран и што го предизвикува?
Иако многумина ќе речат дека топлотниот бран не е ни оддалеку толку драматична појава како што се ураганите или поплавите, сепак, научниците тврдат дека се работи за смртоносен временски феномен. Така, американската Национална метеоролошка служба ги смета топлотните бранови за најсмртоносен временски феномен во САД во последните 30 години.
Наједноставната дефиниција за топлотниот бран доаѓа од УНИЦЕФ и може да се користи и да им се објасни на децата кога се советуваат да не се изложуваат на сонце за време на топлотниот бран.
Топлотните бранови се случуваат кога температурата е повисока од нормалната неколку дена по ред. Влажноста може да го засили чувството дека е и многу потопло. Топлотните бранови се природен феномен кој е последица од акумулација на топлиот воздух кој е заробен во атмосферата.
Во текот на летото на северната хемисфера, северната половина на планетата е навалена кон сонцето, што ги зголемува дневните часови и ја загрева хемисферата. Влијанието на оваа дополнителна изложеност на сончевото зрачење е кумулативно, поради што температурите генерално го достигнуваат врвот неколку недели по најдолгиот ден во годината.
Кој е најзагрозен од топлотните бранови?
Премногу топлина е опасно по здравјето на сите. Доенчињата, децата, трудниците и постарите лица се особено ранливи на топлотен стрес.
Премногу топлина може да биде поопасна за бебињата и децата отколку за возрасните. Дехидрацијата кај децата може да биде опасна, па дури и смртоносна. Детските тела имаат повеќе проблеми со регулирање на температурата од телото на возрасните и тие се потпираат на возрасните за да ги заштитат од топлина.
И бремените жени се изложени на поголем ризик. Премногу топлина и дехидрација може да го изложат бебето на поголем ризик од ниска родилна тежина, предвремено породување, па дури и раѓање на мртво дете. Самите бремени жени може да развијат гестациски дијабетес и хипертензија.
Дали и како се поврзани климатските промени со топлотните бранови?
Топлотните бранови се зголемуваат по интензитет и фреквенција токму поради климатските промени, како резултат на емисиите на стакленички гасови, што ја задржува топлината подолго време.
Смртоносниот топлотен бран што погоди голем дел од Северна Америка во мај и почетокот на јуни годинава, а сè уште ги „пече“ централните и источните делови на САД е 35 пати поверојатно поради климатските промени предизвикани од човекот, според научната студија објавена во World Weather Attribution на 20 јуни.
Смртоносен временски феномен
Годинава, топлотниот бран усмрти најмалку 125 луѓе и доведе до илјадници случаи на топлотен удар (сончаница) во Мексико, каде жештините беа особено интензивни. Научниците велат дека топлотните бранови ќе продолжат да се интензивираат доколку светот продолжи да ослободува емисии кои ја загреваат површината на планетата, што е последица од согорувањето на фосилните горива (ефект на стаклената градина).
Климатските промени предизвикани од согорувањето на фосилните горива ги прават топлотните бранови подолги, поинтензивни и почести. Потребно е време да се процени колку луѓето придонеле за проблемот. Да појасниме, прашањето не е дали човекот придонесува кон климатските промени, туку во која мерка.
Во секој случај, истражувачите веќе открија дека луѓето имаат голем дел од одговорноста. Топлотниот бран во летото 2019 година предизвика околу 2.500 смртни случаи во Западна Европа. Една европска студија во 2019 година покажува дека климатските промени ги прават топлотните бранови пет пати поверојатни отколку што тоа би било во случај со свет што не се загрева како последица од човечкото влијание.
Механизмот е едноставен: согорувањето на фосилните горива додава стакленички гасови во атмосферата, што заробува повеќе топлинска енергија и ги зголемува просечните температури – што, пак, доведува до екстремно високи температури, односно топлотни бранови.
Подготви: Џ. Дерала / ЦИВИЛ МЕДИА