Светскиот рекет број 1 во машкиот тенис Јаник Синер избегна суспензија поради два позитивни допинг-тестови, објави Меѓународната агенција за интегритет во тенис (ИТИА).
Италијанецот беше прогласен за невин откако тестовите потврдија присуство на клостебол во неговото тело. Мострите се земени во март годинава.
Независен трибунал пресуди дека супстанцијата влегла во телото на тенисерот преку анаболичен стероид купен од неговиот фитнес тренер и користен од физиотерапевтот на Синер за лекување на расекотина на прстот. Забележано е дека лекарот извршил интервенција на спортистот без ракавици.
И покрај неговата ослободителна пресуда во случајот со допинг, Синер ќе ги загуби паричните средства и освоените поени од турнирот Индијан Велс (САД), кој се одржа од 6 до 17 март.
Светската антидопинг агенција (ВАДА) ќе ја разгледа можноста за жалба до Судот за спортска арбитража (CAS) на одлуката да не го дисквалификува Јаник Синер поради два позитивни допинг теста во март оваа година.
– Како и во другите случаи, ние внимателно ќе ја разгледаме оваа одлука и ќе го задржиме правото на жалба до CAS доколку е потребно, се вели во соопштението на ВАДА.