Обидот на поединци во МПЦ-ОА да направат политички профит со приклонување кон победниците на парламентарните избори, преку омаловажување на придонесот што претходната политичка гарнитура го даде за промовирање на автокефалноста на нашата црква, не е само некоректност кон тие политичари. Тука постојат некои други сметки што многу брзо станаа повод за сериозни разлики во црквата по клучни прашања и во битни моменти. Скандалот од 9 јуни е само врв на ледениот брег…
Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Секако дека е здодевно да се повторува дека она што официјалната надворешна политика на РСМ ја направи во периодот 2017-2023 и во областа на црковните прашања беа отклон од замрзнатата слика, поставена повеќе од четврт милениум (!) од укинувањето на Охридската архиепископија.
Тие чекори, таа нова атмосфера, овозможена со Преспанскиот договор, не може да се спореди со сите оние обиди од претходните периоди што МПЦ ги правеше самата. Она што потоа се стори од свештенството или од погласниот дел од неа само „го истури млекото“ низ неколку чекори кои покажуваат и внатрешна некохерентност. Непосредно пред самите избори, овој успех на тогашната власт со обновата на релациите со Цариградската, базична патријаршија, црквата кај нас со изјавите на првиот свештеник успеа целосно да се потроши во проопозициска пропаганда. Нема двојба дека требаше да се стави некаков печат во поддршката на екипата на Мицковски онаму каде што власта изгради добра слика за себе пред паствата.
Фактурите за тој потег полека стигнуваат, а на 9 јуни видовме една од нив, со скандалот во црквата Света Софија и тоа пред интернационална публика.
Одбиени сослужувања по московски намигнувања
Да не одиме околу-наоколу, туку доволно е да се повикаме на порталот Религија.мк со текстот „Синодот на МПЦ-ОА се подели – Петар и Григориј одбија да сослужуваат во Охрид“. Да не се работи за делови од крупната слика на земјава во меѓународниот сложен свет тоа би била интерна работа на Црквата. Но не е: очевидно, некој сфатил дека е време да направи нов удар во корист на позицијата на т.н. Трет Рим и продолжил да дејствува во земјата преку таа своја конекција. Да се потсетиме дека таа, Руската православна црква, е најсилната алатка на пропагандната моќ на рускиот претседател Путин.
Во Религија.мк читаме дека „владиката Петар и владиката Григориј одбиле да учествуваат во литургијата, што денеска се служеше во Света Софија, со што предизвикале скандал на чинот на прогласување на нови македонски светители… за скандалот да биде уште поголем, сѐ ова се случувало пред гостите од Српската и од Бугарската црква“.
Иако било предвидено владиката Григориј да говори, тој воопшто и не се појавил во Охрид, додека пак владиката Петар дошол, но демонстративно одбил да сослужува со архијереите на МПЦ-ОА, архиепископот Стефан и владиците од Србија и од Бугарија.
Информациите на Религија.мк зборуваат за можните причини за ваквиот однос на двајцата владици. Првата за која порталот говори е дека тој што на сослужувањето во Света Софија во Охрид од БПЦ присуствувал старозагорскиот митрополит Кипријан. Истиот неодамна беше дел од делегацијата на БПЦ што во Цариград сослужуваше со владици на Православната црква на Украина.
Неколку дена подоцна, Руската црква донела одлука да ги екскомуницира петтемина владици на Бугарската црква. Од тие причини, во Света Софија Григориј и Петар практично ги следеле инструкциите на Руската црква. Сепак, интересно е да се посочи дека во литургијата учествувал српскиот епископ за Ниш, Арсениј, кој немал никаков проблем да сослужува со старозагорскиот Митрополит Кипријан. За разлика од него, македонските владици му рекле „не“ на Архиепископот, што досега се нема случено.
И соседите го видоа скандалот
Медиумот на бугарската црква Двери.бг потврдува дека во овој настан се видливи прстите на РПЦ. Таа предизвикува поделеност во МПЦ, бидејќи во неа постои поделеност околу украинското црковно прашање и за тоа дали Вселенската патријаршија треба да издаде Томос за автокефалност.
Овој извор јасно кажува дека неодамна Светиот Синод на РПЦ објавил дека нема да сослужува со петмина бугарски архијереи кои земале учество во службата на Константинополскиот Вселенски Патријарх Вартоломеј на која присуствувал и епископ на автокефалната Православна црква на Украина. Според аналитичарите, основната адреса на тоа решение е, имено, православната црква во Северна Македонија, а во која има разномисление меѓу епископатот околу признавањето на автокефалната Православна црква на Украина.
Тоа, според неофицијални информации, било условот поставен од Вселенската патријаршија да го издаде долгоочекуваниот во Северна Македонија Томос за автокефалност на таа помесна црква, пишува Двери.
И тука треба да појасниме. Г.Г. Стефан во својот клучен говор пред изборите (нели, го најде моментот) рече дека постојат проблеми во релацијата со оние кои треба да ни дадат томос, со што требаше да остане како доволен „фалш“ томосот од СПЦ, даден под директна насока од Москва, секако! За тоа наведе неколку причини кои веднаш му ги оспорија двајца негови владици од поновата генерација – Пимен и Наум.
Имено, тирадата на првиот свештеник дека од Цариград ни го негираат името беше оспорено што го знаат и почетници во сознанијата за интеррелигиските односи. МПЦ се нарекува Охридска (со името со кое е настаната), а СПЦ, на пример – Пеќка патријаршија, и така натаму. Црквите настанале во услови кога немало држави во денешна смисла!
Овие двајца помлади владици го оспоруваат и прашањето на сопственоста на црковниот имот во дијаспората, што наводно е исто така неприфатлив услов за МПЦ. Сепак, токму тоа го оспорува Пимен, на пример, бидејќи, тие релации не се такви какви што на скандалозен начин ги „појаснуваше“ владиката Петар (пак тој, нели, неизбежен скандал мајстор) да речеме во Австралија. Па имаше серија на благо речено кавги со паствата на седмиот континент. Од римското право, што е основата на решавањето на имотните односи, се знае како се пресметува „газдинството“, вклучително и на црквите. Тие верски објекти се на оној кој ги направил, обично се тие ктитори или самите верници од одредена област, а МПЦ може да ги купи од нив или да ѝ ги подарат. Со самото сослужување не се добива сопственост. Да не објаснуваме понатаму.
После првиот голем чекор напред, дојдоа стагнацијата и двоумењата
Западните законодавства имаат јасна претстава околу тоа, а не како кај нас, еден да гради цркви, а МПЦ да си ги зема под свое или да ги третира како свои. Барем во странство постојат други аршини. И Пимен и Наум сметаат дека меѓу Скопје и квартот Фанар во Станбол нема такви пречки за да градат непремостливи огради! Нивните изјави јасно го стави нивниот поглавар на едно – би се рекло – пропартиско цедило во овој миг, односно преку прифаќање на руските мотиви, останува нестабилноста на меѓународната позиција на МПЦ. Таа има автокефалност, нема шизма во мигот, ама не ѝ се отворија во целост сите врати кон другите цркви!
Делува доста наивно постапката на експретседателот Пендаровски кога „на дедо Стефан“ му кажуваше да внимава на членовите на највисокиот негов орган кои се докажани протагонисти на проруската политика. Токму во периодот меѓу двата круга на претседателските избори, кога беше јасно дека нов претседател ќе биде кандидатката Силјановска Давкова поглаварот Стефан излезе со една тирада против Цариградската патријаршија, отворено ставајќи се на страната на групата во која се владиците Петар и гореспоменатиот Григориј.
Како што споменавме, со тоа воедно се потцени големиот придонес на тогаш сѐ уште актуелната влада и раководство. Видливо е колку брзо таквата политика лесно се крши како стомна, за туѓи интереси, кога „се оди по вода“ за вистинските национални интереси!
Се сеќавате ли на Нишката спогодба?
Поделбите во МПЦ во однос на надворешната политика не се нови. Народот веројатно заборавил дека постоеја некакви Нишки спогодби со кои овој состав на Црквата, горе-долу, требаше да прифати еден вид на туторство на црквата-ќерка врз црквата-мајка, или врз себеси, за да добие некаков „излез на море“. Под притисок на јавноста, секако и на верниците, тие спогодби се поништија од наша страна, а српскиот клер со уште поголема жестокост отиде да ја напаѓа самостојноста на својата јужна соседска црква, инфилтрирајќи и конкуренција во нејзиниот двор.
Нишкиот нацрт договор меѓу комисиите на Македонската Православна Црква и на Српската Православна Црква, беше потпишан на 17 мај 2002 година. Синодот на СПЦ, а подоцна и Соборот на Архиереи на Српската Црква го прифати тој договор. Синодот на МПЦ го отфрли. Сепак, овој нацрт договор предизвика многу турбуленции и дополнителни проблеми за МПЦ.
На ова се надополни и првиот и единствен внатрешен раскол во МПЦ од обновувањето на нејзината автокефалност во 1967 година. Да објасниме дека многумина во СПЦ пред 20-тина години мислеа дека во ликот на Јован Вранишковски, тогашен Митрополит на Повардарската Епархија го нашле човекот кој со години го барале. Денес, 13 години подоцна, се покаже дека решението за внатрешен раскол во МПЦ, како обид за растурање на македонската црква и затварање на прашањето со СПЦ се покажа како погрешно. Да, ама тој притисок и променет став на СПЦ кон МПЦ не падна заради некои нови „аргументи“ од наша страна, туку заради нови надворешно-политички ситуации што настанаа со Преспанскиот договор, чин од кој нѐ делат пет години. Таа нова ситуација, како и агресивната војна што Русија ја води во Украина, се новата реалност со која МПЦ треба да се усогласи.