Откако вчера на седница на Град Скопје не помина предлогот за давање согласност за склучување договор за имплементација на проектот за брз автобуски превоз ниту одлуката за набавка на нови автобуси, бидејќи советниците на ВМРО-ДПМНЕ не гласаа, градоначалничката Данела Арсовска испрати отворено писмо премиерот Христијан Мицкоски и го повика да внесе разум во делувањето на советниците.
-Како претседател на Владата на Република Македонија и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Ве повикувам и Ве замолувам да внесете разум во делувањето на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и Вашата коалиција во Советот на Град Скопје. Крајно неодговорно и неразумно е граѓаните на главниот град да бидат жртви на самоволието на 23 лица чие единствено политичко делување е преку деструкција, блокади и политички манипулации – се наведува во писмото.
Арсовска апелира дека скопјани не смеат да бидат жртви на политичките амбиции на поединци од Советот на Град Скопје и недозволиво е да чекаат автобуси по еден час на екстремни температури, исто така недозволиво е учениците да немаат превоз. Според Арсовска, уште пострашна е најавата на министерката за образование и наука дека нема намера да го исплати долгот за бесплатниот превоз на студенти и средношколци кон ЈСП, со намера и да го прекине овој проект.
-Како Влада со големо владеачко мнозинсво имате начин и капацитет, а сакам да верувам дека имате и политичка волја да ги исплатите долговите кон ЈСП од 8 милиони евра, КХС од 2.5 милиони евра, но и кон ЈП Дрисла на кој само Клинички центар му должи 1 милион евра, како и долговите кон ЈП Водовод и Канализација кои се бројат во милионски суми. Ве замолувам, како претседател на Владата доколку не можете да ги убедите советниците во град Скопје да гласаат за набавка на нови автобуси, тоа да го направите вие. Набавете автобуси за главниот град. Доколку Владата нема средства за оваа намена, ние сме подготвени, а со одлука на Советот на Град Скопје, да ви ги префрлиме потребните средства на посебна сметка, а вие да ја спроведете набавката – вели таа.
Арсовска апелираше до Мицкоски, личните недоразбирања да не бидат причина за блокада на главниот град, а на штета на граѓаните на градот Скопје.
-Доколку е ова прифатливо, предлагам да закажеме вонредна седница на Советот на Град Скопје во среда на 4-ти септември на која заеднички ќе донесеме одлука за набавка на нови 250 еколошки автобуси и останатите одлуки неопходни за непречено функционирање на градот. Предлагам условите за набавка на новите автобуси, начинот, динамиката и финансирањето да го предложите Вие како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а да го предложите преку Вашите советници во Советот на Град Скопје. Јас сум подготвена како и до сега, да ги прифатам Вашите барања и услови, со една цел – подобар живот на граѓаните на градот Скопје – додава градоначалничката.