Уставниот суд вчера донесе времена мерка за одредби од законот за вработени во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Правилникот за задолжителни елементи во јавниот оглас при вработување во јавен сектор што се однесуваат на етничката припадност, односно одредби од акти кои беа оспорени од страна на Државната комисија за спречување на корупција. До носење на конечна одлука од страна на Уставниот суд овие одредби нема да се применуваат.
– Судот ги оцени наводите на Комисијата како основани, но и ги прошири сомнежите за неуставноста и незаконитост и за други одредби и по сопствена иницијатива поведе постапка за одредби од истите закони но и за подзаконски акти кои произлегуваат од нив, рече Беловска.
Во оваа фаза Уставниот суд, како што истакна портпаролката, изразува сомнеж дека се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот кои се признати во меѓународното право и утврдени во нашиот Устав, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, кои се темелни вредности на кои почива нашиот уставно-правен поредок.
Од Коалиција ВЛЕН велат „работиме на нов закон за решавање на прашањето за правична застапеност
Коалицијата ВЛЕН вчера објави реакција на одлуката на Уставниот суд за поведување постапка за оценување на уставноста и замрзнување на т.н балансер. Оттаму исто така информираа дека работат на нов закон за решавање на ова прашање.
– ВЛЕН остро реагира на одлуката на Уставниот суд за покренување на постапка за оценување на уставноста и замрзнување на т.н. балансер. Оваа одлука е инспирирана од очигледната потреба на криминалните структури на претходната власт за создавање меѓуетнички проблеми и дестабилизација на внатрешните односи во државата. Сакаме да укажеме на јавноста дека сите судии, без исклучок или каква било припадност, се избрани со гласови на ДУИ во претходните мандати. ДУИ давала поддршка на сите оние кои денес поведоа постапка против т.н.
балансер, се наведува во соопштението од партијата.
Коалицијата, како што се наведува, веќе работи на решавање на проблемот со правичната застапеност на Албанците во институциите, но на, како што стои, „адекватен систематизиран и кодифициран начин“ најавувајќи нов закон.
– ВЛЕН ќе го реши овој проблем со нов закон на кој веќе се работи. Да потсетиме дека принципот на рамноправна и правична застапеност е гарантиран со Уставот на Република Северна Македонија и тој не може да биде оспорен и поништен дури ни од страна на Уставниот суд. Дополнително, во десетици и десетици, можеби и стотици материјални закони за функционирањето и работата на поединечни институции гарантирана е застапеноста на Албанците. Денешната одлука нема да смени ништо за правата на Албанците, ама ја покажува лошата намера на оние кои ги избраа овие судии во Уставниот суд, посочуваат во соопштението од Коалицијата ВЛЕН.
Алијанса за Албанците од крилото на Зијадин Села, велат „Честито Таравари! Балансерот е укинат, нема повеќе вработувања за Албанците“
– По предупредувањата на претставниците на моноетничката Влада, Мицкоски, Димитриевски, Таравари, денеска Уставниот суд направи голем чекор од проектот за деалбанизација на државата, се истакнува во соопштението.
Оттаму велат дека „денешната одлука за укинување на Балансерот е удар за еден од главните столбови на Охридскиот договор, правичната и соодветна застапеност. Од денеска па натаму нема да има загарантирани работни места и именувања на раководни позиции на Албанците и другите немнозински заедници. Му честитаме на господинот Арбен Таравари за големата „победа“ против Албанците и сервилноста кон оваа антиалбанска Влада. Тој ги надмина Мицкоски и Димитриевски изразувајќи се дециден против вработувања по етничка основа и беше последниот соопштувач на оваа одлука што следеше денеска“.
„Го потсетуваме Уставниот суд дека ова беше институцијата која во историјата на државата предизвика најголема дискриминација и неправда и како резултат на тоа најстрашни немири. Ја потсетуваме сегашната моноетничка Влада, каде не се разликуваат веќе ни сервилните партнери, кои беа во еден глас со Мицкоски и Стоилковиќ, дека ја враќат државата 24 години назад, до времето пред потпишувањето на Охридскиот договор. Денеска цела јавност виде кои се сценаристите на дестабилизацијата и кој сака тензии. Обвинувајќи ги Албанците и прегазувајќи ги Албанците во исто време, нема да можете да ги реализирате вашите планови, а камоли да не искомплицирате и исплашите. Ние заедно со Албанците нема да прифатиме вакви самоволни одлуки, со етничко надгласување, кои ги уништуваат досегашните достигнувања од Охридскиот договор.
Ние, исто така, ќе ги алармираме гарантите на ОД, Меѓународната заедница, и ќе го кренеме нашиот глас на секаков демократски и легитимен начин.
Вие кои веќе ништо не вредите, а станавте сервилни и извршители на најтешките одлуки против Албанците, ќе останете долго запаметени во историјата по вашите предавства!“, се наведува во соопштението од Алијанса за Албанците.
Реагираше и потпретседателот на АА и поранешен министер за правда Кренар Лога
– Сите иницијативи што се однесуваат на прашањата за праведно и соодветно застапување, употребата на албанскиот јазик и другите етнички прашања во корист на немакедонските заедници ќе имаат иста судбина како прашањето за изводите од матична книга на родени, односно поништувањето на уредбата на министерот за правда и укинување на соодветните членови од законот. Треба да се истакне дека гласањето пред една година беше чисто етничко и мајоризирачко; такво беше и денес (6 македонски гласови наспроти 3 албански и турски), вели Кренар Лога.
Своеремено, вели Лога, македонската политичка елита го користеше Собранието на Македонија за да ги мајоризира Албанците. Сега, откако тоа им е оневозможено во Собранието, тие ја префрлија оваа практика во Уставниот суд.
„Додека во Уставниот суд не постои двојно гласање за законите со Бадентер, односно механизам за заштита на другите етнички заедници, ароганцијата на македонската политичка елита ќе се појави повторно, исто како во 1991 или 1997 година. За жал, Северна Македонија се лизга по пат кој е докажано фатален за неа. Денес, нашата држава ги дели патиштата: или ќе оди кон Европа, или кон „Српски свет“; или ќе остане Северна Македонија и европска, или македонската олигархијата ќе направи дел од неа да стане „Јужна Бановина“, нагласува Лога во соопштението до медиумите.
Од Партијата за движење на Турците ТХП) велат дека ги загрижува поларизацијата на етничка основа во Уставниот суд
– Со големо внимание и загриженост ги следиме дискусиите околу укинувањето на механизмот „балансер“, и Одлуката на Уставниот Суд каде ќе се “проверува уставноста на законите кои ја регулираат примената на балансерот” како и ставот на судот “дека националната припадност не може да е услов за место во администрација”. Факт е дека овие одредби имаат важна улога во правичната застапеност на етничките заедници и претставува една од клучните придобивки на Охридскиот рамковен договор, соопштуваат од ТХП.
Исто така, истакнуваат од ТХП, загрижувачки е што сме сведоци на поларизација на етничка основа во самиот Уставниот суд, кој е еден од најважните столбови на демократијата во нашата држава и треба да биде чувар на правата на сите граѓани.
„Свесни сме дека во изминатите години балансерот без исклучок беше злоупотребуван од сите етникуми. Партија за движење на Турците (ТХП), низ годините јасно и гласно ја нотираше оваа проблематика. Повикувавме и нудевме решенија за подобрување на самите механизми. Но сега, за да се надмине овој проблем, Владата треба да се насочи кон пронаоѓање нов модел кој ќе ги минимизира злоупотребите. Укинувањето на овој механизам не само што ќе биде сериозен удар врз правичната застапеност на немнозинските заедници, туку и сериозно ќе ги наруши меѓуетничките односи. Потсетуваме дека Уставниот суд ја има надлежноста за да ја штити уставноста и законитоста во државата, но не за нарушување на самата уставност. Партијата за движење на Турците (ТХП) ги повикува сите чинители на општеството на непристрасен и разумен пристап кон ова сериозно прашање“, се наведува во соопштението од ТПХ.
Ј. Ѓ.