Во дебатата на попладневниот дел од 11 седница на Собранието, пред изгласувањето на замениците министри, Јованка Тренчевска од СДСМ рече дека „за да се задоволат партиските интереси, се занемаруваат интересите на граѓаните“ и „тажно е на кое ниво е спуштена оваа функција“.
-Со фенер да ги баравте, понеспособни кандидати немаше да најдете. Какви министри, такви заменици – првите катастрофа, а вторите уште поголема. Чест на исклучоците, само на неколку им е местото да бидат заменици-министри. Наместо 16, сега имаме 20, а цело време зборувавте за намалување на функционерите. Сега имаме 25 проценти повеќе министри и заменици во Владата. Нема да сработат ништо, но битно е дека вдомувате послушници. Барем да предложевте соодветни, со искуство во областа за која се именувани, експерти што ќе придонесат во креирањето политики. Не е битен квалитетот туку да се задоволи коалицијата, рече Тренчевска.
Додаде дека според биографиите, некои од нив не прават разлика помеѓу политичко и работно искуство. Во однос на несоодветно образование, таа рече дека доктор на науки по кинезиологија наместо за МВР би бил подобар за спорт, а во овој ресор, пак, инженерот за информатика, рече, би бил посоодветен за ресорот дигитална трансформација.
Со 76 гласа „за“, 16 „против“ и без воздржани, во Собранието, во рамки на 11 седница, се избрани замениците министри во Владата, кои по изборот ќе дадат свечена изјава.
Поврзано:
Избрани замениците министри, 76 пратеници гласаа за, 16 беа против