Неколку затвореници ослободени од Русија во историска размена со Западот, вклучително и новинарот Еван Гершкович и поранешниот маринец Пол Вилан, пристигнаа синоќа во САД.
Ослободените затвореници, ноќеска, пред полноќ, во воздухопловната база Ендрус, во близина на Вашингтон, ги пречекаа американскиот претседател Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис.
Путин, пак, на аеродромот „Внуково“ во Москва ги пречека осумте Руси ослободени во големата размена на затвореници меѓу Москва и Западот при што тој им се заблагодари.
На аеродромот во Келн, неколкумина затвореници ослободени од Русија и Белорусија ги пречека германскиот канцелар Олаф Шолц, кој притоа кажа дека дел од нив биле „исплашени за своите животи“.
-Беше многу емотивно, изјави Шолц по средбата зад затворени врати со ослободените, наведувајќи дека „многумина не очекуваа да бидат ослободени и се полни со емоции бидејќи конечно се слободни“.
Дополнително, „многумина се плашеа за своето здравје, но и за својот живот, мора да се каже“, додаде германскиот канцелар.
Размената на вкупно 26 затвореници од Русија и неколку западни земји ја координираше Турција.
Во размената беа вклучени лица од затворите во седум земји (САД, Германија, Полска, Словенија, Норвешка, Русија и Белорусија)“, соопшти синоќа турското претседателство.
Во транспортот на ослободените затвореници беа ангажирани седум авиони.