Украинската противвоздушна одбрана ги пресретна сите 24 руски беспилотни летала кои ја нападнаа земјата синоќа, изјави денеска командантот на украинските воздухопловни сили Микола Олешчук.
„Како резултат на противвоздушната битка, сите непријателски беспилотни летала беа соборени… во регионите Кијив, Виница, Кироворад, Харкив, Суми, Полтава и Днепар“, рече тој.
Во исто време, украинските поморски сили објавија дека откриле и уништиле уште една мина на брегот на регионот Одеса, пренесе Укринформ.
„Денес имаше уште едно опасно откритие во регионот на Одеса – мина што беше исфрлена на брегот“, се вели во соопштението на украинските поморски сили.
Проектилот бил уништен со контролирана детонација.
Сличен случај имаше и кај бреговите во Одеса на 15 октомври минатата година. Тогаш украинскита поморски сили открија и деактивираа мини по морска бура, забележува Укринформ.