Вчера околу 23.40 часот во СВР Скопје, од Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ било пријавено дека околу 20.30 часот кај нив со прострелна рана од огнено оружје бил донесен Б.Р.(19) од с.Арачиново, скопско.
Според пријавеното, околу 20.00 часот во с.Арачиново, по претходна расправија, едно лице од огнено оружје пукало кон Б.Р.. За настанот бил известен јавен обвинител и се преземаат мерки за негово расчистување.
Пред само 4 дена во Арачиново имаше уште едно пукање во кое едно лице беше повредено. Повредениот, 24-годишниот жител на селото беше пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ за да му се укаже лекарска помош. Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Од СДСМ велат дека со Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ улиците станаа Див Запад, се пука речиси секој ден, се палат возила на полицајци, има криминални пресметки.
„Синоќа ново пукање, уште едно во низата, а повредено е младо момче од 19 години со прострелна рана. Дополнително, во Струга, исто така во текот на вчерашната вечер околу еден часот е запалено возилото на Началникот на полицијата. Ова е второ запалено возило на полицаец за кратко време, после палењето на возилото на инспектор од Виница. Криминалците не се плашат од Тошковски, тој не може ниту полицајците да ги заштити. Хаос.
Само пред 4 дена имаше исто така пукање во Арачиново. Пред 10 дена се случи убиство кај Мавровка, пред тоа во Чаир, Синѓелиќ, Батинци, Тетово, на Пластичарска улица… А сторителите досега не се пронајдени. Од вкупно 8 убиства и обиди за убиства досега едвај едно има расчистено Тошковски. Криминалците бегаат од затворите, Тошковски не може да ги лоцира, на северната граница никој нема контрола се поминува како хотел Промаја. Улиците станаа небезбедни, граѓаните стравуваат за својата безбедност. Криминалците прават што сакаат. Досега немало понеспособен министер за внатрешни работи. Дали Мицкоски ќе собере храброст и да го повика на одоговрност Тошковски или ќе го брани“, велат од партијата.
Д. М. / Цивил Медиа