Вo населба Маџари, Општина Гази Баба, киното Маџари доби нов лик со голем и видлив графити: МРТОВ ШИПТАР, ДОБАР ШИПТАР („Шиптар“ се смета за погрден и навредлив назив за Албанците кога се користи во другите јазици).
Од МВР за ЦИВИЛ Медиа велат дека полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
„Во врска со настанот на 16.08.2024 година во Полициска станица од општа надлежност „Гази Баба“ има доставено писмена пријава дека е извршено оштетување на фасадата на објектот и дека се испишани графити со говор на омраза при што од страна на полициски службеници од СВР Скопје се преземаат сите мерки и активности за расчистување на случајот“, велат од МВР за ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ Медиа на 5 септември објави дека овие графити се видливи од улицата, упатувајќи недвосмислена порака до сите кои поминуваат од таму и „гордо“ го претставува дискурсот на етничката омраза што им се наметнува на граѓаните.
Помина една недела од објавата на ЦИВИЛ Медиа, графитите со говор на омраза сè уште не се отстранети. Од општина Гази Баба до објавување на текстот не добивме никаков одговор.
Инаку, кино Маџари е познато по барем две манифестации кои се оддржуваат под покровителство на Општината. На 15 јули тука на платото пред киното се оддржа меѓународна фолклорна манифестација, а предновогодишно се организира базар, како и новогодишните забави.
Извор: Цивил Медиа